Година на предизвици – како да се продолжи да се живее со пандемијата – образованието повторно исправено пред нови „реформи“, обиди за подобрување или експерименти направени без претходна проверка или пилот-програма. Културната сцена живуркаше, некои театри подобро, некои понеинвентивно се снајдоа со новата корона-сезона. Важни изложби, неколку ретроспективи на големи уметници, современи автори се случија во текот на годината.
Младите олимпијци во различни области нè правеа горди, речиси од секоја олимпијада, младите математичари, физичари, информатичари се враќааа со медали. Умно.мк ги следеше нивните успеси, ги споделуваше нивните приказни. Ви одвојуваме некои од најчитаните текстови на нашиот медиум од април, откако постоиме.
За е-учебниците, смрдливите тоалети и западните идеали
Не постои разумен човек во Македонија кој има против реформи во образованието, развој, дигитализација, унапредување во согласност со новите технолошки достигнувања. Но, кога последен пат сте влегле во некое основно училиште што не било лани изградено или реновирано, без претходно да се најавите? Сте прошетате ли низ ходниците, да ве удри реата по која генерации го паметат училиштето? Сте влегле ли во некоја училница, па да седнете на потскрешните столчиња (внимавајте, се кинат здолништа од шајките), патосот половина изваден? Дали сте влегле во кабинет по хемија, билогија, физика? Дали сте виделе со што се опремени училиштата? На запад интерактивни табли беа во „мода“ пред една деценија. Ние сѐ уште имаме училишта без ниту една или има само една за да се фалиме со неа. Дали можеби посетивте некое од илјадниците ученици за кои рековте дека немаат уреди да ја следат онлајн-наставата? Или доволни беа часовите на МТВ? Кој ќе одговара за тоа што пропуштија една учебна година без образование?

УНЕСКО ја прогласи Длабока Река во Маврово за светско природно наследство
Буковата шума по течението на Длабока Река е впишана на Листата на светско наследство на природата на УНЕСКО на 44. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа онлајн, а домаќин беше Кина. Шумата, дел од Националниот парк Маврово е второ природно добро од земјава што се најде на листата на УНЕСКО, по Охридскиот Регион кој е прогласен за мешано наследство, природно и културно. Шумата кај Длабока Река, лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на Радика беше на тентативната листа (листа на чекање) од 2019 година. Со прогласувањето стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, впишано на листата во 2007 година. Територијата на доброто е проширена во 2011 и во 2017 година, а деновиве уште десет земји се вкулени во споменикот на природата: Босна и Херцеговина, Чешка, Франција, Италија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Србија, Словачка и Швајцарија.

Тања Бајрактарова-Веда за образованието во Шведска: Моите деца ретко учат од учебници дома, наставни ресурси има во изобилство
Дванаесет години работа како наставник по математика во државни основни и средни и приватни училишта во Македонија, пишување раскази во списанието за деца „Другарче“, книги, математички приказни низ кои се обидуваше на поинаков начин да им ја приближи оваа наука на најмалите. Тања Бајрактарова-Веда вели дека нејзините работни места имаат „шаренолик“ опсег, а најголема придобивка е искуството. Таа речиси три години живее во Шведска. Работи како наставник што им помага на новодојдените ученици од Македонија кои имаат потешкотии во совладувањето на наставните единици поради недоволно познавање на шведскиот јазик. Истовремено студира на Стокхолмскиот универзитет за да може да предава математика во основно или средно училиште. Со Бајрактарова-Веда разговараме за нејзиното лично искуство со шведскиот образовен систем како мајка на две деца. Вели дека сите примери се однесуваат на училиштето каде учат нејзините деца и не се однесуваат на цела Шведска.

Д-р Горан Јанев
30 години Македонија: Од функционална држава до башибозук со сваровски-судство
Замислете си да изградевме заедница на рамноправни граѓани, со еднакви шанси за искачување по скалилата на општествената мобилност, да немавме такво класно раслојување, да ги немаше новиве копуци, бесчувствителни богаташи, речиси со дијагноза социопати, лажни бизнисмени, затоа што бизнисите им се базираат речиси исклучиво на поврзаност со властите и на корупција… Каква земја ќе беше тоа, вели во интервјуто за Умно.мк д-р Горан Јанев, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Денеска Македонија прославува 30 години независност. Со Јанев разговараме за изминатите три децении, што имавме во федеративната држава, а што направивме по осамостојувањето. Јанев дипломирал етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а магистрирал социологија на ИСППИ. Докторирал социјална антропологија во 2006 година на Универзитетот во Оксфорд. Бил постдокторанд во Институтот „Макс Планк“ за истражување на религиозни и етнички различности.

Сребра Ѓорѓијевска
Дигитализација на македонски начин – јуриш во фотокопирница!
Училиштата се вторите домови на нашите деца и таму треба да се чувствуваат безбедно, топло, како дома. Но, не сум сигурна колку долго ќе трае радоста, ако се знае дека, барем во Скопје и поголемите градови, паралелките во основно и во средно се со по 30 деца и повеќе, дека учениците не се поделени во групи и дека можноста за растојание е невозможна. Оставени сме на личната свест, да се реагира на време и при најмала можност за „ситуација“.
Онлајн-наставата во три полугодија беше само еден експеримент на нерви – обид да се спаси нешто што не се спасува, за кое не беа виновни ниту наставнциите, ниту учениците, ниту родителите. Беше повеќе нешто отколку ништо. Но, тој обид не смееше да продолжи во уште една учебна година. Со 54 недели седење дома, нашите деца се дефинитивно шампиони во Европа.
Ќе научат ли општините и МОН дека нивна должност, обврска е да ги прошират училиштата, да го подобрат просторниот капацитет, да вработат уште наставници таму каде што има потреба. А не, пак да се полнат училниците со повеќе од 30 првачиња, иако тоа не е законски. Зошто еднаш не се сликате во овие училници, а не упорно ја замајувате јавноста со фотографии во училници во помало место каде секое дете само седи во клупа?

Проф. д-р Владимир Петрушевски
Проф. д-р Владимир Петрушевски: Кој вели дека квалитет ќе добиеме ако се обединат наставни предмети?!
„Јас сум еретик и од тука ќе искажам ерес. Јас сум против реформи“, рече проф. д-р Владимир Петрушевски на излагањето во Собранието каде тој, во името на Природно-математичкиот факултет од Скопје кажа што мисли за најавените реформи во основното образование. Тој зборуваше отворено дека најмалку од сè ни се потребни избрзани реформи. За повеќе предизвици во македонското образование и наука, разговаравме со проф. Петрушевски, кој во последните две децении беше редовен професор на Институтот за хемија во Скопје, каде докторирал под менторство на академик Бојан Шоптрајанов. Главни подрачја на неговиот научен интерес се истражувања во областа на образованието по хемија, особено кон методиката на хемиското експериментирање. Објавувал во списанија во Македонија и во странство, бил декан на ПМФ (1997–1999), проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во претходниот состав.

Со чоколадна „буба“ и OLDIONIS колачиња Грозданка ќе го одржува Музејот на најголемиот колекционер на олдтајмери во Неготино
Дионис ни остави многу работа. Дали ние ќе ја довршиме или ќе остане за внуците, ќе видиме. Вака нè пречека Грозданка Пашлакова, сопруга на Дионис, најголемиот македонски колекционер на олдтајмери и херој на наградуваниот документарен филм „Со љубов“ на Илија Цветковски.
Тој во 2015 година го отвори првиот Музеј на олдтајмери во Македонија кој се наоѓа во Индустриската зона во Неготино. Беше професор по биологија во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ кој држеше часови на македонски и француски јазик. Професорот, за жал, почина лани во ноември на 72-годишна возраст, по неколку месечна битка со тешка болест. Но, неговото семејство со голема љубов и посветеност се грижи за Музејот на стари автомобили, засега единствен во Македонија.

Весна Ивановска-Илиевска
За нашите талентирани деца: Извини Александар, доцниш три дена
Младиот Александар Трајковски денес е еден од најдобрите студенти на Факултетот за хемија и технологија во Љубљана. Завршува прва година. Лани до последен ден се мислеше дали да го продолжи своето образование во Македонија или во Словенија. Низа несреќни околности придонесоа да не го фати рокот и да конкурира за заслужената парична награда што ја доделува државата откако освои медал за Македонија на Меѓународната олимпијaда по хемија IchO-2020. Страницата на МОН била хакирана, службеникот не прочитал мејл, портирот тој ден бил на боледување… И покрај пишувањата на медиумите, МОН го задржа ставот дека награда ќе добијат сите што конкурирале во рокот. Така велел законот. Законот кој во Македонија го крши кој ќе стигне. Законот поради кој носиме нов закон за легализација на дивоградби, законот кој толку го испочитувавме што Охридскиот Регион ќе биде симнат од Репрезентативната листа на светското наследство, законот поради кој едни освојуваат медали, а други им ги земаат наградите.

Претставен дигиталниот учебник по македонски јазик за 4. одделение
Авторката на учебникот проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, универзитетски професор на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет во Скопје, која го подготви и учебникот за 1. одделение. Таа е ќерка на Ѓорѓи Делчев, автор на добро познатиот „Буквар“ во времето на Југославија.
Делчева-Диздаревиќ вели дека во првите дигитализирани учебници по македонски јазик за 4. одделение има многу различни содржини од програмското подрачје Јазик – граматички дел, кои ќе бидат изучувани и совладани преку дигитални квизови.
– За разлика од материјалите во учебникот за 1. одделение каде вниманието е насочено кон описменувањето, во материјалите од 4. одделение најмногу ќе се работи на логичкото и изразно читање. Учениците во овој период на нивното образование треба да го разбораат тоа што го читаат и потоа истото убаво, естетски да го прочитаат – вели Делчева-Диздаревиќ.
Дамјан Давков
Дамјан Давков испиша историја – освои сребро и стана најмладиот медалист од Европа на Интернационалната математичка олимпијада
Сребрен медал освои Дамјан Давков, намладиот член на тимот што ја претставуваше Македонија на Интернационалната математичка олимпијада која се одржа онлајн, а чиј домаќин беше Санкт Петербург. Бронзени медали освоија Никола Спировски и Блаже Суклевски, а пофалници – Лука Грашковски и Јасна Илиева. На ИМО 2021 успешно учествуваше и Марија Атанасова, соопшти Сојузот на математичари на Македонија кој го организираше нашето учество.
Лидер на тимот беше проф д-р Ристо Атанасов, а заменик-лидер, проф. д-р Мирко Петрушевски. Во подготовките на тимот придонесоа и Никола Велов, Илија Јовчески и Петар Филиповски.

Се распаѓа Билазора, престолнината на Пајонците кај Свети Николе
Се распаѓа Билазора, престолнината со која владееле Пајонците во 5. и 4. век пред новата ера. Излупен е фрескоживописот со црвена боја на владетелската палата, камените блокови од ѕидовите се сосема изронети, заштитните најлони заковани врз заштитните дрвени конструкции се одамна однесени…
Археолошкиот локалитет Градиште се наоѓа до селото Кнежје, оддалечен е 5 километри од Свети Николе. До него се стига преку асфалтиран пат кој ве води до влезот каде ве пречекува голема железна врата со катанец и табла: „Антички град Билазора, споменик на културата заштитен со закон“. Лево, огромна дупка во оградата преку која непречено влегувате во светот на Пајонците. Објектите на кои археолозите интензивно работеа до пред неколку години денес се обраснати со трева. Три огромни питоси – керамички садови кои служеле за чување на жито, останале вкопани во земја, но грлата се надвор. Се забележуваат откршени делови, оштетувања од неодамна.

19-годишен Германец ги учи младите Македонци за одржлив живот во екосело
Роден е и израснат во екосело во Германија, каде пред 24 години неколкумина луѓе решилe да обноват стара напуштена фарма и да живеат сплотени со природата. 19-годишниот Тил Антон Брич деновиве се бори со неподносливата жештина во Скопје. Тука живее веќе пет месеци и волонтира со единствена цел – да го сврти вниманието на младите Македонци кон климатските промени. Едукативните практични предавања се на различни теми – како да создадете вертикални градини, како да сплетете нешто од волница, што ѝ прави текстилната индустрија на планетата и нецелосното искористување на облеката што ја носиме. Предавањата ги одржува во просториите на Europe House во Скопје, Струмица, Крива Паланка и на други алтернативни локации.

Менуваат националност за работно место
Повеќе од 20 години ги истражува археолошките локалитети во земјава, а нема ниту еден ден работен стаж. На студ, под жешкото сонце, на локалитети под вода, археологот Валентина Тодороска е редовен член во археолошките тимови во Македонија и во регионот. Соработувала скоро со сите музеи во земјава, а последниот долгорочен ангажман на договор на дело ѝ бил во „Д-р Никола Незлобински“ во родната Струга. Кон крајот на 2019 година музејот објавил оглас за вработувања. По четирите години работа како хонорарец, Тодороска се пријавила надевајќи се дека конечно ќе ѝ се реши статусот.

Не постои научник што си заминал, а да не сака да придонесе нешто за Македонија
Научници од Македонија вработени на врвни универзитети во светот ќе се обидат да го кренат рејтингот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на светските листи преку новоформираниот Центар за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ. Центарот беше промовиран вчера во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на науката. Поттикнати од ентузијазмот на д-р Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство на Политехничкиот универзитет во Монтреал, Канада, докторите на науки Јадранка Стојановска, професорка на Медицинската школа „Гросман“ во рамките на Универзитетот „Њујорк“, Розита Димова од Одделот за јазици и култури при Универзитeтот „Гент“ во Белгија и Петар Поповски, професор на Одделот за електронски системи при Универзитетот „Алборг“ во Данска решиле да придонесат во интердисциплинарноста и развојот на науката во Македонија. Сè почнало со неформалните средби „С(ц)иеста“, секоја среда на блогот „Кантарот“.

Ема Попоска
Ема Попоска живее во Хонг Конг и на 13 години го сними првиот документарец
Ема Попоска има само 13 години, а веќе се профилира како млада фотографка и писателка. Родена е во Македонија, а веќе десет години со своето семејство живее во Хонг Конг. Освен стандардното училиште, таа посетува и часови за пишување сценарија, телевизиска и театарска глума. Нејзина страст е водата, океанот и желбата да ја подигне свеста за нивна заштита.
– Кога бев шесто одделение требаше да направиме изложба и јас ја одбрав темата за океанот и за коралите. За да научам повеќе за животот во морето не ми беше доволно само да читам, туку одлучив и да земам часови за нуркање. Така на 10 години станав нуркач. Ама уште од мала многу сакам да бидам на море, да пливам, да сурфам и да едрам. Така се роди и мојата желба да го заштитам морето и морските суштества – вели таа.

Марија Савеска
Марија Савеска без музика и танц не може да си го замисли секојдневието
18-годишната Марија Савеска од Скопје е една од девојките што учествува во изложбата „И јас сум тука“, што е поставена во Кинотеката на Македонија, проект чија цел е борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост. Музиката ја прави среќна, а особено кога самата танцува или пее. Марија Савеска (18) посакува да има што поголема пристапност до секаде каде што сака да стигне, да може слободно да гледа театарска претстава, да оди на изложба, да не се чувствува дискриминирана…
Марија завршила средно училиште во „Браќа Миладиновци“ во Скопје оваа година. Средношколските денови и биле убави, се дружела со своите соученици. Таа не може долго време да чита и затоа во делот со учењето ѝ помагале родителите, ги слушала лекциите, па учела.

Маја Кирковска
„Како да ја создадете сопствената среќа во шест чекори“ одговара на состојбата во која се наоѓаме
Македонската уметница Маја Кировска учествува на актуелната, втора по ред Меѓународна уметничка изложба „Надвор од границите“ во Јужна Кореја со делото „Како да ја создадете сопствената среќа во шест чекори“. Објаснувајќи го делото и начинот на кој ѝ го нуди на публиката, Кировска укажува дека станува збор за преработка на нејзино постаро дело, составено од шест фотографии коишто во последователни чекори во стилот на упатствата „направи сам“ ни покажуваат како од трилисни детелини да се изработат четирилисни со лепење на четвртиот лист. Изборот да се презентира со ова иронично дело го направила, како што вели, бидејќи совршено одговара со состојбата во која се наоѓаме изминативе две години.






