Асфалтиран пат ве води до влезот каде ве пречекува голема железна врата со катанец и табла: „Антички град Билазора, споменик на културата заштитен со закон“
Се распаѓа Билазора, престолнината со која владееле Пајонците во 5. и 4. век пред новата ера. Излупен е фрескоживописот со црвена боја на владетелската палата, камените блокови од ѕидовите се сосема изронети, заштитните најлони заковани врз заштитните дрвени конструкции се одамна однесени…
Археолошкиот локалитет Градиште се наоѓа до селото Кнежје, оддалечен е 5 километри од Свети Николе. До него се стига преку асфалтиран пат кој ве води до влезот каде ве пречекува голема железна врата со катанец и табла: „Антички град Билазора, споменик на културата заштитен со закон“. Лево, огромна дупка во оградата преку која непречено влегувате во светот на Пајонците. Објектите на кои археолозите интензивно работеа до пред неколку години денес се обраснати со трева. Три огромни питоси – керамички садови кои служеле за чување на жито, останале вкопани во земја, но грлата се надвор. Се забележуваат откршени делови, оштетувања од неодамна.

Продолжуваме понатаму, на локацијата каде во 2014 година беше откриена владетелската палата. Ѕидовите пронајдени „ин ситу“ (недопрени од времето кога престанал животот тука) на кои научниците беа толку горди дека се сочувани во голема мера, денес се изронети. Пајонците објектите ги граделе од камен-песочник, кој под временските влијанија почнал да се рони и распаѓа. Под паднатата лимена конструкције се гледаат скалила, едно веќе изронето, до нив легнат изжлебаниот столб кој ги држел богато украсените коринтски капители. Два од нив сè уште стојат до една од портите.
– Не сум бил одамна на Билазора. „Немам стомак“ да отидам – вели археологот, проф. д-р Драги Митревски.
Тој со години раководеше со истражувањата како претставник од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје кој ископуваше во соработка со Народниот музеј во Свети Николе. Митревски вели дека последен пат ископувал на Билазора во 2017 година, кога биле истражени околу 80 отсто од акрополата на градот – остатоците од владетелскиот комплекс со кралската палата и еден храм.

За време на истражувањата на Билазора / Фото: од архивата на проф. д-р Драги Митревски
– Тогаш директорот на музејот во Свети Николе ни рече дека веќе нема да се истражува локалитетот, дека ќе ги покријат откриените објекти, не им треба нашата стручност. Тие се надлежна институција, но немаат човечки ресурси кои можат да ги спроведат истражувањата. Требаше да одиме против законот ако истражуваме без нив. Така остана… Да работевме таа година со 10.000 евра ќе ја завршевме комплетно акрополата, ќе можеше да се конзервира – објаснува Митревски.
Александар Данев е в.д. директор на Народниот музеј во Свети Николе, институција надлежна за археолошките ископувања на локалитетот, но не и за заштита и конзервација. Тој дел е под ингеренции на Заводот за заштита на спомениците и музеј од Штип. Данев вели дека последен пат на Градиште се ископувало во 2018 година.

– Кога заврши таа етапа, решивме да престанеме со ископувања зашто веќе голем дел од објектите на акрополата беа истражени, но конзервацијата воопшто не беше почната. Чекавме одобрение на конзерваторски проект од штипскиот Завод и музеј. Без тој документ не може да почне заштитата. Проектот беше вратен на ревизија и помина подолго време. Лани побаравме од Управата за заштита на културното наследство да направи инспекциски надзор. Билазора е болка на сите нас. Кога се спомнува локалитетот сите прстот во вперуваат кон нас, но ние не сме надлежни за заштитата. Немаме ниту кадар за истражување, вработен е само еден археолог – вели Данев.
Заради комплексноста на Билазора, музејот од Свети Николе во март потпишал меморандум за соработка со Филозофскиот факултет од Скопје. Се преговара и со други национали установи за да се вклучи искусен кадар во делот на истражувањата и на планирањето, заштитата и примена на современи методи и технологии преку поврзување со странски институции.

– Преку Филозофскиот факултет сакаме да се поврземе и со странски институции кои можат да се вклучат во истражувањата, пред сé со неинвазивни методи – вели Данев.
Од Министерството за култура потврдуваат дека музејот од Свети Николе побарал итна заштита на локалитетот, па лани тим од УЗКН извршил инспекциски надзор на откриеното недвижно добро.
– Констатирани се проблемите и состојбата на откриените елементи и дејствата што треба да се превземат. Владетелската палата која е дел од акрополата превентивно е заштитена, но потребна е неодложна конзервација на откриените објекти. Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, како надлежна институција за заштита, има изработен и одобрен проект за конзервација на владетелската палата. Проектот е поднесен во Министерството за култура – велат за Умно.мк од ресорното министерство.

Оваа година Министертсвото одобрило пари за елаборат за ревалоризација на археолошкиот локалитет Градиште. Одобрени се и 400.000 денари со кои светиниколскиот музеј годинава ќе ги конзервира археолошките предмети пронајдени на Билазора.
– Има многу предмети за секојдневна употреба – разновидни керамички садови, алат и орудија, накит, делови од облека, оружје, монети и предмети со непозната намена – велат од Министерството.
Митревски вели дека и покрај сè, уште не е изгубен локалитетот. Оштетените делови со конзервација може да се вратат во добра состојба.
– Сега Билазора е како пациент на оперциона маса. Хирурзите завршиле сè, го отвориле пациентот, откриле што го мачи, го исчистиле ткивото, но не го сошиле… И така стои отворен четири години… – вели тој.

Убикацијата на Билазора прв ја дал професорот и археолог Иван Микулчиќ во 1976 година. Посериозните истражувања почнаа во 2008 година кога археолозите пронајдоа дел од влезната врата и од бедемот на акрополата на градот. Во наредните години продолжија истражувањата во кои беа вклучени и археолози од Фондацијата за археолошки и историски истражувања од Хјустон, Тексас, а учествуваа и археолози од повеќе земји.
Локалитетот се простира на површина од повеќе од 20 хектари. Митревски вели дека според движните наоди и белезите на архитектурата, резиденцијалната палата била во употреба во 5 и 4 век пр.н.е. Во тоа време, кога со Долномакедонското кралство владееле Александар Први или Пердика Втори, според историските извори, на оваа територија можело да има само пајонски владетели. Тие имале независност од македонската империја за да ја чуваат од северните напади. Митревски додава дека ги спомнува Тукидид во втората половина на 5 век пр.н.е – независните Пајонци, а нивниот најголем град бил Билазора.
Хомер ги спомнал Пајонците во култната „Илијада“. Тие се бореле на страна на сојузниците, под ѕидините на Троја. Кога ги опишува сите народи нему познати кои учествувале во војната, ги спомнал „Пајонците од широкостројаниот Вардар“.






