Згрешивме на самиот почеток кога наместо да надградуваме почнавме да рушиме, сè, без идеја што и како ќе изградиме на тоа место, вели проф. д-р Горан Јанев

Замислете си да изградевме заедница на рамноправни граѓани, со еднакви шанси за искачување по скалилата на општествената мобилност, да немавме такво класно раслојување, да ги немаше новиве копуци, бесчувствителни богаташи, речиси со дијагноза социопати, лажни бизнисмени, затоа што бизнисите им се базираат речиси исклучиво на поврзаност со властите и на корупција… Каква земја ќе беше тоа, вели во интервјуто за Умно.мк д-р Горан Јанев, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Денеска Македонија прославува 30 години независност. Со Јанев разговараме за изминатите три децении, што имавме во федеративната држава, а што направивме по осамостојувањето. Јанев дипломирал етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а магистрирал социологија на ИСППИ. Докторирал социјална антропологија во 2006 година на Универзитетот во Оксфорд. Бил постдокторанд во Институтот „Макс Планк“ за истражување на религиозни и етнички различности.

Од денешен аспект, со сиот свој професионален багаж како професор по социјална антропологија, како би ја опишале Македонија пред 30 години?

– Накратко, како функционална држава, за разлика од денес. Со уредено и почитувано образование, здравство, систем на здравствена заштита и со добро развиена култура и активна, влијателна, отворена алтернативна сцена. Како една од државите која учествуваше во еден поголем сојуз што ѝ овозможуваше културна, економска, образовна и научна размена и соработка. Како заедница во која јасно беа одредени основните општествени вредности, каде професиите беа почитувани и вреднувани како што доликува, каде еден доктор или професор значеше авторитет и каде постоеше взаемна почит. Заедница со изграден вредносен систем, со силен морален код, слободна и поврзана земја. Заедница која ги почитуваше основните хуманистички постулати. Тогаш имавме женски рокенрол бенд.

Проф. д-р Горан Јанев

Од „оаза на мирот“, преку внатрешен меѓуетнички воен конфликт, до бесконечен марш во место пред портата на ЕУ. Каде згрешивме?

– Згрешивме на самиот почеток кога наместо да надградуваме почнавме да рушиме, сè, без идеја што и како ќе изградиме на тоа место. Најголемата грешка, сепак, беше воведувањето на етнополитичката мобилизација како водечки политички принцип. Наместо братски и здружено да ја градиме државата, дозволивме да нè совлада националистичкиот наратив. Можеби таа дезориентираност се должи на фактот дека се стекнавме со независност без да ја посакуваме, па останавме самостојни сакале-нејќеле. Никогаш не изградивме ниту внатрешно македонски консензус, ниту македонско-албански консензус. Наеднаш нешто станавме газди, па Албанците станаа малцинство, па наместо заедно да градиме, тргнавме по патот на раздвојување. Тоа се потоа процеси (шизмогенетски, на постојано раздвојување) кои се тешко запирливи заради природата на етнополитиката, која постојано мора да се радикализира за да опстои или ја губи својата смисла низ партиско внатреетничко наддавање. Тоа генерира конфликтен опозициски наратив кој мора да инсистира на тоа дека политичките претставници на етносот на власт се предавници, па се поставуваат нови и нови барања, ограничувања, привилегии, сè во име на вистинската заштита на интересите на својата етничка група и така во недоглед. Како деца кога се караат за нова играчка. А во однос на ЕУ, исто така згрешивме од почетокот кога уште со Лисабонската конференција ни беше кажано дека ќе мора да го смениме името, што не ја исправивме ЕУ да ја преземе апсурдната улога на кум, односно, преговорите не требаше да бидат билатерални, туку помеѓу Република Македонија и ЕУ. Згрешивме што прифативме привремена референца за прием во ОН каде ние, всушност, сме оснoвачи, ама кој да им каже на Македончињата дека имале држава уште од АВНОЈ и АСНОМ. А тоа дека во меѓувреме си ја цицавме и разграбувавме економијата и општеството и се доведовме до башибозук со сваровски-судство, клиентелизам и непотизам и да ни царува корупцијата, не ни е крива ни ЕУ ни Цацко. И немаме женски рокенрол бенд!

Три денецении гледаме во иднината, обидувајќи се да го стигнеме Западот економски, технолошки, образовно, културолошки. Во меѓувреме сегашноста исчезнува низ ерозија. Кога ги изгубивме основните стандарди на човечко достоинство?

– Ќе се повторам, од самиот почеток. Капитализмот, во кој упаднавме како во жива кал, има само една и единствена суштина – создавање профит. Тој диктат за капиталистичко профитирање може да биде оставен непопречено да голта ресурси, природни, општествени и човечки, како кај нас, или може да се заузда, облагороди, припитоми и уреди според потребите на заедницата, сегашни и идни. Ние си го уништивме Геодетскиот завод, па како да знаеме со какви рудни, минеролошки потенцијали располагаме; ние го затворивме Заводот за урбанизам, а тргнавме во безмилосна градежна офанзива по секој празен агол во Скопје. Ова само за пример како ние се самоуништуваме бидејќи ние си ги ослепевме очите, си го испразнивме умот и сакате да развивате економија, општество? Капитализмот, пред сè, е инфраструктура: кој има пристап до ресурси и до пазари, тој има можност да го оплодува капиталот. Инфраструктурата подразбира и патишата и пруги, водоводни системи, комуникациски мрежи, но и образовна, културна, здравствена, административна поддршка итн, итн. Тоа ние не го градиме упорно со децении, туку правиме сè спротивно. Ние дозволивме во интерес на некој увозник на шеќер да ја затвориме Шеќераната, некој трговец со стакло да ја утепа Стаклара, некој трговец со прозорски рамки да ни ја затвори „Алуминка“. Па колку прозорци и врати се поставија за овие триесет години од увоз, не можевме ли ние да ги произведуваме?

Кината, библиотеките, театрите, училиштата и универзитетите и домовите на културата ни станаа товар, непотребен баласт во капиталистичкото уредување, а не културно-образовна инфраструктура низ која ќе се градиме како личности и низ кои ќе ги градиме и описменуваме новите генерации. Замислете си само да ни се случеше спротивното сценарио, да изградевме заедница на рамноправни граѓани, со еднакви шанси за искачување по скалилата на општествената мобилност, да немавме такво класно раслојување, да ги немаше новиве копуци, бесчувствителни богаташи, речиси со дијагноза социопати, лажни бизнисмени, затоа што бизнисите им се базираат речиси исклучиво на поврзаност со властите и на корупција, каква земја ќе беше тоа? Да се изразам во патриотскиот идиом кој сите толку го милуваат, мислам дека ќе им дадевме сила и на другите Македонци во соседството да ја сакаат и посакуваат, мислам дека и Албанците од Македонија и од соседството ќе ја сакаа и почитуваа, мислам дека ЕУ самата ќе нè молеше за членство, ама ова што го зборувам тука испаѓа бајка, а нивното пљачкосување е многу пореално. А, и немаме женски рокенрол бенд.

Каде ја гледате Македонија за 30 години?

– Од надвор, се надевам! Како и огромен број луѓе кои ќе ја напуштат за никогаш да не се вратат. Крволочното грабање моќ, економска и политичка, си има свои последици. Бесперспективноста на младите е убиствена за иднината на една земја. На толку корупција, правна несигурност, партизирано судство, урнисано здравство (намерно за да се овозможи развојот на приватното, односно бизнисот на неколку газди), намерно и континуирано нефинансирање, запоставување и потценување на високото образование и науката, изразена партизација во културата, што треба еден млад човек да очекува? Безмилосната транзиција доведе до огромно раселување во сите земји од поранешниот Источен блок и дали се работи за Бугарија, Романија, Полска, сите тие се соочуваат со сериозна криза на депопулација. Депопулацијата на Македонија ќе биде уште побрзо и потрагично почувствувана. Не знам искрено дали Македонија ќе опстои уште три децении. Нешто ќе има таму, ама дали тоа ќе може да се нарече држава, општество, заедница, искрено, не знам. Се чини дека ние постоиме само како граница, како тампон зона помеѓу останатите држави околу нас; тие да ги немаат исцртано своите граници кон нас, ние можеби и не би постоеле. Излеговме грешка, без државотворен инстинкт. И не знам дали ќе имаме женски рокенрол бенд!

Фото: Од гостување во емисијата 360 степени 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.