Приказната е објавена во рамките на иницијативата „Умни млади“ на Умно.мк во соработка со Europe House Skopje
Роден е и израснат во екосело во Германија, каде пред 24 години неколкумина луѓе решилe да обноват стара напуштена фарма и да живеат сплотени со природата. 19-годишниот Тил Антон Брич деновиве се бори со неподносливата жештина во Скопје. Тука живее веќе пет месеци и волонтира со единствена цел – да го сврти вниманието на младите Македонци кон климатските промени. Едукативните практични предавања се на различни теми – како да создадете вертикални градини, како да сплетете нешто од волница, што ѝ прави текстилната индустрија на планетата и нецелосното искористување на облеката што ја носиме. Предавањата ги одржува во просториите на Europe House во Скопје, Струмица, Крива Паланка и на други алтернативни локации.
Тил е роден во Линебург, близу Хамбург и живее во Зибен Линден, екосело кое денес има околу 150 жители. Со него разговараме за овој несекојдневен начин на живот, за заедницата која веќе четврт век е свесна за климатските промени, за тоа што ѝ прави човештвото на планетата, трошејќи ги стихијно нејзините ресурси. Како е да се расте во мала и изолирана заедница каде пермакултурата е животна филозофија.
– Бидејќи сите меѓусебе се познаваат, степенот на доверба во селото е на многу високо ниво, толку високо, што дома никој не заклучува врата. И покрај тоа што сè е отворено, не е регистрирано ниту едно криминално дело откако е формирано селото, пред 24 години. Родителите никогаш немаат причина да се грижат каде се децата, со кого си играат, кого посетуваат. Сигурни се дека децата секаде се на сигурно. Од друга страна, можеби малку задушува тоа што постојано си опкружен со истите луѓе. Тоа е докажано во рамките на секое семејство – заедничкиот и близок живот секогаш со себе носи расправии и конфликти. Но, сè додека тие се решаваат достоинствено и со почит, апсолутно не е никаков проблем – раскажува Брич.
Како Зибен Линден станало самоодржливо екосело
Зибен Линден е самоодржливо екосело. Неговиот развој во изминатите 24 години е навистина импресивен, особено во првите 10 години кога биле неопходни многу напорна работа и труд.
– Денес резултатите се восхитувачки. За мене најизвонреден дел е конзистентноста на селото. Знам многу нови, високомотивирани екозаедници што не успеаја и се откажаа по само неколку години, најмногу затоа што им недостигаше структура, систем и немаа заедничка визија. Зибен Линден има многу добро елабориран систем за донесување одлуки и административни работи, а тоа е причината за мирно заедничко живеење и стабилен раст и развој 24 години. Главни столбови на нашиот заеднички живот се социјална кохезија и диверзитет, одржлив начин на живот, економска правда и солидарност и промоција на личниот развој – раскажува Тил.
Иако Германија е земја со една од најразвиените индустрии на светско ниво, селото не добива специјални средства од државата, но добиваат финансиска поддршка за нивните проекти од државни фондови и од Владата.
– На пример, градиме целосно нова гостинска куќа со пари од Европската Унија, дури и од голема германска лотарија. Сè повеќе големи компании се заинтересирани да нè спонзорираат за да го раззелениме нивниот имиџ, што е прилично голема морална дилема за нас – објаснува тој.
Од екосело во Германија до волонтирање во Скопје
Тил завршил највисок степен на средно образование во интернат на музичко училиште. Сакал да направи пауза помеѓу средното образование и факултетот за да се едуцира на попрактичен и неформален начин. Додека истражувал како да го стори тоа, наишол на ESC (Европскиот солидарен корпус) и ja пронашол Асоцијацијата „Биди зелен“ (Go Green) со седиште во Скопје. Организацијата на тукушто завршениот средношколец му ја понудила Република Северна Македонија за волонтирање.
– Земја за која едвај имав нешто чуено. Се информирав и уште повеќе се возбудив зашто знаев дека ќе биде сосема ново искуство и предизвик. Сакав да избегам од просперитетниот и размазен „германски меур“ и да видам каков е животот во останатите делови од светот и што им е потребно да ги достигнат големите индустриски нации. Една година помината во Франција или Англија едноставно ми изгледаше здодевно – раскажува Тил.
Во Скопје е пет месеци и вели дека си поминува одлично. Луѓето често мислат дека се соочил со голем културен шок, но прилагодивањето му било многу лесно.
– Ментално бев добро подготвен и, искрено, очекував земјава да биде уште понеразвиена. Се вљубив во луѓето и во природата многу брзо, но исто така почнав да сфаќам што е погрешно кога станува збор за начинот на кој функционира системот. Најголем предизвик во моментот дефинитивно ми е немилосрдната жештина – вели Тил.
Главен фокус му е да ја крене свеста за климатските промени – голема и исклучително важна тема за целото човештво. Преку примерот со неговото село сака да им покаже на младите дека одржлив начин на живот е повеќе од возможен, без да се загуби многу од комфорот.
Една од интересните теми се вертикалните градини – едноставно решение за да се раззеленат градовите. Во нив дури може да се произведува храна. Бидејќи користат вертикални површини, не е потребен дополнителен простор и може да се имплементираат скоро секаде.
– Многу сакам да го комбинирам концептот на реупотреба на стари пластични шишиња кои стануваат новите саксии во кои растат садниците. Младите луѓе во Скопје особено беа заинтересирани за нив поради недостигот од зелени површини во градот. Во Струмица и во Крива Палaнка ова не горлива тема, но сепак сите заинтересирано слушаа и беа одлична публика – вели Тил.
Секое место на планетава има потенцијал
Иако земјава е богата со природни ресурси, има малку развиени села, најголем дел од нив се рурални. Тил е дециден дека секое место на планетава има потенцијал да прерасне во тоа што е неговото село денес. Зибен Линден е основано во многу рурална средина, без многу природни ресурси и на многу песоклива почва.
– Првото нешто што ви треба е да градите правилен мајндсет и образование за еколошките теми. Штом го усвоите ова, градењето на екосело е само прашање на време, труд и учење низ процесот. Многу е важно е да се стане што посамоодржлив, а тоа веќе го гледам на многу места тука. Сè уште има многу луѓе кои сами произведуваат храна што е многу подобро за животната околина, отколку да одите во супермаркет и да купите домати од Мароко. Ова може многу да ја олесни изградбата на вакви проекти во Северна Македонија. Луѓето само треба да научат како да одгледуваат храна на поодржливи начини, користејќи премакултура и слични методи – објаснува младиот Германец.
Кога тргнал од Берлин за Скопје со автобус, 26 часа слушал исклучиво традиционална македонска музика. На почетокот му било малку чудно на увото, но со текот на времето се навикнал на специфичниот звук.
– Пријателите тука ми посочија многу добри модерни бендови и уживам во нивната музика. Има многу талентирани млади музичари. Се надевам дека ќе можам да проследам што повеќе концерти – вели Тил.
Во моментот најтешко прашање му е што ќе прави откако ќе заврши со волонтирање. Вели, ако не излезе нешто поинтресно, ќе студира, веројатно нешто на полето на урбан дизајн или менаџмент на обновливи извори.
– Но, некако, сè уште ја чувствувам потребата да патувам, да видам уште повеќе места, да сретнам што повеќе луѓе и да учам од нив. Уште една година волонтирање/патување дефинитивно е возможна. Сигурно ќе дојдам повторно во Скопје. Не верувам дека ќе одлучам да останам тука, но секогаш ќе ја посетувам оваа земја. Но, кој знае? Можеби ќе размислувам поинаку откако ќе завршам со волонтирањето по една година. За 5 месеци запознав толку убави луѓе тука, што веќе имаат посебно место во срецето – вели тој.
На прашањето какво е искуството со работилниците и средбите со младите во земјава тој е изненаден од големиот интерес за темите за кои им зборува.
– Чувствувам дека помладите генерации се жедни за промена, но нема доволно луѓе да ги едуцираат за полето на еколошки и социолошки теми, па поради тоа нивото на знаење понекогаш е на релативно ниско ниво. Затоа сум сигурен дека дојдов на вистинското место – завршува Тил.