Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ беше промовиран вчера во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на науката

Научници од Македонија вработени на врвни универзитети во светот ќе се обидат да го кренат рејтингот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на светските листи преку новоформираниот Центар за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ. Центарот беше промовиран вчера во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на науката. Поттикнати од ентузијазмот на д-р Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство на Политехничкиот универзитет во Монтреал, Канада, докторите на науки Јадранка Стојановска, професорка на Медицинската школа „Гросман“ во рамките на Универзитетот „Њујорк“, Розита Димова од Одделот за јазици и култури при Универзитeтот „Гент“ во Белгија и Петар Поповски, професор на Одделот за електронски системи при Универзитетот „Алборг“ во Данска решиле да придонесат во интердисциплинарноста и развојот на науката во Македонија. Сè почнало со неформалните средби „С(ц)иеста“, секоја среда на блогот „Кантарот“.

– Полека, на тие наши наши разговори се собиравме сè повеќе и повеќе луѓе од цел свет. Јас долго време не бев во Македонија и на почетокот на 2020 година дојдов во Скопје да одржам неколку предавања на ФИНКИ. Тогаш се затвори светот. И почнавме средби на „зум“. Членовите на „С(ц)иеста“ беа непресушен извор на информации за коронавирусот, а „зум“ беше идеалната платформа за да размениме искуства и знаења меѓу себе – вели Стиков.

Тој објаснува дека „С(ц)иеста“ е всушност мејлинг-листа во која членуваат околу 300 истражувачи родум од Македонија, со дипломи од повеќе од 60 светски универзитети. Листата почнал да ја прави Кирил Гаштеовски, кој уште во 2019 пребарувал на „Линкдин“ и додавал електронски адреси на наши истражувачи во странство.

– Во поразвиени земји вакви истражувачи веќе би биле поврзани преку мрежи на алумни и донатори, ама не и во Македонија. Откако сум заминат од Македонија постојано барам начин како да се направи нешто дома. Мислам дека не постои човек што си заминал, а не сака нешто да придонесе. Низ овие средби се потврди желбата на многу научници. Како сите да чекаа нешто да се случи – вели Стиков.

Панелот го модерираше проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука при УКИМ. Таа рече дека идејата е Центарот да биде матица која ќе ги собере научниците кои преку коавторство би учествувале во многу меѓународни проекти. На тој начин ќе се привлечат и видни имиња од сите области на науката, а преку цитирањето на научни трудови ќе расте рејтингот на УКИМ.

Проф. Д-р Ордан Чукалиев, проректор за меѓународна соработка рече дека подолго време размислувале како да го зголемат рејтингот на Универзитетот и заклучиле дека прво треба да ја привлечат т.н. научната дијаспора.
– Додека баравме начин како да им пријдеме, сфативме дека тие со „С(ц)иеста“ веќе се самоорганзирале! Требаше или ние да почнеме од нула или да најдеме начин да го вклучиме на УКИМ тоа што веќе го правеа. Така се формираше Центарот – објасни Чукалиев.

Стојановска вели дека нејзина цел е што повеќе студенти да ја посетат болницата во Њујорк и да разменат пракса. Тоа веќе со години го прават на ниво на медицински факултети во двете земји.
– Сега може да се пренесе и на повисоко, универзитетско ниво. Не можеш да заборавиш од каде доаѓаш. Верувам дека три услови треба да се исполнети за да функционира Центарот: страст, да сакаш да ѝ вратиш на земјата каде што си се родил, целите, што сакаш да постигнеш и време, да се постигнат и исполнат обврските – вели Стојановска.

Според Поповски, на „С(ц)иеста“ сосема спонтано се собрале профили што ги покриваат скоро сите научни области. Интердисциплинароноста што ја нуди Центарот веќе овозможува Стиков и Стојановска да работат на заеднички проект на магнетна резонанца, а тука се и телекомуникации, област што тој ја покрива.
– Има многу можности. Треба да се одлучи како ќе се финансира Центарот, преку кои фондови или грантови. Искуствата со слични вакви центри покажуваат дека најдобро е да има луѓе што локално ќе бидат вработени за да може да се одржи динамиката – вели Поповски.

Димова вели дека мобилноста мора да постои. Таа сè уште не може да верува како успеале да се организираат за толку кратко време – да се состанат, Сенатот на УКИМ да го одобри Центарот и да тргне целата работа. Нејзина област е антропологијата, а теренеските истражувања ги спроведува во Македонија и нејзината околина.
– Отсекогаш сум сакала да придонесам нешто за науката во Македонија. Но, пред многу години не успеав да го нострифицирам докторатот поради некомпатибилност на програмите и веќе не се ни обидов. Не можев официјално да направам афилијација. Сега имаме шанса да правиме големи нешта – вели таа.

Според Чукалиев, сè уште се подготвува правилникот за работа на Центарот. Засега најдобро е афилијациите да одат преку единиците на УКИМ.
– Ни требаат млади капацитети, луѓе што ќе се обидат да го качат УКИМ погоре. Додека не биде готов правилникот, да се водиме според добрата волја на нашите научници во странство – рече Чукалиев.

Следен чекор е промоција на Центарот во пошироката јавност. Според Стиков, за втората половина на декември веќе се подготвуваат панели со досегашни учесници на „С(ц)иеста“ каде веќе ќе може да се договараат конкретни предлози. Панелите ќе бидат отворени и за академската заедница и за медиумите.
– Не сакаме елитистички Центар, туку да отвориме канали за соработка од надвор со Македонија и обратно – заврши тој.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.