Прифаќање, убаво однесување, за другарство учеа децата на „Планетата Ѕвездалија“

Во Мобилната галерија на Центарот за современата уметност во Паркот на франкофонијата во Скопје заврши неколкудневната бајка за деца насловена „Планетата Ѕвездалија“. Три дена на планета Ѕвездалија се славеше детството, креативноста и фантазијата. Актерите од Театарот „Златен Елец“ ги водеа децата низ интерактивната претстава работена според Бон-тонот и „Сликовницата на Халки“. Најмалите уживаа и во играта со љубопитното слонче Халки и учеа важни теми како: прифаќање, убаво однесување, другарство, еко-свест и сл.

– 2021 година за „Халкбанк“ помина во знакот на децата и фокусот на нивната едукација за многу важни теми. Нашата корпоративна стратегија и понатаму е насочена кон поддршка на нивната креативност, формалното и неформалното образование, како и подигнување на свеста за животната средина. „Планетата Ѕвездалија“ беше едно убаво претпразнично заокружување на сите наши идеи. Посебно силен и емотивен момент беше настапот на 11-годишниот Хамза Драголовчанин кој ја доби наградата за најдобар расказ на нашиот конкурс „Инклузија – сите деца се исти“. Токму на Ѕвездалија, тој го прочита наградениот расказ за дете со аутизам и борбата со предрасудите на средината. Задоволни сме што силните пораки, важни за целото општество, допираат најпрвин до најмладите, а потоа и до сите останати – вели Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк Скопје.

Низ работилниците поминаа многу деца кои ги изработија најубавите лампиони од природни материјали, под менторство на уметникот Доротеј Нешовски, а писателката Ана Голејшка-Џикова им помагаше да ги состават писмата до Дедо Мраз. Посебен интерес имаше за работилницата за цртање колачи со дизајнерката Емилија Ќипроска, брендот 4U и нивната иновативна линија на функционални колачи. Учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ беа едукатори во делот за цртежи и честитки и најубавата изложба на отворено. Организатор на „Планетата Ѕвездалија“ беше „Халкбанк“ и нивниот Халки.

Сподели