Не можам да го опишам воскликот на моjaта 12-годишна ќерка кога ѝ кажав дека од 1 септември ќе тргнат на училиште. „Мамо, не ми се верува дека по толку време ќе одиме во школо!“ Како родител посакувам само радоста да трае што подолго, иако признавам дека сум загрижена, како и секој од нас што има дете во образовниот систем. Радоста е под знак прашалник, зашто освен дезинфекција и заштитни маски и малку повеќе добра среќа, прашање е дали ќе се поштедиме од нови вонредни ситуации и враќање на онлајн-наставата.
Можевме ли подобро? Се разбира, да.
Училиштата се вторите домови на нашите деца и таму треба да се чувствуваат безбедно, топло, како дома. Но, не сум сигурна колку долго ќе трае радоста, ако се знае дека, барем во Скопје и поголемите градови, паралелките во основно и во средно се со по 30 деца и повеќе, дека учениците не се поделени во групи и дека можноста за растојание е невозможна. Оставени сме на личната свест, да се реагира на време и при најмала можност за „ситуација“.
Онлајн-наставата во три полугодија беше само еден експеримент на нерви – обид да се спаси нешто што не се спасува, за кое не беа виновни ниту наставнциите, ниту учениците, ниту родителите. Беше повеќе нешто отколку ништо. Но, тој обид не смееше да продолжи во уште една учебна година. Со 54 недели седење дома, нашите деца се дефинитивно шампиони во Европа.
Ќе научат ли општините и МОН дека нивна должност, обврска е да ги прошират училиштата, да го подобрат просторниот капацитет, да вработат уште наставници таму каде што има потреба. А не, пак да се полнат училниците со повеќе од 30 првачиња, иако тоа не е законски. Зошто еднаш не се сликате во овие училници, а не упорно ја замајувате јавноста со фотографии во училници во помало место каде секое дете само седи во клупа?
Заслепени од наводната дигитализација, ги заборавивте основните услови и пак се врткаме околу истите навредливи барања – родителите купуваат топови хартија, сапуни, шкафчиња за своите деца да имаат каде да си ги стават работите, оти веќе немаат верба дека училиштата ќе го сторат тоа. Да сакале, веќе ќе го направеле тоа.
Да не ти се падне дете да ти учи во експериментална година. Така им е на родителите чии деца годинава се во 4. одделение. Нивната радост дека тргнале во школо брзо спласна откако не добија одговор зошто немаат книги. Што да им одговори родителот? „Не, книги имаш, дете мое, ама се на компјутерот што го немаш или на таблетот што не ти го даде училиштето, а го вети и министерката“. Следи утешна награда – ќе ги испечатиме книгите, кои за сите други одделенија се бесплатни. И така, за комплет учебници од 4. одделение, семејство треба да потроши и до 2.000 денари.
МОН, колку сакате размислувајте за иднината, ама со сегашноста слабо ви оди. Дигитализацијата е процес кон кој мора да зачекориме, ама не вака. Користете смарт-табли на училиште, давајте дополнителни материјали за дома, но децата од 9 години не смеат да го немаат основното средство за учење – учебник пред нив! Се пофаливте дека набавивте 10.000 таблети, но каде се? Какво е тоа основно право на бесплатно основно образование, кога на секое дете не му обезбедивте таблет, а не му давате ниту печатен (фотокопиран) учебник. За парталавите учебници пак од 5. одделение нагоре и да не почнуваме. Приказна без крај се страниците што се разлетуваат на сите страни, кориците без ќошиња. Или не се „исплати“ да се испечатат учебниците од старата програма зашто почнаа реформите?
Светла точка во образованието годинава се учебниците по прво одделение, направени по нова програма. Една од новите содржини кои посебно се нагласува во новата програмa е инклузијата. Но, неа на дело ја имаме во трагови. Дали добија сите деца со попреченост образовни асистенти од 1 септември? Здоболуваат лелекањата на родителите на овие деца да им се излезе во пресрет што поскоро, зашто им беше ветено дека секое дете ќе добие образовен асистент. Ама, како и за многу работи во нашето општество, децата за инклузија ќе учат од книгите, а не од реалноста.
На крај, држава што се фали дека заштедила пари за образованието, не може да сака да го подобри образованието на своите деца и млади, таа не мисли на нивната иднина. Со многу среќа да ни е новата учебна година!