Нејзиниот прв документарен филм „Живо море“ на неодамна одржаниот фестивал „Џифони Македонија“ ја освои наградата за најдобар ученички филм

Пишува: Александра Јуруковска

Ема Попоска има само 13 години, а веќе се профилира како млада фотографка и писателка. Родена е во Македонија, а веќе десет години со своето семејство живее во Хонг Конг. Освен стандардното училиште, таа посетува и часови за пишување сценарија, телевизиска и театарска глума. Нејзина страст е водата, океанот и желбата да ја подигне свеста за нивна заштита.

– Кога бев шесто одделение требаше да направиме изложба и јас ја одбрав темата за океанот и за коралите. За да научам повеќе за животот во морето не ми беше доволно само да читам, туку одлучив и да земам часови за нуркање. Така на 10 години станав нуркач. Ама уште од мала многу сакам да бидам на море, да пливам, да сурфам и да едрам. Така се роди и мојата желба да го заштитам морето и морските суштества – вели таа.

Ема Попоска (десно)

Нејзиниот прв документарен филм „Живо море“ на неодамна одржаниот фестивал „Џифони Македонија“, ја освои наградата за најдобар ученички филм. Целата екипа на филмот ја сочинуваа деца на возраст од 12 до 15 години, кои работеле во целосно пандемиски услови.
Ема раскажува како се инспирирала да го работи филмот. На филмски фестивал во Хонг Конг го гледала „Медена земја“. Филмот многу ѝ се допаднал.
– Поинтересно беше што се запознав со режисерите на филмот, Тамара и Љубо, кои дојдоа во Хонг Конг. Тоа ме инспирираше да се пријавам на натпревар за грантови за детски проекти што го организираше „Кидс фор кидс“ во Хонг Конг. На натпреварот победив со мојата идеја за документарен филм за коралите и добив поддршка да го снимам „Живо море“. Мислам дека филмот е многу силна уметничка форма и многу влијае луѓето да развијат емпатија за живиот свет и животната средина. Луѓето многу малку знаат за животот во морето, затоа што најчесто не гледаат под површината. За многумина морските животни се само убава вечера. Ако видат колку многу живот има под површината на морето, ќе научат колку тоа е важно за сите луѓе и за животот на целата планета – раскажува Ема.

Ема со Тамара Котевска

Таа објаснува дека било многу интересно да научи како се снима филм – од пишување сценарио до снимањето под вода и режирањето. Целата екипа на тимот се деца од 12 до 15 години од различни училишта.
– Колин помогна со снимањето под вода, Клои и Харини со интервјуата и трејлерот, Елена со снимките од Македонија, Лиен со постерот, а Ангус ја компонираше музиката за филмот. Беше интересно да се води тимот од деца кои се малку поголеми од мене и да работиме сите заедно. Заради епидемијата и карантините беше тешко да се состануваме со членовите на тимот, така што најчесто комунициравме преку „Зум“ и „Ватсап“. Ваквата комуникација веќе ни стана секојдневие, па веќе сме навикнати. Мене најмногу ми се допадна снимањето под вода, како и воздушните снимки што ги правевме со дрон – вели младата режисерка.

Филмот е сега во официјална селекција на 10 светски фестивали во: Лос Анџелес, Букурешт, Хаваи и на други места, а веќе добил и две награди за ученички филм во Сингапур и во Скопје. Ема е среќна што филмот ќе можат да го видат толку многу деца во различни земји и што ќе научат повеќе за коралите во Хонг Конг.
– Наградата на фестивалот „Џифони Македонија“ посебно ме радува затоа што се одржува во Македонија, а жирито е составено од ученици-средношколци – вели Ема.

Нејзината врска со Македонија се нејзините родители. Дома учи да го зборува македонскиот јазик, читаат книги на македонски и готват македонски јадења. Дома постојано им се случува нешто креативно, а родителите ја поттикнуваат да ја развива нејзината креативна страна и да создава.
– Освен филм најмногу сакам да фотографирам и да пишувам. За моите фотографии до сега имам добиено две награди, една од нив беше избрана за второнаградена од познат хонгонгшки фотограф на National Geographic. Исто така со еден мој расказ учествував на „Карвкон фестивалот за хорор раскази“ во САД. Расказот беше одбран меѓу најдобрите и беше прочитан за публиката од познатата американска писателка за деца, Ерин Ентрада Кели. Сакам и да пејам и танцувам и наскоро ќе настапувам на овогодинешниот карневал Уметност во парк – раскажува Ема.

Хонг Конг е огромен град, но има многу шуми и планини наоколу и многу плажи. Времето е топло најголем дел од годината, па често одат на плажа или на планина, а многу се популарни и забавите на брод и спортовите на вода. Има и многу претстави, концерти и изложби.
– Јас и моите другарчиња многу сакаме да одиме заедно во кино, да читаме книги и да пиеме боба чај. Многу се популарни „Нетфликс“, корејските серии, јапонските аниме, а од музика Кеј-поп и канто-поп. Едни од најпопуларните во моментов се локалниот бенд „Мирор“, но и „Блекпинк“ и БТС. Моите врсници работат во многу организации и помагаат во решавањето на социјалните проблеми со свои идеи. Јас волонтирам во книжарница за користени книги која ја направија и во која работат само тинејџери. Во книжарницата продаваме донирани користени книги и така го намалуваме отпадот и им овозможуваме на децата со помалку средства да имаат пристап до многу повеќе книги. На училиште постојано нè поттикнуваат да имаме активности со кои ќе помагаме во решавањето на општествените проблеми и во Хонг Конг ама и во светот – завршува Ема.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.