Дамјан Давков испиша историја – освои сребро и стана најмладиот медалист од Европа на Интернационалната математичка олимпијада

Бронзени медали освоија Никола Спировски и Блаже Суклевски, пофалници – Лука Грашковски и Јасна Илиева, а успех постигна и Марија Атанасова

Сребрен медал освои Дамјан Давков, намладиот член на тимот што ја претставуваше Македонија на Интернационалната математичка олимпијада која се оджа онлајн, а чиј домаќин беше Санкт Петербург. Бронзени медали освоија Никола Спировски и Блаже Суклевски, а пофалници – Лука Грашковски и Јасна Илиева. На ИМО 2021 успешно учествуваше и Марија Атанасова, соопшти Сојузот на математичари на Македонија кој го организираше нашето учество.

Лидер на тимот беше проф д-р Ристо Атанасов, а заменик-лидер, проф. д-р Мирко Петрушевски. Во подготовките на тимот придонесоа и Никола Велов, Илија Јовчески и Петар Филиповски.

– Нашата анализа на досегашните резултати покажа дека ова е прв сребрен медал по 2010 година, прв бронзен медал после 2017 година, втор најдобар резултат според вкупниот пласман (по оној од 2009 година) и трет најдобар резултат според бројот на освоени медали (по оние од 1995 година и 2009 година). Покрај сите овие анализи, вреди да додадеме и дека Дамјан Давков е најмладиот медалист од Европа, на сите шеесет и две IМО досега! – велат од СММ.

Сојузот им го честита успехот на натпреварувачите и целиот тим кој несебично работеше за овој успех.

 

Сподели