Со медали го веат знамето на Македонија, а сами ќе си платат билети за олимпијади

Секоја година се бориме со истиот проблем. Питачиме за да ја претставиме надежта на македонската наука во светот – децидни се универзитетските професори. Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси, учениците и водачите нема да ја добијат и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им обезбедуваше дел од средствата за учество на натпреварите. Годинава изостана и поддршката од ТИРЗ

28 талентирани средношколци ќе треба сами да си ги платат авионските билети за светските олимпијади на кои редовно освојуваат медали за Македонија. Младите биолози веќе в недела (7 јули) треба да патуваат во Астана, Казахстан на Светската олимпијада по биологија, а сè уште е неизвесно дали сами ќе треба да си го платат превозот. На 11 јули почнува Интернационалната математичка олимпијада во Бат, Англија, а во втората половина на месецов младите математичари треба да стигнат до Хонг-Конг, Кина, хемичарите во Ријад, Саудиска Арабија, а физичарите во Исфахан, Иран и Кутаиси, Грузија.

– Секоја година се бориме со истиот проблем. Питачиме за да ја претставиме надежта на македонската наука во светот – децидни се универзитетските професори од Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското билошко друштво (МБД).

Овие друштва ги организираат подготовките и учеството на Македонија на светските олимпијади. Тие се непрофитни организации кои имаат акредитации од Министерството за образование и наука за реализација на натпревари на национално ниво од каде ги селектираат најдобрите, но не добиваат финансиска поддршка за светските олимпијади.

– Невозможно е да ги платиме авиобилетите. За дел од напреварите се плаќаат и котизации – велат од здруженијата.

Први на удар – биолозите

Први на удар месецов се биолозите кои учествуваат на 35. Меѓународна олимпијада по биологија што ќе се одржи од 7 до 14 јули во Астана, Казахстан. Македонија ќе ја претстават средношколките Тамара Лазаровска, Сара Абдулаху, Теона Ана Георгиевска и Натали Кировска.

– Сите активности, вклучително и подготовките за олимпијадата ги реализираме со доброволен ангажман на кадарот од Институтот за биологија и Природно-математичкиот факултет. Според правилата на организаторот, земјата-домаќин обезбедува сè што е потребно за време на натпреварот за тимот составен од 4 ученици и 2 ментори-лидери, a обврска на земјата-учесник е да се обезбеди уплата на котизација за учество, авиобилети до местото на одржување, визи и патничко осигурување – вели проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на МБД.

Од учеството на МБД на Меѓународната јуниорска олимпијада

За подмладокот и идината на македонската наука со години се бијат битки за системско решение. Кризата пред секоја светска олимпијада по математика, физика, хемија, биологија или информатика е огромен стрес и за учениците и за нивните водачи кои до последен момент не знаат дали ќе заминат на одреден светски натпревар. Во моментот се потребни 28 авиобилети за учениците и десетина за нивните ментори за да заминат на соодветниот натпревар.

Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси учениците и водачите нема да ја добијат и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им рефундираше дел од парите по завршувањето на натпреварите. Откако лани висеше на конец заминувањето на младите математичари на Интернационалата математичка олимпијада во Јапонија, по објавувањето на проблемот и повикот за донации на Умно.мк се јавија од Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) кои ги купија авиобилетите за младите олимпијци по математика и физика. Се собраа и многу донации. Многумина се вратија со освоени медали, а младиот Дамјан Давков го освои првото злато за Македонија.

Поддршка од институциите нема

Во моментот од ТИРЗ нема најава дека и годинава ќе ги поддржат здруженијата со авиобилети. Неофицијално дознаваме дека Управниот одбор гласал воздржано по ова прашање. Неофицијално, поддршка нема да има ниту од Агенцијата за млади и спорт.

Здруженијата во минатата среда (26 јуни) доставија барање до министерката за образование и наука Весна Јаневска итно да ги прими на состанок. Редакцијата на Умно.мк во петокот испрати прашања до МОН од каде чекаме одговор. Викендов да им помогне на младите научници се заложила и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Досега нема потврда дека некој ќе ги прими претседателите на здруженијата.

„Ве замолуваме да оствариме куса средба со Вас во најкус можен рок. Станува збор за учество на Меѓународни олимпијади по природни науки (математика, физика, хемија и биологија), на кои ученици од средните училишта долги години активно учествуваат. Тие претставуваат меѓународни натпревари на знаење (не на проекти!) и се вбројуваат во 13-те најпрестижни научни олимпијади во светот (признати и од МОН)“, пишува во барањето што здруженијата го пратија до МОН.

Хемичарите еднаш веќе ја откажале резервацијата на билети – не можеле да ги платат

56. Меѓународна олимпијада по хемија (IChO 2024) ќе се одржи од 21 до 30 јули во Ријад. Тимот во главниот град на Саудиска Арабија треба да пристигне на 21 јули. Македонија ќе ја претставуваат средношколците Петар Мирчевски, Марио Ванчоски, Иван Костевски и Елена Живаљевиќ, заедно со менторите, универзитетските професори д-р Миха Буклески и д-р Марина Стефова од Институт за хемија при ПМФ. За реализација на учеството, потребни се околу 445.160 денари, за авиобилети, котизација, визи за Саудиска Арабија и лабораториски материјал за довршување на подготовките. Пред десетина дена (24 јуни) тие морале да ја откажат резервацијата на билтетите зашто не можале да ја платат фактурата.

 

Миха Буклески (прв од десно кон лево)

– Од 2018 година постојано се соочуваме со истите проблеми кога станува збор за обезбедување финансиски средства. Ние сме единствената европска држава која се соочува со финансиски потешкотии при испраќање на свои тимови на овие натпревари. На пример, соодветните друштва во Србија и Хрватска добиваат средства од нивните ресорни министерства. Српското хемиско друштво добива околу 10.000 евра на годишно ниво, а и Србија и Хрватска дополнително добиваат финансии од нафтените компании исклучиво за спроведување на селекционите натпревари. Оттаму јасно е дека и квалитетот на подготовките ќе биде значително подобар. Во Хрватска, пак, хемиското друштво има статус на организација од национален интерес за што е посебно поддржана од нивното министерство за образование. Ако ја земеме Бугарија за пример, тие имаат дополнителни средства обезбедени од фондацијата наречена „Америка за Бугарија“, од каде се финансираат сите трошоци поврзани со учества на меѓународни научни олимпијади, а дополнително, освојувачите на медали добиваат стипендии – објаснува Буклески.

Тој е категоричен дека нивните досегашни успеси се резултат на силната заложба на поединци – ентузијасти кои несебично се вложуваат за да организираат достојни селекции и натпревари, а потоа подготовки кои се на ниво блиско до она во развиените земји.

– Но, не се секогаш доволни само ентузијазмот и импровизациите. За квалитетни подготовки требаат хемикалии и опрема кои се скапи – објаснува Буклески.

ДФРМ: „Огромна благодарност до родителите

„Огромна благодарност до родителите кои финансиски го овозможија учеството на оваа олимпијада“, напиша пред една недела Друштвото на физичарите на Република Македонија по Балканската олимпијада по физика што се одржа во Никшиќ, Црна Гора, од каде тимот се врати со сребрен, брознен медал и пофалница.

– Родителите излегоа во пресрет, за среќа Црна Гора е блиску. Но, во јули имаме Европска олимпијада по физика во Грузија и Меѓународна олимпијада по физика во Иран. Како семејствата на улениците да ги покријат овие трошоци?! – вели проф д-р Ламбе Барандовски, претседател на ДФРМ.

Ламбе Барандовски (прв од лево кон десно)

8. Европска олимпијада по физика која ќе се одржи од 15 до 19 јули во Кутаиси. Македонија ќе ја претстават учениците Јан Стојановски, Дамјан Стојанов, Емилија Николовска, Димитриј Анѓеловски и Матеј Гелев. На 54. Меѓународна олимпијада по физика која ќе се одржи од 21 до 29 јули во Исфахан Македонија ќе ја претстават Јан Стојановски, Андреј Стојановски, Емилија Николовска, Матеа Митревска и Дамјан Стојанов. Тројца ученици се пласираа на двата натпревара. Ако здруженијата не ја добијат неопходната помош тие ќе треба сами да ги сносат трошоците за превоз во две земји.

СММ: „Избор немаме“

Во слична состојба е СММ. Во текот на месецов и тие ќе учествуваат на две светски олимпијади – Интернационалната математичка олимпијада во Англија која се одржува од 11 до 22 јули во Бат, и 7. Меѓународна економска олимпијада, која ќе се одржи во Хонг Конг од 22 до 31 јули. На овој натпревар Македонија ја претставуваат Миша Веселински, Сара Тошевска, Никола Бојчев и Јован Оџаков. Водачи на тимот се проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска и м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при ПМФ.

Тимот на ИМО 2024 го сочинуваат Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски, Леонид Тодороски, Бранко Јангеловски и Ивано Божиновски со двајца водачи од СММ.

Ѓорѓи Маркоски

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ вели дека билетите за Англија чинат околу 220.000 денари, но за Хонг Конг околу 13.000 евра.

– Минатата година ТИРЗ ни излезе во пресрет и ги плати авиобилетите за Јапонија, и за нас и за физичарите. Ние како здружение немаме буџет да ги платиме овие трошоци. Во иста состојба се сите здруженија, некои плаќаат и котизација за учество на натпреварите. Избор немаме. Ако не се најде начин да се рефундираат средстба, товарот ќе треба да го сносат семејствата – вели Маркоски.

Последен успех младите математичари постигнаа завчера на 28. Јуниорска балканска математичка олимпијада што се одржа во Анталија, Турција. Никола Стојковски и Андреј Тасиќ освоија бронзен медал, а со пофалница се закити Теа Ангелова.

Насловна фотографија: СММ

Сподели