Три бронзи и пофалница за Македонија на меѓународната олимпијада по хемија

Три бронзени медали и една пофалница освои македонскиот тим на 55. Интернационална олимпијада по хемија што се одржува во Цирих, Швајцарија. Бронза за Македонија освоија Филип Бојаџиевски од скопската гимназија „Орце Николов“, Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, а пофалница доби Марија Петрова од „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје.

Во моментот во Цирих се уште трае церемонијата на доделување медали. Учеството на нашите млади хемичари на еден од најпрестижните меѓународни натпревари по хемија го организираше Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ). Членови на Сојузот заедно со професори и вработени на Иниститутпт за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје неколку месеци го подготвуваа нашиот тим за натпреварот на кој учествуваа 340 ученици од 89 земји од светот.

СХТМ повеќе години го организира нашето учество на меѓународните натпревари по хемија. Тие редовно остваруваат одлични резултати. Од СХТМ велат дека досега ова е најголемиот успех на IChO по бројот на освоени медали.

Фото: СХТМ

Сподели