Омаж посветен на полскиот режисер Грегор Брзозович

Режисерот Грегор Брзозович од Полска ќе биде гостин на 10. Skopje Cinema City вечерва во 20.15 часот. Фестивалот на документарниот филм годинава ја стави Полска во фокусот на својата програма. Два филма на Брзозович ќе бидат прикажани во летното кино на Кинотеката. Ќе бидат прикажани „Пријатели со 33 вртежи“ и „Станислав Сиревич“.

„Пријатели со 33 вртежи“ ја раскажува приказната за необичното пријателство меѓу двајца графички дизајнери Рослав Сајбо и Станислав Загорски кое траело преку 60 години. Почетна точка за овој филм е изложба на преку 50 корици за винили и каде овие двајца уметници дискутираат за годините поминати на студии на Академијата за фини уметности во Варшава, Полското школо за постери и нивните соработки со уметници како Кшиштов Комеда, Velvet Underground, Cream, The Clash, Пол Сајмон и Арт Гарфанкел.

Вториот филм на вечерта ja раскажува приказната за кариерата на Станислав Сиревич, извонреден филмски композитор чиешто творештво е малку познато во Полска. Роден е во советски логор. На 9-годишна возраст е прогласен за клавирско чудо, но по завршувањето на музичката академија го напушта концертирањето. Започнува студии на режисерскиот отсек на театарската школа во Варшава и компонира, меѓу другото, и хитот “Śpiewać każdy może”. 13 декември 1981 година го затекнува во Париз. За време на егзилот, соработува со Џо Кокер, Маријан Феитфул, глумицата Дајан Китон и бендот The Rolling Stones. Истовремено компонира музика за преку сто филмови во Франција, Велика Британија и САД.

Сиревич соработува и со полски режисери. Во 1994 година Едита Горњак го освојува второто место на Евровизијата таа година со неговата песна “To nie ja!”. Една година пред тоа, Сиревич ја добива престижната награда Ace Award. Еден ден после гала вечерта треба да започне преговори за работа во Холивуд. Ноќта, во Лос Анџелес, се случува силен земјотрес. Се враќа во Лондон, каде што го започнува најплодниот уметнички период во кариерата.

На премиерите на филмовите со неговата музика се гости принцот Чарлс, принцезата Дајана и кралицата Елизабета II. Неговите плочи се издаваат ширум светот, а саундтракот за серијата “The Choir” стигнува до третото место меѓу најпопуларните изданија во Велика Британија. Филмот на Брзозович не е само приказна за кариерата на извонреден уметник. Овој филм е и приказна за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист од овој филм и да твори.

Сподели