Златен медал за Јан Стојановски на Балканската олимпијада по физика

Матеј Гелев освои сребро, Емилија Николовска – бронза и специјална награда за најдобар постигнат резултат на олимпијадата во конкуренција на натпреварувачки, а Матеа Митревска освои пофалница за успешно учество

Златен медал освои средношколецот Јан Стојановски на 4. Балканска олимпијада по физика (BPO4). Матеј Гелев освои сребро, Емилија Николовска – бронза и специјална награда за најдобар постигнат резултат на олимпијадата во конкуренција на натпреварувачки, а Матеа Митревска освои пофалница за успешно учество. Стојановски, Гелев и Митревска учат во приватното училипте „Јахја Кемал“, а Николовска во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Водачи на нашиот тим беа проф. д-р Ирина Петреска и асс. М-р Христијан Кочанковски.

Олимпијадата се одржа во хибриден формат, домаќин беше Друштвото на физичарите на Кипар, а локален организатор Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

– Ваквиот успех на средношколците од Македонија е најголем успех на една олимпијада имајќи го предвид фактот што за прв пат од учеството на ученици од независна Македонија на меѓународните олимпијади ученикот Јан Стојановски освои златен медал. Овој успех на учениците се должи исклучиво на личното залагање и труд од нивна страна, како и залагањето и подготовката која ја прават неколку асистенти и професори од Институтот за физика, членови на Друштвото на физичарите на Република Македонија, користејќи го слободното време и знаење за што поголема подготовка на нашите идни физичари и промоција на физиката во Македонија. Големо е задоволството што можеме да покажеме дека достојно можеме да се носиме и да се натпреваруваме со држави каде многу се вложува во образованието по физика и кои се многу пати поголеми од нас – велат од ДФРМ.

На олимпијадата учествуваа 51 ученик од Албанија, Бугарија, Грција, Кипар, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Црна Гора и ученици од земјите-гости – Иран, Казахстан, Киргистан, Туркменистан и Словенија. Во подготовките на нашиот тим учествуваа и проф. д-р Трифче Сандев, проф. д-р Ламбе Барандовски, асс. д-р Јана Богданоска и диплм. инж. Гоце Геговски.

Фото: ДФРМ

Сподели