За талентираните ученици не е предизвик стандардната програма за предметот во кој тие се одлични – неопходна им е дополнителна литература
Освојува медали на меѓународни натпревари и олимпијади по хемија, физика и математика, а во слободно време свири виолина, излегува со друштвото како сите средношколци. Јан Стојановски е втора година во приватното училиште „Јахја Кемал“ во скопската населба Карпош. Универзитетски професори што ги подготвуваат учениците за натпреварите велат дека е „природен талент“ и поседува квалитети кои може далеку да го однесат.
Последниве месеци научните здруженија во земјава им врачуваа медали и пофалници на учениците што во изминатата учебна година постигнуваа успеси на државните и на меѓународните натпревари. Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, Друштвото на физичари на Република Македонија и Сојузот на математичарите на Македонија се акредитирани за организирање на натпреварите по хемија, физика и математика и професорите од овие асоцијации ги подготвуваат основците и средношколците за големите натпревари. Меѓу успесите на Јан беа: сребрен медал на 3. Балканска олимпијада по физика, бронзен медал на 5. Европска олимпијада по физика, учествуваше престижната олимпјата по хемија „Менделеев“ и на 53. Меѓународна олимпијада по хемија (IchO2021) од каде доби диплома, беше државен првак од прва година на Македонската математичка олимпијада и други.

На манифестацијата „Денови на науката“ во 2019 година
Насмеан, позитивен, со малку трема, Јан раскажува за неговото секојдневие, како почнал наговиот интерес за природните науки и за математиката.
– Отсекогаш ме интересираа. Татко ми е математичар и уште кога бев мал ми покажуваше работи. Но, тоа секогаш го правеше преку експерименти, електроника, на тој начин сакаше да ме воведе во науките. Ме интересираше како функционира пририодата, сакав да истражувам. Кога првпат се сретнав со хемијата имаше период кога ептен се интересирав. И секој ден читав, учев. Така потоа и со физика… – раскажува Стојановски.
Кога бил помал, од баба си добил книга за хемија, општа енциклопедија (за ниско ниво за мали деца). Бил фасциниран како може да се променат нештата, да се менуваат боите, составот.
– Слични добив и за физика. Тогаш ме интересираше, на пример како се виткаат електронски пушки и ми беше многу интересно што сè може да се направи. Потоа почнав да пребарувам на интернет – ќе видиш нешто што те интересира, па бараш повеќе информации, па видеа на јутјуб каде се објаснети нештата. Посебно за математика каде убаво објаснуваат како се решава некој математички проблем – вели Јан.

На 3. Балканска олимпијада по физика
Според него, најважно од сè е да се развие љубов и интересот за некоја наука, потоа останува само работа, вежбањето и надградувањето.
– Кога си веќе мотивиран и заинтересиран, сè друго е лесно. И покрај моите интереси на ова поле, имам и другари, се дружиме, излегуваме. Некој помалку работи, некој повеќе. Годинава сакам да „се стегнам“ и да се посветам повеќе на науката. Малку изгледа бев помрзлив минатите години – раскажува со насмевка.
Вели дека сè уште е рано да одлучи кон што ќе се насочи во иднина, но тоа сигурно ќе биде физика, хемија или математика. Засега останува посветен на натпреварите и олимпијадите. Одушевен е од подготовките за досегашните натпревари. Стекнал големо искуство, научил многу, се запознал со многу интересни луѓе и професори, стекнал другари.
– Имам сè уште трема. Најголема беше на првата олимпијада. Со секој нов натпревар се намалува, ама сè уште е тука. Најголем проблем со тремата е што предизвикува блокада. Стресот е голем, не сакаш да разочараш никого… За Европската олимпијада ми беше најубаво, најмалку трема имав – вели Јан.
За талентираните ученици не е предизвик стандардната програма за предметот во кој тие се одлични. Јан вели дека неопходна им е дополнителна литература.
– Со една недела учење може цел материјал за средно да се помине. И професорите не можат долку длабоко да се посветат. Професорите на факултет се нешто друго – вели тој.

На прашањето дали му е досадно во школо Јан вели:
– На физика, хемија и математика скоро и да не слушаме. Во мојот клас сме четворица што одиме на олимпијади. На овие предмети се собираме на клупа и решаваме задачи на повисоко ниво. Професорите знаат и ни допуштаат, додека другите го слушаат редовниот материјал – објаснува тој.
Прилично самокритичен, вели дека досега не посветувал доволно време на науката. Ако сакаш да напредуваш, учење еднаш неделно не е доволно.
– Треба да одвоиш време секој ден. Сакам оваа година да го поправам тоа. Талентот и мотивацијата се важни, на најважна е работата. Државите како Кина, за математичката олимпијада ги издвојуваат талентите уште кога се во основно, 4-5 години пред да дојде време да се натпреваруваат, за да имаат време да се подготват. Многу се фокусирани. Сепак, мислам дека тоа не е најдобриот начин. Треба да се има детство, другари. Компетитивоста што ја негуваат во Кина и не е толку здрава. Треба да се има посветеност, но и време за другарство – завршува младиот талент.





