Математичките олимпијци ќе летаат за Токио! ТИРЗ отвора иницијатива „Поддршка на талентирани деца и млади“

Шестемина математички олимпијци сепак ќе патуваат во Јапонија на Светската математичка олимпијада (IMO 2023)! Благодарение на поддршката од ТИРЗ (Технолошко-индустриски развојни зони) кои ги обезбедија 600.000 денари за авионските билети, нашите најдобри математичари-средношколци ќе бидат во кремот на светот. Пред една недела Сојузот на математичарите на Македонија, што го организира нашето учество на светскиот натпревар, апелираше до јавноста за поддршка на математичарите за да можат да отпатуваат во Токио, за што пишуваше Умно.мк. Поединци дадоа свој придонес, но, ТИРЗ ќе ги обезбеди авионските билети.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски денеска ги пречека олимпијците заедно со Ѓорѓи Маркоски, претседателот на СММ. Тој најави и нова иницијатива за „Поддршка на талентирани деца и млади“

– Искрено верувам дека младите се најдобрите македонски амбасадори! Затоа стартува нова иницијатива за „Поддршка на талентирани деца и млади“, а веќе денес ја обезбедивме и првата поддршка за тимот средношколци – математичари за нивно учество на Светската олимпијада по математика ИМО во Јапонија. Со вложувањето во младите луѓе, вложуваме во иднината на нашата земја. Со среќа на Дамјан, Алексиј, Никола, Јан, Бранко и Никола. Ги чекаме со медали од Токио – рече Деспотовски.

Оваа нова програма на North Macedonia – Free Zones Authority – DTIDZ е од граѓаните и за граѓаните. Убеден сум дека заеднички ќе успееме да ги поттикнеме да ни се приклучат и компаниите и другите институциите, бидејќе е неопходно да ги поддржуваме секојдневно децата и младите во остварување на нивните соништа! –  додава Деспотовски.

Според СММ, ова се очекува да биде најголемата математичка олимпијада досега, а ќе учествуваат над 600 млади луѓе од 110 земји од целиот свет.

Сподели