Весна Јаневска: Менуваме закони, младите таленти ќе ја добијат поддршката што ја заслужуваат

„Министерството за образование и наука и Владата ги менуваат политиките кои значат грижа и посветеност кон талентираните ученици. Ќе ги смениме законите и ќе обезбедиме поголем буџет“, соопшти на својот Фејсбук профил министерката за образование Весна Јаневска.

Таа ветува дека промените за поддршка на талентираните законски и практично ќе се случат наскоро.

– Овие деца се предводници на своите генерации. Гордо стојат на македонската химна и го веат знамето на татковината, додека организаторите на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпревари им доделуваат награди и признанија за постигнатите успеси. Искрено им честитам на достигнувањата и им благодарам што со своите знаења, достојно ја претставуваат Македонија во светот – напиша Јаневска.

Таа посочува дека веќе контактирале со дел од здруженијата кои ги подготвуваат учениците за натпреварите. Бидејќи дел од натпревари се во тек, средбата со нив се планира кон средината на август.

– Покрај паричните награди кои ги добиваат за освоено прво, второ или трето место, идентично како што дефинира Законот за основно образование, така ќе предвидиме можност за надомест на патните трошоци и котизацијата за учество на олимпијади/натпревари и за средношколците, со цел во иднина ниту тие, ниту некои нови суперталентирани деца, ниту нивните семејства и наставници – ментори, да немаат грижи како досега – дали ќе стигнат до таму. Веќе работиме на новото законско решение – вели Јаневска.

Умно.мк веќе цел месец пишува дека талентираните ученици нема како да стигнат до Англија, Грузија, Казахстан, Саудиска Арабија, Иран и Кина на престижните олимпијади на кои освојуваат медали за Македонија. За научните здруженија кои се непрофитни организации МОН им обезбедува акредитации, но Законот за средно образование не предвидува финансиска поддршка. Претседателите на здруженијата апелираа барајќи помош, но освен одередени компании и поединици државата не обезбеди буџет за котизации и авиобилети па голем дел од трошоците учениците сами си ги платија.

– Во иднина, со овие деца ќе се занимава центар/центри за поддршка на талентирани и надарени ученици каде ќе им се обезбеди менторство и ќе се работи преку индивидуалнизирани програми, ќе се даде поддршка на родителите и ќе се поврзуваат со институции и ресурси. Знам дека темата е сензитивна. Реакциите во јавноста се сосема оправдани, бидејќи години наназад никој не им помогнал на овие деца колку што заслужуваат. Јасно е дека талентот нема време за чекање. Но, сакам и да уверам дека младите се наш фокус и центар на сите политики, бидејќи без нив, државата нема иднина. Само 20 дена изминаа од нашиот мандат, а веќе преземаме крупни чекори – вели Јаневска.

Дамјан Давков и Јан Стојановски освоија златни медали по математика и физика, младите математичари Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ освоија бронзени медали, а Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски и Ивано Божиновски освоија пофалници. Младите физичари Матеј Гелев, Емилија Николовска и Димитриј Анѓеловски освоија пофалници, а својата држава достојно ја престави и Дамјан Стојанов.

Сподели