Да учат за да освојат медал или да бараат пари за авиобилети? Со каков стрес се справуваат талентираните средношколци

Во моментот 28 ученици и 12 водачи на олимписките тимови тапкаат во неизвеснист дали ќе заминат на некој од светските натпревари што се одржуваат во јули

Талентираните ученици од Македонија секоја година на почетокот на јули се под огромен притисок дали ќе стигнат до светскиот натпревар на кој можат да го покажат своето знаење. Не е проблем дали се конкурентни со своите знаења, туку дали ќе имаат билети да стигнат со земјата-домаќин на натпреварот. Во моментот 28 ученици и 12 водачи на олимписките тимови тапкаат во неизвеснист дали ќе заминат.

Основниот проблем е што тие се средношколци, а постоечкиот Закон за средно образование не овозможува начин Министерството за образование и наука да ги намири овие трошоци, иако ресорното министерство издава акредитации за учество на Македонија на 13 светски олимпијади. Учеството на тимовите го организираат неколку зруженија на граѓани предводени од универзитетски професори. Тоа се непрофитни друштва, и кога олимпијадите се одржуваат во далечни земји, невозможно е да се платат авиобилетите на тимовите.

Проф. д-р Ламбе Барандовски е професор на Инсититутот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија. Тој вели дека изборот да се биде дел од тимот кој ќе ја преставува Македонија на меѓународна олимпијада, без исклучок е гордост за сите наши олимпијци, но со самиот избор почнуваат прблемите на нивните семејства како да се стигне до олимпијадата.

Ламбе Барандовски (десно)

– Наместо учениците својата енергија да ја насочат максимално кон подготовките, дел од олимпијците мораат да се обидат да најдат средства барајќи спонзори и одвојувајќи време за состаноци со нив. Сето тоа се одразува на нивниот конечен успех на олимпијадата. Слична е ситуацијата и со лидерите од здруженијата кои исто така се принудени да бараат спонзорства за да го обезбедат водењето на тимот. На ниту една од олимпијадите не можете да испратите тим на ученици без водачи на тимот. Наместо тоа време да го поминат во подготовки на тимот, тие го трошат на барање спонзори – вели Барандовски.

Тој објаснува дека во изминатите години проблемот делумно се решаваше преку средствата кои ги доделуваше Агенцијата за млади и спорт за учество на олимпијада по одреден предмет, за натпревари што ги организира одредено акредитирано здружение. Така учениците-олимпијци покриваа дел од трошоците за учество на Балканската, Европската и Светската олимпијада по физика.

– Мора да ја спомнам и несебичната помош на државните институции со кои раководеше Јован Деспотовски, прво Фондот за иновации и технолошки развој, а потоа и ТИРЗ. На ваков начин се обезбедуваа доволно средства за учество на олимпијадите, иако на пример за средствата кои ги доделуваше АМС можеа да конкурираат само ученици над 15 години, но не и водачите на тимовите. Промените кои се случуваат во моментов во државата придонесоа конкурсот за доделување на средства од АМС да не биде објавен, а споменатите инстиуции да ја прекинат поддршката штом Деспотовски заминуваше од раководната позиција – објаснува Барандовски.

Тој го гледа решението на проблемот во измените на Законот за средно образование каде олимпијадите на кои учествуваат акредитираните здруженија ќе ги финансира МОН на сличен начин како што тоа е направено во Законот за основно образование.

– При изготвувањето на тоа законско решение МОН ги повика СММ, ДФРМ, СХТМ и МБД и по направените консултации го внесе финансирањето на олимпијадите во Законот. Постојат одредени слабости и тука, бидејќи најчесто учениците ги добиваат овие средства по завршувањето на олимпијадата што секако дека треба да се промени. Сепак, тие измени беа позитивен исчекор. Покрај поддршката на МОН, треба да остане и поддршката во форма на таа која олимпијците ја имаа од АМС бидејќи на тој начин ќе може олимпијците да ги покријат сите трошоци кои ги имаат во текот на подготовките за олимпијадите, кои се одржуваат на Природно-математичкиот факултет во Скопје – вели Барандовски.

 Миха Буклески (десно)

Неговиот колега, проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија и член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија потврдува дека од 2018 година постојано се соочуваат со истите проблеми кога станува збор за обезбедување финансиски средства. Македонија е единствената европска држава која се соочува со финансиски потешкотии при испраќање на свои тимови на овие натпревари. Тој објаснува дека соодветните друштва во Србија и Хрватска добиваат средства од нивните ресорни министерства (Конкретно Српското хемиско друштво добива околу 10.000 евра на годишно ниво), а и Србија и Хрватска дополнително добиваат финансии од нафтените компании исклучиво за спроведување на селекционите натпревари.

– Оттаму јасно е дека и квалитетот на подготовките ќе биде значително подобар. Во Хрватска, пак, хемиското друштво има статус на организација од национален интерес за што е посебно поддржана од нивното министерство за образование. Ако ја земеме Бугарија за пример, тие имаат дополнителни средства обезбедени од фондацијата наречена „Америка за Бугарија“, од каде се финансираат сите трошоци поврзани со учества на меѓународни научни олимпијади, а дополнително, освојувачите на медали добиваат стипендии. Нашите досегашни успеси се резултат на силната заложба на поединци – ентузијасти кои несебично се вложуваат за да организираат достојни селекции и натпревари, а потоа подготовки кои се на ниво блиско до она во развиените земји. Но, не се секогаш доволни само ентузијазмот и импровизациите. За квалитетни подготовки требаат хемикалии и опрема кои се скапи – објаснува Буклески.

Големи се и успесите на Македонското биолошко друштво. Според проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на МБД, досега околу 15.000 ученици биле дел од програмата за популаризација на биологијата и развој на здрав натпреварувачки дух кај младите. Истовремено, преку учество на светски олимпијади по биологија се создаваат амбиции кај учениците за повисоки достигнувања.

– Македонското биолошко друштво е непрофитна организација и сите активности, вклучително и подготовките за Меѓународната олимпијада по биологија ги реализираме со доброволен ангажман на кадарот од Институтот за биологија и Природно-математичкиот факултет. Досегашните искуствата покажуваат дека преку учество на овие настани, учениците се стекнуваат со вештини и знаења кои се од непроценливо значење за нивниот понатамошен кариерен развој – вели таа.

Проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска е дел од кадарот на Институтот за математика и члена на Сојусот на математичарите на Македонија. Таа деновиве најголем дел од своето време го поминува барајќи спонзори за тимот да стигне на 7. Меѓународна еконимска олимпијада во Хонг Конг. Македонија по трет пат учествиува на овој престижен натпревар.

– По сериозна апликација, која подлежи на поддршка од разни институции, училишта и поединци професионалци во областа, СММ ја доби меѓународната лиценца за организирање на селекциите за олимпијадата. Прво на една, потоа уште на три години. Имаме обврска да ги одржиме во континуитет натпреварите, да организираме и побројни селекции и да виспоставиме систем натпревари во економија и финансиска писменост, на сличен начин како и натпреварите по математика – објаснува таа.

Според Гацовска-Барандовска, преминот на олимпијадите онлајн го нарушил и системот на создавање фондови за покривање трошоци од домаќинот. Така, на оваа олипијада не се плаќа коризација, но учениците се сместуваат на сопствен трошок. Уште неколку дена билетите што чинат 1.300 евра по учесник им се резервирани на оваа сума.

– Засега потврден одговор за спонзорство добивме од ВФП фондови, Diners Club, Македонија осигурување А.Д. Скопје – Виена Иншуренс Груп и од Школата за млади математичари „Диофант“ од Ваљево, односно професорот Војислав Андриќ кој по одличната соработка со СММ годинава денес ми рече: „Пријателството нема цена“. Ни радоста и гордоста на овие деца нема цена – вели Гацовска-Барандовска.

Анета Гацовска-Барандовска (прва од лево кон десно)

Во моментов трошокот по учесник е 1.800 евра, а се очекуваат и дополнителни трошоци. Очекуваат поддршка од дел од општините од кои доаѓаат дел од децата, но административно тоа може да потрае долго време.

– Така, родителите на крајот ќе го направат тоа што моѓат и умет за своите деца. Со заеднички сили ќе стасаме до олипмијадите, но ќе остане горчливиот вкус на успехот. Знам, по освоените медали се“ се заборава, но ова една засекогаш мора да се реши системски, да нема проблеми, да моѓат децата да се посветат само на посготовките. Не сè уште се надевам на помош од општествено-одговорните компании. Децата вложуваат многу труд и ќе направиме сè рамноправно да се претставиме меѓу 52 земји од светот. Освен на спонзорите им благодарам и на државните институции кои учествуваат во подготовките, Народна банка, АСО, Комисијата за хартии од вредност, кои немаат буџет за вакви цели, но сесрдно помагаат во подготовка на учениците – вели Гацовска-Барандовска.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера најави дека ќе се сретне со претседателите на здуженијата. Од МОН за Умно.мк велат дека проблемот ќе се надмине наскоро со новиот Закон за средно образование. Тие во мешувреме се обратиле до бизнис заедницата и коморите доколку има можност да излезат во пресрет и да им помогнат на здруженијата.

Сподели