Македонската делегација ќе ја сочинуваат шестмина спортисти и четворица судии
Спортистите Дарио Ивановски и Мила Релиќ ќе го носат знамето на Македонија на отворањето на Летни олимписки игри (ЛОИ) што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз. Нашата земја ќе ја претстават шестмина спортисти, соопшти на вчерашната прес-конференција Македонскиот олимписки комитет.
Македонската делегација ќе ја сочинуваат: маратонецот Дарио Ивановски (атлетика), Владимир Егоров (борење/ до 57 кг, слободен стил), Никола Ѓуретановиќ (пливање/ 400 метри слободно), Анастасија Мојсовска (стрелаштво/10 метри воздушна пушка), Еди Шерифовски (џудо) и Мила Рељиќ (теквондо). Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).
Ви ги претставуваме членовите на македонската делегација:
Дарио Ивановски, маратонец
Ивановски трчал бројни атлетски дистанци во кариерата, а дебито на маратонските патеки го имаше на Скопскиот маратон во 2020 година, на кој следната година и победи. Во меѓувреме, тој продолжи да ги подобрува своите времиња, па во последните години неколкупати го подобруваше државниот рекорд во маратон, што во моментов изнесува 02:08:26 остварено во Севилја, Шпанија во февруари оваа година.
Владимир Егоров, борење
Македонски репрезентативец во борење, Владимир Егоров, за прв пат во кариерата настапува на Летните олимписки игри. Носител е на повеќе медали од големите натпреварувања и се смета дека е македонски адут за медал, пишуваат од МОК.
На Европското првенство во Будимпешта во 2022 година освоил злато, а истата година освоил и бронза на Медитеранските игри во Оран. Првиот медал (бронзен) Егоров на Македонија ù го донел од Европското првенство во Букурешт 2019 година. Тој ќе настапи во категоријата до 57 кгр. (слободен стил), и тоа во првата, осминафинална, рунда на 8 август од 11.30 часот. Борбите во репасажот се закажани за 9 август (11.00 часот)
Никола Ѓуретановиќ, пливање
Пливачот Никола Ѓуретановиќ веројатно ќе биде меѓу најмладите спортисти на ЛОИ во Париз. Вели дека вој настап е голем чекор во неговата досегашна кариера, но свесен е дека со 16 години покрај резултатот што го планираат со неговиот тим, особено важно е искуството што ќе го стекне. Ова искуство планира да го искористи и на следните олимпијади, а во Париз ќе го даде најдоброто од себе.
Никола своето деби во олимпискиот базен во Париз ќе го има на 27 јули (по 11 часот), за кога се закажани квалификациите во трката на 400м. слободно.
Анастасија Мојсовска, стрелаштво
Мојсовска ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка, натпревар кој на програмата на Олимписките игри е на 27 јули 2024 година. Анастасија вели дека настапот на олимпијадата ù е остварување на спортскиот сон и освојување на уште еден спортски врв кој ја оформува како професионален спортист-стрелец.
„Чувството е феноменално, неизмерно сум среќна што еве баш јас сум дел од олимпискиот тим и ја имам шансата да ги претставувам боите на нашата држава“, пренесува МОК.
Еди Шерифовски, џудо
Ова е трета Олимпијада на која Македонија ќе има претставник во џудо. Досег аучествувале Катерина Николовска (Рио, 2016) и Арбреша Реџепи (Токио, 2020). За нашиот најдобар џудист, Еди Шерифовски, олимпијадата значи сон од детството.
– Чувството е феноменално, на моменти заборавам дека навистина ќе бидам олимпиец. Една „придавка“ која многу значи за мене. Очекувањата лично за мене се големи. Иако не сум фаворит на хартија, знам дека можам да приредам едно големо изненадување. Спремен сум и физички и ментално за да ја направам нацијата горда“, вели Шерифовски.
Турнирот во џудо е од 27 јули до 3 август. Еди својот прв настап ќе го има на 30 јули.
Мила Релиќ, теквондо
Мила на последните 7 турнири е освојувач на 5 медали. „Ги доведе до совршенство одредени техники со кои драстично отстапува од другите натпреварувачки. Посебно со кондициската подготвеност, таа е меѓу петте најдобри во светот во женска конкуренција“, велат од МОК.
Последниот златен медал го освоила на Европското клупско првенство (ЕП) во Тирана (Албанија). Мила ќе настапи на турнирот кој ќе се оддржи од 7 до 10 август.
Иван Михајловски, триатлон судија
Иван Михајловски е меѓународен триатлон судија од 2013 година. Досега бил распределен како судија на над 30 меѓународни натпревари. Технички делегат бил на неколку Балкански првенства, европски и светски купови. Триатлон федерацијата на Македонија беше организатор на Европски јуниорски куп Охрид 2019 и Балканско триатлон првенство 2018 во Охрид.
Ова е прво судиско учество на Михајловски на ЛОИ. Тој е актуелен претседател на Триатлон федерацијата на Македонија.
Анета Павловска, тениска судијка
Во нејзината биографија пишува дека судела на финалето на Ролан Гарос 2023, во кое играа Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд, но и двете машки полуфиналиња на Вимблдон 2023, на Олимпијадата во Токио и на параолимпијадата во Рио де Жанеиро.
„На еден натпревар од повисока категорија судат седум или девет линиски судии, а само еден главен. Одговорноста се знае дека е поголема на главниот судија. Тој е ,диригентот на оркестарот на терен’ Линискиот судија е одговорен за делигираната линија на мечот (може секој меч да биде различна линија), а главниот за цела динамика на мечот и за сите одлуки генерално“, вели Павловска.
Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, ракометни судии
Николовски и Начевски зад себе имаат врвни натпреварувања меѓу кои: финале на Олимписките игри во Токио 2021, Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија и како круна, финалето во Лигата на шампионите оваа година. Своевремено биле најдобра судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ). За Начевски и Николов ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио.
Извор: МОК