Со пари од родителите и од неколкумина спонзори младите физичари заминаа на Европската олимпијада во Грузија

Со пари од родителите и од неколкумина спонзори, петтемина талентирани ученици-олимпијци и нивните ментори вчера тргнаа во Кутаиси, Грузија, да ја претстават Македонија на 8. Европска олимпијада по физика. На претсижниот натпревар што ќе трае од 15 до 19 јули, македонската репрезентација ја сочинуваат:

1. Јан Стојановски – четврта година – ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје,
2. Дамјан Стојанов – трета година – ПСУ “Јахја Кемал“ Скопје,
3. Емилија Николовска – четврта година – Математичко – информатичка гимназија Скопје,
4. Димитриј Анѓеловски – четврта година – СУГС „Јосип Броз-Тито“, Скопје,
5. Матеј Гелев – четврта година – ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје.

Водачи на тимот се:
д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ,
м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисија за натпревари при ДФРМ.

– Тимот најтопло им се заблагодарува на родителите на учениците и на Друштвото на физичарите на Република Македонија за покривање на најголемиот дел од трошоците за котизација и пат на оваа олимпијада, како и на следниве организации и физички лица кои несебично помогнаа подржувајќи го тимот Фондација Јахја Кемал Алумни – Скопје, Лилјана Кочоска Мараш и пријателите од Шведска, Зоран Хаџи-Велков, Милан Елисковски и ДПД Студио Атриум ДОО Штип – велат од ДФРМ, здружението што го организита нашето учество.

ДФРМ, заедно со уште три научни здруженија што ги организираат нашите претставувања на светски научни олимпијади во текот на овој месец веќе две недели апелираат дека немаат средства за котизација и за авиобилети за учениците. Тие испраќаа писма до Министерството за образование и наука, кабинетите на претседателката и на премиерот барајќи помош. Се отворија повици за донација, но засега сумата од околу 50.000 евра за шест натпревари во Казахстан, Англија, Грузија, Иран, Кина и во Саудиска Арабија се чинат недостижни. МОН вели дека не може да обезбеди буџет поради препки во Законот за средно образование, а поради трансформацијата на институциите и министерствата, годинава изостана и поддршката од Агенцијата за млади и спорт.

(В.И.И.)

Сподели