Законот прави препки, МОН бара помош од бизнис заедницата за талентираните ученици да заминат на олимпијади

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, која е именувана на позицијата минатата недела, ќе оствари средба со здруженијата во следните неколку денови – велат од МОН

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе се сретне со претседателите на здуженијата на математичарите, хемичарите, физичарите и биолозите кои во текот на месецов треба да ги однесат 28-мина најталентирани македонски средношколци во овие области и 12 водачи, а немаат пари ниту за котизации, ниту за авиобилети. Умно.мк вчера го објави апелот на Сојузот на математичари на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското билошко друштво (МБД) дека семејствата на учениците ќе треба сами да ги сносат патните трошоци, доколку државата и институциите не најдат решение. Станува збор за непрофитни здруженија кои ентузијастички го организираат претставувањето на Македонија на престижните натпревари, но немаат буцет да ги намират трошоците.

Младите биолози на 6 јули патуваат во Астана, Казахстан на Светската олимпијада по биологија. Наа 11 јули математичарите треба да бидат во Бат, Англија, а на 22 јули во Хонг-Конг, Кина. Во втората половина на јули хемичарите треба да пристигнат во Ријад, Саудиска Арабија, а физичарите во Исфахан, Иран и Кутаиси, Грузија.

СО МЕДАЛИ ГО ВЕАТ ЗНАМЕТО НА МАКЕДОНИЈА, А САМИ ЌЕ СИ ПЛАТАТ БИЛЕТИ ЗА ОЛИМПИЈАДИ

Од МОН за Умно.мк велат дека актуелното законско решение кое ја регулира областа на средното образование, не дозволува доделување на финансиска поддршка од страна на МОН за ученици и нивни ментори за учество на меѓународни научни олимпијади, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места.

Весна Јаневска

– Во Законот за основно образование е поинаку, се предвидува доделување на средства за надомест на котизации и пат и оваа одредба ќе биде пресликана и во новиот Закон за средно образование кој ќе биде изработен наскоро. Во меѓувреме, се обративме до бизнис заедницата и коморите доколку има можност да излезат во пресрет и да им помогнат на здруженијата да реализираат учество на учениците на меѓународните олимпијади. Оттаму очекуваме повратна информација. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, која е именувана на позицијата минатата недела, ќе оствари средба со здруженијата во следните неколку денови – велат од МОН.

Претседателите на здруженијата минатата недела се обратија до МОН барајќи итен состанок со Јаневска. Тие со години се соочуваат со истиот проблем – немаат како да стигнат до престижните научни олимпијади во светот лпо се признати и од МОН. Нештата особено се комплицираат ако некој од натпреварите се пдржува во подалечна земја. Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси учениците и водачите нема да ја добијат и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им рефундираше дел од парите по завршувањето на натпреварите. Годинава изостана и поддршката од ТИРЗ.

Здруженијата испратија писма и до претседателката Гордана Сиљанoвска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Во писмото, меѓу другото, пишува:

Изминативе години, здруженијата обезбедуваа поддршка од повеќе државни институции и приватни компании. Имајќи го предвид изборниот период и реструктуирањето на некои институции, учениците (и здруженијата) останаа без очекуваната помош, со што доведено е во прашање учеството на веќе подготвените тимови на олимпијадите кои се одржуваат во текот на месец јули 2024 година. Изборот и подготовките на учениците е во организација на четирите здруженија (потписници на овој допис) кои се акредитирани од страна на МОН за спроведување на државни натпревари и национални селекции за составување тимови. Сите здруженија се непрофитни организации и активностите, вклучително и подготовките, ги реализираат користејќи ги човечките, просторни и материјални ресурси на Природно-математичкиот факултет, УКИМ во Скопје. Сите ангажмани на наставниот и помошниот кадар се на доброволна и волонтерска основа. Искуствата покажуваат дека преку учество на овие настани, учениците се стекнуваат со вештини и знаења кои се од непроценливо значење за нивниот понатамошен кариерен развој и истовремено се решаваат да бидат дел од овие дефицитарни професии. Многумина од нив своето образование го продолжуваат на ПМФ во Скопје.

Младите физичари пред две недели сами си го платија патот на Балканската олимпијада по физика што се одржа во Никшиќ, Црна Гора, од каде тимот се врати со сребрен, брознен медал и пофалница. Математичарите, пак, сами си купија билети за Балканската олимпијада по математика, во Варна. Оттаму се вратија со две сребрени, два бронзени медала и две пофалници. Деновиве тимот сам си ги плати визите од по 250 евра за Интернационалната олимпијада по математика во Бат, Англија.

Насловна фотографија: СММ

Сподели