Талентираните ученици од МИГ се вратија на настава, но бојкотираат 4 стручни предмети

Ако до 1 март не наидат на заеднички јазик со раководството на МИГ или со министерот за образование и наука, повторно ќе стапат во целосен бојкот, а ја разгледуваат и опцијата да се отпишат од училиштето

Талентираните ученици од Математичко-информатичката гимназија од Скопје од завчера се вратени на настава, но сè уште бојкотираат неколку стручни предмети за кои тврдат дека ги предаваат недоволно стручни професори. Тие оставаат простор до 1 март да се надминат недоразбирањата. Ако не наидат на заеднички јазик со раководството на МИГ или со министерот за образование и наука, повторно ќе стапат во целосен бојкот, а ја разгледуваат и опцијата да се отпишат од училиштето.

Талентираните ученици од трета година во понеделникот имаа состанок со директорката Јулија Гајдаџиева.
– Имавме многу прашања, а главното, што сите нè мачи, е зошто избира послаби професори, наместо оние докажаните од кои досега многу научивме. Тоа е на наша штета и нема никаква логика. Не добивме соодветно објаснување и не гледаме желба за соработка – велат учениците чии имиња се познати на редакцијата.

Од протестот пред МОН

Проблемите во МИГ настанаа на крајот на јануари кога родителите јавно реагираа зошто учениците ги губат сите стручни предмети. Раководството на школото и Министерството за образование и наука објаснија дека се чекаат согласности од Министерството за финансии, затоа што стручните предмети треба да ги предваат истакнати стручни лица, според Законот за математичко-информатичка гимназија. Огласот за истакнати стручни лица беше објавен на крајот на јануари. Веќе на 6 февруари директорката Гајдаџиева изјави дека е завршена постапката за избор на стручни наставници и дека следниот ден ќе продолжи редовната настава.

Но, тогаш почна бојкотот на талентираните ученици, незадоволни од изборот на професорите. Тие добија поддршка и од своите родители. Гајдаџиева тврдеше дека учениците се манипулирани, но родителите застанаа одлучно зад своите деца, ги поддржаа на протестот пред МОН и остварија контакт со министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Учениците добиваат поддршка од повеќе универзитетски професори.

Средношколците од трета година тврдат дека имаат поддршка од ученици од 1. и од 2. година, но поради неединство тие не можат да го следат нивниот пример со бојкот. Додека траеше бојкотот тие беа во училиштето, само не одеа на настава.

Поддршка од родителите

Во трета година учениците во МИГ имаат 12 предмети – 4 општообразовни и 8 стручни. Општообразовни им се македонски, англиски, спорт и физика. Задолжителни стручни им се геометрија, аглебра и математичка анализа, информатика, програмирање и објектно-ориентирано програмирање, а секој ученик треба да избере по два изборни предмета од предметите: теорија на броеви, напредно програмирање и интелигентни системи.
– Во овој момент бојкотираме 4 стручни предмети. Не сме задоволни од квалитетот на избраните професори затоа што не ја предaваат доволно добро програмата на МИГ – велат тие.

Во паралелката учат 11 ученици. Сите одат на меѓународни натпревари по информатика, а деветмина на натпревари по математика. Тие очекуваат министерот Шаќири да ги прими нивните родители и сите заеднички да ги надминат проблемите. Во спротивно, учениците велат дека размислуваат и да се отпишат од школото.
– Сите ученици не се од Скопје. Ќе се вратат во градовите каде живеат. Можеби ќе треба да дополагаме некои предмети, затоа што учиме според стручна програма. Но, ако не се смени нешто, тоа ќе значи дека во ова школо нема доволно почит – децидни се тие.

На прашањето ако останат како ќе ја надополнат изгубената настава, талентите од МИГ велат:
– Ако се компресира материјалот ќе можеме да го поминеме. Одлично ја разбираме материјата и нема да има проблеми. Тука сме затоа што сакаме да учиме, но сакаме квалитетна настава.

Сподели