Револтираните родители по телефонски разговор со министерот Јетон Шаќири добија ветување дека ќе го разгледа одговорот од инспекцијата што вчера била во училиштето и дека негова определба е МИГ да опстои и да биде успешна
Медалите што ги носиме можеме слободно да ги фрлиме доколку престанеме да се бориме за вистината. И Математичко-информатичката гимназија ќе ја изгуби својата вредност доколку ние се вратиме во понеделник на настава и се правиме дека ништо не било и сме глуви и слепи пред лицето на правдата. Примарната цел на училиштето не е да ги полни децата со знаење, но пред сè, од нив да направи луѓе. Не знам како планираат да го сторат тоа ако нè учат да молчиме, ни пишуваат неоправдани и да ни велат да не ги мешаме прстите кај што не ни била нашата работа – изјави Стефанија Кузмановска, ученичка во трета година од МИГ, во името на своите соученици, на мирниот протест што заедно со своите родители го организираа пред Министерството за образование и наука.

Учениците повикаа сите надлежни институции да изреагираат и да ги „обелат своите дипломи“.
– Ги повикуваме да се огласат и да покажат вистински интерес кон ова. Да не ја префрлаат топката од една на друга инститиција. Директорката (Јулија Гајдаџиева, н.з) рече дека ние сме биле изманипулирани. Ако може некој да ми објасни како медалите се заработуваат со манипулација. Доволно сме едуцирани за самите да формираме личен став. Неквалитетот на наставата ќе ни се одрази исклучиво на нас, никој нема да има поголема корист од нас доколку имаме квалитетна настава. Ако ние се избориме за ова, новите генерации нема да треба да се борат. Бараме директорката да го отстапи својата место на некој што со љубов ќе ја води гимназијата и што има страст кон науката и некој што ја сфаќа првичната замисла како треба да изгледа една ваква гимназија. Во моментов најголем проблем ни се информатичките предмети, но и математика. Нашата цел не се дипломите, ни треба да учиме од добри педагози. Мотивацијата е една работа, дисциплината е друга кога се работи за постигнување успех – изјавија учениците.
По протестот на родителите и учениците, тие успеаја да добијат прием во кабиентот на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и со него поразговараа телефонски.
– Министерот рече дека ќе го разгледа одговорот од инспекцијата која вчера беше во училиштето и доколку е потребно, ќе се направат други инспекции. Викндов треба да подготвиме писмо во кое ќе ги образложиме сите проблеми и ќе му го доставиме. Неговата определба е МИГ да опстои и да биде успешна. Позитивно реагираше, но ќе видиме дали ќе преземе чекори како што ветуваше – изјавија родителите за Умно.мк.

Дејан Пешевски, родител
Оставка од директорката побараа и родителите на учениците. Дејан Пешевски, родител на дете што учи во гимназијата и член на советот на родители ги објасни проблемите со кои се соочуваат.
– Ние не сме задоволни од работата на директорката. Уште во септември самиот реагирав до неа околу изборот на еден наставник. По не знам колку средби, таа никогаш нема слух за нас. Во име на сите 90 родители, начинот на кој таа ги бира професорите не е во ред. Законот е рамка и кажува кои се минимум потребните услови. Такви може да има илјада наставници, но ние ги бараме најдобрите 10. По ваквото однесување, кој од тие добри педагози ќе сака да работи во оваа гимназија? Нашите деца реално не би имале подобар избор од оваа гимназија. Ќе кажам лично од моето искуство, јас бев ученик како нив. Четири години во гимназијата ги поминав во досада, оти сè ми беше познато од тоа што се учеше по математика. Многу е подобро за овие деца да бидат на едно место заедно, а не раштракани на 15 различни места. Поубаво ќе се развиваат заедно – истакна Пешевски, кој работи во ИТ-секторот.
Тој истакна дека законот според кој е уредена работата на гимназијата треба да претрпи промени и дека во моментов на директорот му дава целосно право да ги бира членовите на комисијата што ќе ги оценуваат пријавените кандидати.
– Тие членови на таа комисија се наставници по физика, математика, педагог од самата гимназија. Тие не ги оценуваат стручно и не е ни можно да ги оценат. Како професор по физика од средно може да оцени некој што има ретка докторска дисертација по алгебра. Предлагаме да се воведе поголема транспарентност. Најповикани се Институтот за математика, ФИНКИ кој е најпопуларен избор во земајва. Не можеме да се правиме слепи и глуви дека нашата директорка може да напрви подобар избор од овие луѓе. Бараме оставка, зашто таа прави и голем раздор посебно периодов меѓу учениците и родителите и лушето немаат доверба – вели Пешевски.
Тој додава дека не е решение учениците да се отпишат од гимназијата и дека нема да се согласат со ставот – ако не ви чини, одете си. Тој изрази незадоволство од професорката по програмирање што ја имале, за која тврди дека им предавала на учениците погрешно.

– Јас на моето дете му кажав да не учи според тоа што го предава таа – истакна родителот.
На почетокот гимназијата работеше одлично, но со текот на времето почна да губи квалитет, вели Иле Радев, родител.
-Ние не сме луѓе што ќе се откажат од борба. Идејата беше одлична, сакавме да биде добро за нив и ние ќе се бориме и немаме намера да се откажеме. Кај директорката нема желба за разговор. Ние не ги омаловажуваме новопримените професори, но тие што веќе се успешни со нашите деца треба да се задржат. Доставивме дописи и до Државниот просветен инспекторат и очекуваме и тие да се изјаснат.





