Две недели без стручна настава средношколците во Математичко-информатичката гимназија

Откако минатата недела родители на ученици од трета година реагираа во јавноста, на 31 јануари беше објавен јавниот оглас и одлука за избор на истакнати стручни наставници

Неизвесно дали и оваа недела ќе почне наставата по стручните предмети во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје. Ученици од три генерации две недели посетуваа настава исклучиво по општообразовните предмети. Откако минатата недела родители на ученици од трета година реагираа во јавноста, на 31 јануари беше објавен јавниот оглас и одлука за избор на истакнати стручни наставници.

Досега учениците од трета година пропуштија повеќе од 40 часа од стручната настава, а учениците од прва и втора година – околу 30 часа. Родителите реагираат дека многу тешко ќе се надокнади овој метаријал зашто програмата е комплексна и напорна.

Стручната настава во МИГ ја држат истакнати стручни лица во своите области. Според Законот за математичко-информатичка гимназија, за истакнато стручно лице се смета ако предавачот бил ментор на ученик кој бил награден на престижен меѓународен натпревар, запишан е на докторски студии или веќе е доктор на науки на соодветната област.

Во МИГ се вработени вкупно 16 лица, од кои 1 директор, 1 педагог и 14 наставници по општообразовни предмети, вработени на определено работно време во согласност со наставниот план и наставните програми.

– Има вкупно 11 лица ангажирани со договор на дело, односно истакнати стручни лица во согласност со Законот за математичко информатичка гимназија и наставниот план и наставните програми за математичко-информатичка гимназија – велат за Умно.мк од Министерството за образование и наука.

Истакнатите стручни лица не биле ангажирани во второто полугодие од учебната година. Минатата недела директорката на училиштето рече дека се чекаат согласности од Министерството за финансии. Откако родителите реагираа во јавноста, на 31 јануари МИГ го објави јавниот оглас и одлука за избор на истакнати стручни наставници.

Според став (7) од член 14, „Истакнатите стручни лица од ставот (6) на овој член ги ангажира Математичко-информатичката гимназија, за периодот од 1 септември во тековната година до 31 август во наредната година, по претходна согласност од Министерството“. На прашањето зошто согласностите не биле потпишани на овој период од МОН одговараат:
– Министерството за образование и наука согласно известувањето од Министерство за финансии, одобрува согласност за ангажирање на стручни лица за период од тековна фискална година.

Директорот на училиштето по добивањето согласност од Министерството за образование и наука односно од Министерството за финансии, во јануари и септември распишува јавен оглас за вработување. Платата на истакнати стручни лица кои се ангажираат по договор на дело се пресметува по час на неделно односно месечно ниво за вкупно 128 наставни часа. Еден час е 830 денари бруто, за време на распуст не земаат никаков надомест – велат од МОН.

Родители на ученици во трета година минатата недела револтирано реагираа дека учениците одржуваат настава само по четири предмети – македонски и англиски јазик, физика и спорт.
– Недозволиво е да не може да се обезбедат услови за нормална настава – велат родителите.

Сподели