Паметни деца не се манипулираат! Смена на директорката на МИГ бараат родителите на талентираните ученици

Во писмото до Умно.мк родителите одговараат на интервјуто на директорката Јулија Гајдаџиева и најавуваат поддршка на нивните деца денеска во 12 часот, на мирниот протест пред Министерството за образование и наука во центарот на Скопје

„Срамна и понижувачка е изјавата на директорката на Математичко-информатичката гимназија дека паметни деца како нашите можат да бидат манипулирани. Сметаме дека директорката ја води оваа институција во сосема спротивна насока и бараме итна нејзина смена“, велат родителите на учениците кои недекава ја бојкотираат наставата во училиштето барајќи квалитетни професори. Во писмото до Умно.мк родителите одговараат на интервјуто на директорката Јулија Гајдаџиева и најавуваат поддршка на нивните деца денеска во 12 часот, на мирниот протест пред Министерството за образование и наука во центарот на Скопје. Во продолжение го објавуваме интегрално писмото на родителите на талентираните средношколци.

„Како родители на надарените ученици од МИГ загрижени сме за опстанокот на оваа институција во обликот во кој беше предвидена да постои. Сметаме дека директорката ја води оваа институција во сосема спротивна насока и затоа бараме итна нејзина смена. Родителите на вчерашниот состанок не се согласија со ниту еден став на директорката. Срамна и понижувачка е нејзината изјава дека паметни деца како нашите можат да бидат манипулирани. Напротив, на децата кои од почетокот на оваа година гласно реагираа на неквалитетот на одреден професор, истата скоро секојдневно им вршеше притисоци. Децата кои ја бојкотираат наставата сега секојдневно трпат закани, а има индиции дека поради заплашувања дел од нив кои сакаат да се придружат на бојкотот, се откажуваат од тоа.

Очигледно нема критериуми ниту комисија од стручни лица кои би биле одговорни за изборот на најповолен професор, па директорката со нејзината ,стручност’ има ексклузивно право на тоа. Загрижени сме дека поради нејзиното самоволие, надарените ученици по математика и информатика нема да рескираат да се запишат во МИГ. Ако ние треба догодина да одлучиме дали би го запишале нашето дете во оваа гимназија, со сигурност нема. После самоволното отфрлање на кадри од најпрестижните факултети и ангажирање на недоволно спремни професори, најголемиот дел од докажаните вистински експерти во областа нема да изразат желба да се ангажираат во МИГ. А, нашите деца се овде токму поради тоа што очекуваа таков профил на професори.

Одврзаните раце кои Законот за оваа гимназија го дава на институцијата директор и дава можност, ако сака, да направи престижно училиште, но не претпоставил дека е можно директорот да ја злоупотребува оваа функција за остварување на лични цели. Заклучокот на родителите после состанокот со неа е дека таа не го има разбрано концептот на гимназијата. Должност на директорката е да ги привлече реномираните стручњаци од овие области да предаваат во гимназијата и во текот на целата година да работи во насока на прибирање на квалитетен кадар, но таа нема контактирано ниту една релевантна институција, освен приватниот факултет ФОН, за да направи таква соработка. Доказ за тоа е и реакцијата која првата година била испратена до МИГ, МОН и други институции од страна на Природно-математичкиот факултет и Сојузот на математичари.

Гимназијата не оди во насока да ги прибира и да ги афирмира најдобрите основци да се запишат во неа, т.е. учениците од натпревари, математички школи и други места каде се собираат талентите за математика и информатика. Уште повеќе со последните нејзини постапки, најверојатно ги има премислено и оние кои планирале своето образование да го продолжат овде.

Врз основа на сугестиите на дел од класните раководители кои велат дека ако не сме задоволни од наставниот кадар можеме да си ги отпишеме децата, се сомневаме дека директорката има за цел да ги натера најдобрите ученици од МИГ да се отпишат. Нашите деца се на половина пат. До сега учеле по програма која не соодветствува со останатите гимназии. Треба да ги префрлуваме во гимназии надвор од Северна Македонија, а прашање е дали е тоа можно. Да знаевме дека нашите деца ќе се најдат во ваква ситуација никогаш немаше да помислиме да ги запишеме во МИГ.

Дел од професорите, оние кои немаат доволно знаење да ги научат нашите деца, сакаат да ја зголемат нивната репутација на грбот на надарените ученици. Добрите ученици секогаш ќе најдат начин да научат. Дали професорите кои не им помогнале во тоа треба да ги преземат заслугите? Дали директорката наместо да избира кадри кои ќе им помогнат на овие ученици да постигнат поголем напредок, намерно донесува кадри кои својата биографија ќе ја збогатуваат на сметка на деца кои сами учат или бараат помош од страна? Само да напоменеме, паричниот надоместок на менторот кој има ученик со медал на меѓународна олимпијада не е за занемарување. Дали овие професори се овде заради тоа?
Секое училиште го прават добрите ученици. Ако во МИГ не останат овие ученици, тогаш зошто воопшто ќе постои?“.

Сподели