Науката потврди: Во географска Македонија се најстарите неолитски населби во Европа. Лани една делумно уништивме

Најстарите неолитски населсби во Европа се појавиле во географска Македонија, во втората половина на 7 милениум пред новата ера. Сознанијата се објавени во реномираното светско археолошко списание Documenta Praehistorica, каде е објавен научниот труд за датирањето на неолитските локалитети во Пелагонија во коавторство на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер. Трудот е базиран на долгогодишните теренски истражувања на Центарот за истражување на предисторијата во Пелагонија, финализирани со хронолошко моделирање на добиените дати во Ајнштајновиот центар во Берлин.

– Во трудот Dating the Early Neolithic in Pelagonia, сублимирани се сознанијата за датирањето на неолитските тумби во Пелагонија, добиени при радиокарбон анализите на семиња од житарици и животински коски. Во него за првпат се посочува дека најраното појавување на неолитски населби во Европа се случува во географска Македонија, при што опфатени се повеќе локалитети од Република Македонија и Република Грција чии што датирања се ревидирани со помош на хронолошки секвенци и примена на бејзовото моделирање – вели Наумов.

Во документот се истакнува и мошне важната улога на неолитскиот локалитет Влахо на кој му е неопходна заштота зашто лани се соочи со уништување на неговата источна периферија. Овој локалитет се издвојува со една од најстарите неолитски дати во Европа (околу 6.400 години пред новата ера).
– Ова го прави особено уникатен во светски рамки, како поради датирањето, така и поради единственото присуство на десетина ровови низ населбата. Во прилог на овие аргументи, изработени се повеќе хронолошки графикони кои го потврдуваат временскиот опсег на Влахо во втората половина на 7 милениум п.н.е., како и она на другите значајни неолитски населби во географска Македонија – вели Наумов.

Трудот може бесплатно да се преземе тука и тука. Ова е една од главните заложби на Центарот за истражување на предисторијата – достапност на научните сознанија до сите љубители на минатото.

Неолитскиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија, лани во февруари се соочи со сериозно уништување, отприлика во исто време кога престижното археолошко списание Antiquity објави труд за наоѓалиштето. Фирма почна да копа јаглен во рамките на археолошката зона. Несовесното однесување кон овој локалитет предизвикува оштетување на неговите периферни делови и особено на рововивите кои претставуваат негово уникатно обележје.

Археолозите апелираа за итна заштита на археолошкото наоѓалиште. Веќе во март 2023 година беше забрането копањето јаглен кај Влахо. Битолскиот суд го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци.

„Во ОЈО Битола се води постапка за кривично дело „оштетување или уништување на добра…“ од чл. 264 од Кривичниот законик околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи“, рече тогашната министерка за култура Костадиновска-Стојчевска.

Одлуката на Битолскиот суд следеше по реакцијата на Министерството за култура и на неколку надлежни институции да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.

Сподели