Министерката Костадиновска-Стојчевска ја поздрави одлуката на Битолскиот суд кој го уважил предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрекол забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци.
Забрането е копањето јаглен во неолитскиот локалитет Влахо во Пелагонија, а препорачано е изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин кај Охрид да биде ставено во мирување. На локалитетот Св. Атанасиј кај кочанското село Спанчево нема индиции дека инвеститорот гради во зона со културно наследство. Ова беа дел од поените на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашната прес конференција по повод оштетувањата на културното наследство на повеќе локации во Македонија.
Поради актуелноста на некои од прашањата, Костадиновска-Стојчевска одржала и седници со Националната комисија на УНЕСКО и со Националниот совет за културно наследство. Таа ја поздрави одлуката на Битолскиот суд кој го уважил предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрекол забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци.
– Во ОЈО Битола се води постапка за кривично дело „оштетување или уништување на добра…“ од чл. 264 од Кривичниот законик околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи – рече Костадиновска-Стојчевска.
Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура и на неколку надлежни институции да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.
За локалитетот во штипско Спанчево, Костадиновска-Стојчевска ја пренесе информацијата од надлежнниот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип чија екипа извршила увид и констатирала дека на местото каде што се изведуваат градежни работи за поставување на фотоволтаици од инвеститорот „Сити Инвест“ не се забележани наоди кои би укажале на постоење на културно наследство.
– Во консултација со Општина Чешиново-Облешево, инвеститорот ги имал сите документи за отпочнување со градежни активности, односно дозвола за градба од 2013 година со важност од 10 години – рече Костадиновска-Стојчевска.
По седницата со Националната комисија за УНЕСКО, министерката информираше дека по прашањето со изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин е заклучено дека се препорачува Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани за изградба на објектот водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
– Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид – рече Костадиновска-Стојчевска.
Бисера Костадиновска-Стојчевска
Таа нагчаси дека комисијата препорачува Општина Охрид да ја поништи донесената одлука за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (број 08-17370/61 од 22.12.2022 година) и да донесе нова одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, имајќи го предвид членот 2 од Законот за управување со светското природно и културно наследство според кој управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес, што се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
(В.И.И)