Уништени неолитски куќи, керамички садови, фигурини – продолжува разорувањето на најстарата неолитска населба во Македонија

Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции, велат археолозите од Центарот за истражување на предисторијата 

Најстариот неолитскиот археолошки локалитет во Македонија – Влахо кај селото Живојно во Пелагонија и понатаму се оштетува поради експлоатација на јаглен, соопшти Центарот за истражување на предисторијата кој со години спроведува истражувања на локалитетот.

– За жал, и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Заводот и музеј од Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба. Целосно е уништена источната периферија на локалитетот со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот – велат од Центарот.

При девастирачките работи со багери оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и друго.

– Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот – предупредиваат археолизите.

Според нив, ваквото неодговорно уништување на археолошки локалитети е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство.

– Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа воедно дава и лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство – децидни се од Центарот.

Најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание „Антиквити“ кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација.

– Неопходно е Влахо да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување и да се овозможи негово темелно истражување поради своето значење – велат од Центарот.

Умно.мк вчера објави дека градежни активности има и на археолошкиот локалитет „Св. Атанасиј“ кај кочанското село Спанчево, каде приватна фирма поставува фотоволтаици. Археолозите што го истражувале енеолитскиот локалитет од 4.000 година пред новата ера тврдат дека тој не е сосема истражен и му се нарушува интегритетот. Од надлежниот Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип објаснуваат дека инвеститорот ги има сите дозволи и дека засега немаат основа да ги прекинат градежните активности.

(В.И.И.)

Сподели