Додека багерите работат на терен и го оштетуваат неолитскиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија, престижното археолошко списание Antiquity објави труд за наоѓалиштето. Во едицијата Project Galery на списанието што го издава Универзитетот во Кембриџ сумирани се последните сознанија за значајната неолитска населба, како за македонската, така и за европската археологија. Во трудот истакнато е присуството на десетина ровови, евидентирани на локалитетот Влахо преку неговото геофизичко скенирање. Резултатите од истражувањето посочуваат на дури 13 полукружни концентрични ровови што во моментов претставува единствена ваква појава во предисториска Европа.
– Во тој простор присутни се уште два паралелни рова што формираат правоаголна целина во која се присутни остатоци од повеќе неолитски градби. Надвор од овој мошне интересен комплекс, геофизичкото скенирање потврди уште два рова кои се формирани независно, а за кои во моментов не се знае дали се истовремени или пак направени подоцна – велат археолозите од Центарот за истражување на предисторијата.
Локалитетот е датиран во 64 век пред новата ера, што воедно го прави и еден од најстарите неолитски локалитети во Европа, исклучително важен поради неговата специфична просторна организација која не е вообичаена за Балканот, но и пошироко.
– Издвањето на овој научен труд во Antiquity ќе му даде многу поголемо и светско афирмирање на локалитетот Влахо кај Живојно и на неговите хронолошки, просторни и културни обележја. Трудот е рецензиран од врвни светски стручњаци, што ја потврдува веродостојноста на изложените резултати и овозможува нивно темелно вклучување во студиите на бројни истражувачи. На тој начин се истакнува и значењето на оваа мошне специфична неолитска населба и потребата за нејзино долгорочно проучување и заштита. За жал, локалитетот Влахо во моментов е соочен со сериозно оштетување, поради ископувањето на јаглен во негова близина, но и во рамки на периферијата на неолитската населба. Несовесното однесување кон овој локалитет предизвикува оштетување на неговите периферни делови и особено на рововивите кои претставуваат негово уникатно обележје. Поради тоа неопходна е итна заштита на ова наоѓалиште и многу погласно апелирање за негово целосно зачувување – категорични се археолозите.
Тие се надеваат дека публикувањето на најновите сознанија за овој уникатен локалитет во угледното списание ќе придонесе Влахо да биде препознаен на меѓународно ниво и да му се овозможи соодветен научен третман и заштита. Освен истакнати светски научници од кои дел се вклучени во истражувањето на Влахо, за неговата вредност и специфичност стануваат свесни и меѓународни организации кои ќе иницираат негова целосна заштита.