Дали имаме капацитет да ги задржиме овие ученици? Дали сме способни и спремни да им обезбедиме соодветни вработувања по дипломирањето, прашува проф. д-р Миха Буклески
Шест од десет млади талентирани хемичари се решени да заминат од Македонија. Дали имаме капацитет да ги задржиме овие ученици, прашува проф. д-р Миха Буклески, редовен професор при Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тој е член на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и ментор на повеќе генерации талентирани средношколци по хемија кои ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади по хемија. Во моментот го подготвува тимот за Менделеевата олимпијада по хемија, но нашето учеството е неизвесно затоа што натпреварот се одржува во Бразил, а Сојузот не може да обезбеди пари за авиобилети затоа што е непрофитна организација. Умно.мк вчера објави дека продолжува маката на научните здруженија што ги организираат овие натпревари, зашто Законот за средно образование не предвидува ставка оваа поддршка да ја даде Министерството за образование и наука. Иако лани МОН најави дека сè ќе се решени со новиот закон за средно, документот двапати влегува во собраниска процедура и се враќа на доработување.

Буклески и неговите колеги со години ентузијастички ги менторираат талентираните средношколци по хемија. Многумина од нив се враќаат со медали за Македонија од натпреварите, иако понекогаш се во позиција сами да ги финансираат патувањата. Оваа атмосфера се одразува и на менторите и на учениците.
– Добро познат ни е трендот на иселување на младите од државата. За тоа постојано се зборува и пишува. Последните податоци кои ги соопшти министерката за образование се дека „за седум години има 17.000 ученици помалку, а бројот на студенти е намален за 7.000“. Исклучок не се ниту талентираните ученици. Од непосредните разговори, бројките кажуваат дека 6 од 10 талентирани хемичари се решени да заминат да студираат во странство, а 2 од 10 размислуваат дали да заминат или да останат – вели Буклески.

Но, и да решат да останат, овие ученици имаат многу понапредни знаења и познавања од хемијата, па се поставуваат многу дополнителни прашања и предизвици, како за универзитетите во Македонија, така и за државата: Дали имаме капацитет да ги задржиме овие ученици? Дали сме способни и спремни да им обезбедиме соодветни вработувања по дипломирањето? Дали може да им обезбедиме услови за работа (инструменти и опрема)? Дали сме во можност и понатаму да ги менторираме, да ги насочуваме и да им овозможиме научен развој? Дали имаме услови и капацитети директно или индиректно да ги вклучиме во развојот на државата?
– Со други зборови, дали ги заслужуваме? Сето ова, во најголема мера, зависи од вложувањето во науката и образованието, пред сè услови, кадар и континуирано надградување и едукација на кадарот – дециден е Буклески.
Универзитетските професори што ги подготвуваат средношколците за светските натпревари со години се борат со ветерници. Актуелниот Закон за средно образование предвидува награди за учениците што ќе освојат медал на некоја од олимпијадите, а награда е предвидена и за менторот. Но правилникот нагласува дека менторот мора да е вработен во средно училиште. Така, универзитетските професори никогаш не можат да аплицираат за каков било надомест. До лани преку Агенцијата за млади и спорт добиваа извесни буџети што ги искористуваа за намирување на патните трошоци, но со згаснувањето на Агенцијата лани пропадна и оваа помош.

– СХТМ како професионално здружение на хемичарите се чувствува повикано да ги стави под закрила државните натпревари и да организира избор на тимови за учество на меѓународни натпревари. Сите кои се вклучени во подготовките, максимално професионално се посветени на задачите и ги извршуваат со највисок степен на професионалност. Сите активности на членовите се волонтерски. Неправилниот начин на вреднување на трудот од страна на МОН, неколкупати предизвикаа револт во редовите на СХТМ, но смогнавме сили да ја надминеме неправдата и да продолжиме да и пркосиме со постигнување на уште позначајни резултати. Секој ентузијазам има своја кулминација. По повеќе од 10 години, тој ентузијазам е опаднат, но се надеваме дека младите сили и поранешните олимпијци ќе ја преземат организацијата, а во меѓувреме ќе се решат проблемите со финансирањето – вели Буклески.
Односот на државата кон најталентираните ученици за наука е многу сличен со односот кон третманот и финансирањето на науката во Македонија. Што значи држава без наука? Според Буклески, растот и развојот на една држава е тесно поврзан со науката.
– За да може да имате континуиран економски раст, потребен е развој во науката и иновациите. За да постои развој на науката, потребно е добро образование. Талентираните ученици, особено оние кои биле подготвувани за олимпијади, го имаат потенцијалот и треба да бидат оние кои би се вклучиле во научните процеси и да бидат носители на развој на различни научни дисциплини. Кај нас, науката е маргинализирана и на неа се гледа како на непотребен трошок. Сè додека не се препознае потенцијалот кој го има науката и силата која ја поседува да предизвика напредок и сè додека не се вложува во неа, не можеме да очекуваме подобрување на состојбите – дециден е тој.
(ПРОДОЛЖУВА)





