„Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн-насилството“ е темата на студентската конференција што ќе се одржи на 10 март во 11 часот во амфитеатарот на Правниот факултет во Битола при Универзитетот „Климент Охридски“. Конференцијата ја организира Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ во рамките на регионалниот проект Defend the Right to be Yourself со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција.
Родово-базираното насилство (РБН) е резултат на длабоко вкоренетите родови нееднаквости, дискриминацијата и стереотипите кои постојат во општеството. На глобално ниво, овој тип на насилство е признато како сериозно прекршување на човековите права и основен проблем што го попречува постигнувањето на родова еднаквост и социјална правда.
Во дигиталниот простор, пак, РБН добива нови димензии. Сајбер сексуалното вознемирување, сајбер демнење, неовластеното споделување на интимни фотографии и видеа (порнографија без согласност – одмазничка порнографија), клевета во онлајн просторот, тролање, кротење во онлајн-просторот, доксинг/злокументирање, злоупотребата на лични податоци и говорот на омраза насочен кон одреден род и/или родов идентитет, се само некои од начините на кои насилството може да се манифестира онлајн.
Овие форми на насилство може да бидат помалку видливи, но често имаат долготрајни психолошки последици по жртвите, со оглед на тоа што дигиталниот простор овозможува насилството да се споделува глобално. Kонцептот, пак, на родовите дезинформации може да биде поставен во облиците на манифестирање на родово-базираното насилство, затоа што вклучуваат дисеминација на лажни наративи, стереотипи и предрасуди кои ја овозможуваат и олеснуваат маргинализацијата и дискриминацијата на одредени групи.
Целта на оваа студентска конференција е да се фокусира на активното ангажирање на младите, особено фокусирајќи се на студентките, во адресирањето, препознавањето и справувањето со родовите дезинформации и формите на дигитално родово-базирано насилство и заштита од истите. Оваа конференција ќе им овозможи на студентите да добијат пошироко разбирање за РБН и како да се справат со неговите форми во дигиталниот простор, со акцент на превенцијата, препознавањето и поддршката. Дополнително, конференцијата ќе ги адресира предизвиците на родовите дезинформации, нивната улога во одржувањето на нееднаквостите и ќе ја нагласи важноста на дигиталната слобода како средство за постигнување родова еднаквост.
На конференцијата ќе биде презентиран и Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор изработен од проф. Ангелина Станојоска.





