Како да стигнат талентираните млади хемичари до Бразил?

Поради пропуштени летови и лоши временски услови, лани стигнавме 3 дена подоцна и го испуштивме првиот дел од натпреварот. Веќе сме свесни дека и оваа година ќе се соочуваме со сериозни проблеми околу обезбедување финансии за Менделеевата олимпијада, но и за Меѓународната олимпијада по хемија – IchO, вели проф. д-р Миха Буклески

Четворица средношколци талентирани за хемија почнаа интензивно да се подготвуваат за тешката Менделеева олимпијада по хемија на која ќе си ги измерат силите и знаењата со останатите таленти во светот. Подготовките се одвиваат на Институтот за хемија При Природно-математичкиот факултет во Скопје под будното око на менторот, д-р Миха Буклески, редовен професор на Институтот и останатите членови на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), научно здружение што го организира националното претставување на Македонија на меѓународните натпревари по хемија. Дали ќе стигнат на Олимпијадата во април не се знае, зашто натпреварот годинава се одржува во Бразил, до каде тешко се стига.

Македонскиот национален тим за Менделеевата олимпијада по хемија го сочинуваат: Петар Мирчевски, 4. година во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, Марио Ванчоски (4. година), Иван Костевски (4. година) и Даниел Христов (3. година) во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ и Елена Живаљевиќ, 4. година и Теона Ана Георгиевска, 3. година, двете во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Од 2019 година СХТМ прави избор на тимот што ја претставува Македонија на една од најтешките, но и најпрестижните олимпијади. Според Буклески, да се биде во друштво со натпреварувачи и ментори од држави кои имаат високо етаблиран систем на подготовки во рамките на средното образование е престиж, но и одговорност.

– Одговорноста е пред сè лична, а престижот е за државата. Така и нашиот систем на подготовки е напорен, напреден, на високо ниво и исцрпувачки за учениците. Во краток временски период, тие се подложуваат на интензивни предавања и нумерички вежби за да се постигне повисоко ниво на знаење, кое за жал, нивните врсници од средните училишта од „хемиски напредните“ држави, веќе го имаат – објаснува тој.

Потоа следува квалификациски натпревар на кои се одбираат најдобрите 10 со кои процесот на подготовки продолжува. Во овој чекор, освен предавањата, учениците имаат можност да се запознаат и со лабораториските методи и техники за работа и пред нив се поставува нов предизвик – експерименталните проблеми. По неколкумесечни интензивни подготовки, се одржува првиот селекционен натпревар на кој се одбира тимот кој ќе ја претставува Македонија на Менделеевата олимпијада. Годинава селекциониот натпревар се одржа на 24 и 25 февруари (теоретски и експериментален дел) и беа избрани четворицата претставници.

– Тројца од натпреварувачите се ученици од 4. година и сите имаат искуство од учества на меѓународни олимпијади. За Марио и Петар ова ќе биде трета година по ред да ја претставуваат нашата држава на Менделеевата олимпијада. Тоа им овозможува полесно да се справат со стресни и непредвидени ситуации и полесно да се приспособат кон промените – вели Буклески.

Олимпијадата ќе се одржи од 5 до 13 мај во Бело Хоризонте, во Бразил. СХТМ е повторно пред голем предизвик – како да се стигне дотаму. Проблемот со финансирање на меѓународните наулни олимпијади се провлекува со години. Министерството за образование и наука нема законска основа финансиски да ги поддржи олимпијците и уште лани најави дека сите проблеми ќе бидат надминати со новиот закон за средно образование. Но, но и под две влегувања во собраниска процедура, нацрт-документот се враќа на доработка.

– Далечните дестинации се секогаш проблем за кој било тим. Најголемите проблеми со кои се соочуваме се од финансиска природа. Недостатокот од финансии повлекува и друг тип проблеми, особено оние од аспект на логистиката. Барајќи спонзорства и алтернативни, поевтини авионски летови, цените на авиобилетите се зголемуваат што дополнително го отежнува целиот процес. Тука се и трошоците за подготовки, особено трошоците поврзани со набавка на хемикалии и потрошен лабораториски материјал. На пример, оваа година, подготвителните експериментални проблеми предвидуваат користење на индикатор чија цена изнесува 8850 денари за 1 грам – објаснува Буклески.

Во моментов СХТМ има обезбедено само половина од потребната сума. СХТМ е непрофитна организација и овие суми за нив се големи.

– А за еден државен буџет не треба да бидат никаков проблем. Само за споредба, годишните патни трошоци за еден пратеник би овозможиле учество на 30 ученици на меѓународни олимпијади кои би се одржувале на најоддалечените места – вели тој.

Проф. д-р Миха Буклески (лево) и рускиот амбасадор Сергеј Базникин

За Менделеевата олимпијада секогаш добиваме поддршка од амбасадорот на Руската Федерација во Скопје и компанијата „Лукоил“ кои обезбедуваат значителен дел од потребната сума. Тие средства се мотивација за хемичарите да го дообезбедување на останатиот буџет потребен за учество на олимпијадата.

– Но, не можеме и не смееме да очекуваме тие да ги сервисираат обврските кои се на државата. Срамно е тим кој ја претставува државата на највисоко ниво, самостојно да ги обезбедува финансиите преку спонзорства и донации. Станува збор за вкупна сума од 8300 евра (за 5 авиобилети) која треба да се обезбеди во најбрз рок – дециден е Буклески.

Повеќе од 10 години трае голготата на македонските олимпијци по природни науки и други предмети на меѓународните натпревари. СХТМ повеќе од 10 години безуспешно се обидува да укаже на тоа колку е важно учеството на талентираните ученици на меѓународните натпревари особено од областа на природните науки, област каде има најголем дефицит на кадар во државата.

– Повеќе од 10 години се трудиме да укажеме на важноста од системско решение за финансирањето на олимпијадите. Повеќе од 10 години има само молк од надлежните институции или добиваме истите оправдувања и го чекаме спасителот – новиот „Закон за средно образование“. Повеќе од 10 години и 7 различни министри за образование и наука (во овој временски период) не успеаја да го заменат законот за средно образование кој веќе наполни 30 години – револтиран е Буклески.

Тој раскажува што се случи лани на 58. Менделеева олимпијада по хемија што се одржа во Шенџен, Кина. До последен момент беше неизвесно тргнувањето на екипата на пат.

– Заради проблеми со обезбедувањето финансии, бевме принудени да набавиме понеповолни авиобилети во однос на патот, а на крај тоа нè чинеше многу. Поради пропуштени летови и лоши временски услови, стигнавме 3 дена подоцна и го испуштивме првиот дел од натпреварот. Веќе сме свесни дека и оваа година ќе се соочуваме со сериозни проблеми околу обезбедување финансии за Менделеевата олимпијада, но и за Меѓународната олимпијада по хемија – IChO. Долгоочекуваниот закон за средно со кој се предвидува обезбедување на финансии за учество на олимпијади, е повлечен од собраниска процедура пред неколку дена за доработка – вели Буклески.

(ПРОДОЛЖУВА)

Сподели