Примерот на Стоби – едно од можните решенија и за Билазора

Билазора е значаен локалитет и нуди огромни можности, но, неопходни ни се системски реформи на повисоко ниво, вели Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство

Реформи на сите нивоа се потребни за археолошкиот локалитет Градиште кај светиниколското село Кнежје да прерасне во културно наследство од кој ќе живее целиот регион, вели Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство. Локалитетот за кој научниците се сигурни дека е пајонската престолнина Билазора од  5 и 4 век пред новата ера е во тешка состојба. Се распаѓаат објектите откриени за време на повеќегодишните археолошки ископувања кои прекинаа во 2018 година. Објектите не се конзервирани и ги рони забот на времето. Распаднати се и конструкциите од обидите за привремена заштита.

СЕ РАСПАЃА БИЛАЗОРА, ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПАЈОНЦИТЕ КАЈ СВЕТИ НИКОЛЕ

Според Костов, неопходни се реформи во целиот систем. УЗКН веќе ја објави Нацрт – Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство (2021-2025), а се подготвува и нов закон за заштита на културното наследство.

Упатените велат дека актуелната состојба на Билазора е резултат на некоординација и измешани надлежности на повеќе институции. За заштита на локалитетот е одговорен Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, а за движното наследство е се грижи Народниот музеј во Свети Николе кој ги спроведуваше археолошките ископувања во соработка со стручњаци од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а во еден период им се придружи и Тексашката фондација за археолошко-историски истражувања.

Ацо Костов

Според Костов, начинот на кој функционира археолошкиот локалитет Стоби е едно од можните реформски решенија и за Билазора и други локалитети во земјава. Со одлука на Владата во 2008 година, од археолошки локалитет за кој беа надлежни повеќе институции Стоби прерасна во Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско, со задача да управува со археолошкиот локалитет Стоби и да се грижи за археолошките ископувања, конзервацијата, одржувањето, користењето, презентацијата и популаризацијата на локалитетот.

– Едно од можните решенија е да се подготви план како што се направи за Стоби, па да бидат самоодржливи локалитети. Неопходна ни е децентрализација во сите сфери во културата. Така поголема одговорност ќе има и локалната самоуправа, ќе се развива свеста и на локално ниво. Билазора е значаен локалитет и нуди огромни можности. Но, неопходни ни се реформи и на повисоко ниво – вели Костов.

Археолошкиот локалитет Стоби од 2008 година е национална установа

Според него, Управата треба да има база на средства за да создава пари, не само да бара, зависна од државниот буџет. Да се создаде агенциски систем, на подобар и организиран начин да се управува со културното налседство.
– Да го надградиме постоечкиот состем и да можеме заштитата и конзервацијата да ја вршиме и со помош на фондови од Европската Унија. Така локалната самоуправа повеќе ќе се грижи за културното наследство на нивата територија, а ние како позадинска поддршка ќе ги зајакнуваме со закони и имлементација на сè им е потребно – објаснува тој.

НАДЛЕЖНАТА ИНСТИТУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА БИЛАЗОРА НИКОГАШ НЕ БИЛА ВКЛУЧЕНА ВО ИСТРАЖУВАЊАТА

Во моментот штипскиот Завод и музеј прави ревалоризација на Билазора. Дополнително во јуни во Министерството за култура е поднесен проект за конзервација на објектите.

Костов вели дека систуацијата не е едноставна. Треба да се откупува приватно земјиште на кое е распространет дел од локалитетот.
– Лани на штипскиот Завод и музеј му дадовме налог за ревалоразација на целиот локалитет. Ние направивме радиклализација на правилникот за валоризација и ревалоризација и административно им ја олеснивме обврската на институциите. Со процесот на заштита ќе почне и процесот на експропријација. Верувам дека сумата нема да биде проблем, но ќе треба заложба од целата Влада, од повеќе ресори и институции да може да се обезбеди откуп или експропријација на земјиштето. Многу работи ни претсојат. Билазора може да биде одлична понуда на туристичката мапа, но мора да се придвижи целата држава. Не само селото Кнежје или Свети Николе, целиот регион може да живее од ова културното наследство – вели Костов.

 

Сподели