Крајна цел е античките патни траси да бидат вклучени во туристичката понуда во регионот
Како во античко време биле градени патиштата, какви техники употребувале градителите, со какви проблеми се соочувале при трасирањето, кои населени места и региони ги поврзувале. Одговори на овие прашања се обидоа да дадат археолозите кои учествуваа во проектот „Античка патна мрежа во Охридско-Струшкиот Регион“, реализиран во текот на мај и јуни.
Со истражувањата раководеше археологот Бојан Танески, виш кустос од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид.

– Истражувањата дадоа одлични резултати во поглед на прецизно одредување на движењето на одредени патни траси и делници кои досега беа споменувани во науката, но акцентот беше ставен на откривањето на нови патишта, нивниот опус на градење, употребените техники при градбата, справувањето со проблемите на кои наидувале при трасирањето и секако кои населени места и региони ги поврзувал. Накратко би ги издвоиле поплочената патека во близина на локакилтетит Вајтос кај село Октиси, делницата која од Охрид преку врвот Скала ги поминувала планините Галичица и Исток и се спуштала во Ресенското поле, патот во должина од околу 9 км. кој од Охрид се искачувал до висорамнината Асанџура и понатаму продолжувал кон Преспанското и Корчанското поле итн – објасува Танески.

Резултатите од ископувањата ќе бидат објавени во публикацијата „Античка патна мрежа во Охридско-Струшкиот Регион“. Покрај новоткриените патишта дополнително ќе бидат поставени информативни табли, промотивни планинарски тури и видео материјал. Крајна цел е античките патни траси да бидат вклучени во туристичката понуда во регионот.

Проектот беше финансиран преку германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, односно проектот SEDRA, Mountain Tourism Value Chain. Носител на проектот беше алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, а партнери во проектот се беа Заводот и музеј од Охрид и Националниот парк Галичица.
Извор: Завод и музеј – Охрид
Фото: Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид





