Надлежната институција за заштита на Билазора никогаш не била вклучена во истражувањата

Состојбата на Билазора е резултат на некоординираност со години и измешани надлежности, вели Митко Штерјов, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип

Два милиона денари ќе чини конзервацијата на владетелската палата на античкиот град Билазора, вели Митко Шетрјов, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип. Проектот е веќе готов и поднесен во Министерството за култура. Се чека да заврши проектот за ревалоризација на локалитетот за да може да почне конзервацијата.

Археолошкиот локалитет Градиште се наоѓа кај селото Кнежје, оддалечено 5 километри од Свети Николе. Научниците велат дека немаат дилема – тука лежи Билазора, престолнината на Пајонците кои зенитот го достигнале во 5 и 4 век пред новата ера. Последните археолошки истражувања завршија во 2018 година. Во меѓувреме дел од откриените објекти на акрополата беа покриени со лимен покрив, други со дрвена конструкција и најлони кои одамна се искинати. Откриените објекти се во девастирана состојба. Завчера локалитетот го посети и министерката за култура Ирена Стефоска.

СЕ РАСПАЃА БИЛАЗОРА, ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПАЈОНЦИТЕ КАЈ СВЕТИ НИКОЛЕ

Умно.мк пред десетина дена објави репортажа од локалитетот, кој со Вардарски Рид кај Гевгелија се единствените градови од овој период пронајдени на територијата на денешна Македонија. За споредба, сите надземни објекти на Стоби, Хераклеја, Скупи или Стибера се од околу 4 век, изградени 800-900 години после тие на Билазора и Вардарски Рид.

Д-р Митко Штерјов/Извор: Youtube

Надлежна институција за конзервација и заштита на откриените објекти на Билазора е штипскиот Завод и музеј. Сепак, оваа институција ниту еднаш не била вклучена во археолошките истражувања на локалитетот кои траеја од 2008 до 2018 година. Истражувањата ги спроведуваше Народниот музеј од Свети Николе и Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а во еден период им се придружи и Тексашката фондација за археолошко-историски истражувања. Штерјов, и самиот доктор по археолошки науки, раководи со институцијата во последните три години. Тој вели дека состојбата на Билазора е резултат на некоординираност со години и измешани надлежности.

– Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип ниту еднаш не бил вклучен во проектите за истражување на Билазора, иако е надлежна институција за заштита на локалитетот. Во Заводот немавме ниту еден документ од истражувањата. Како да направите проект за конзервација кога немате никаква документација? – објаснува Штерјов.

Според него, да се почитувале процедурите и хиерархијата, ќе имале документација во нивните архиви, па проектот за конзервација одамна би бил завршен и на хартија и на терен.
– Ние во меѓувреме од сопствени стредства издработивме 7-8 проекти надвор од програмските активности. Си ја планираме и работата и човечките ресурси. По ланскиот увид на Управата за заштита на културното наследство на Билазора, во тек е ревалоризација на локалитетот, која мора да претходи на конзервацијата – објаснува тој.

Според него, многу нешта не биле соодветно сработени во поглед на Билазора. Штерјов е дециден дека не се испочитувани законските ингеренции – Штипскиот завод е надлежен за конзервација на локалитетот, а бидејќи е значајно културно недвижно наследство, надлежна институција за истражување е Археолошкиот музеј, кој е матичен и има соодветен кадар. Дополнително, се вршеле ископувања без да се планира конзервација која секогаш е најскапа.

– Сепак, на добар пат сме да ги надминеме проблемите. Билазора треба да си го добие местото што го заслужува, барем ова што е досега пронајдено. Годинава завршуваме со ревалоризација. Готов е и проектот за конзервација на владетелската палата, со помош на отстапената документација од колегите од Филозофскиот факултет. Проектот ќе чини 2 милиона денари – вели Штерјов.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели