Археолозите предлагаат како да се заштити велелепниот објект со мозаици кај Валандово

Тоа ќе овозможи заштита, но и туристички посети на објектот 12 месеци во годината

Современ објект кој ќе го штити велелепниот објект и мозаиците на археолошкиот локалитет Стакина Чешма кај Валандово и ќе биде достапен за јавноста низ целата година е крајната цел на археолозите и конзерваторите од Скопје и од Струмица. Археолозите и годинава работеа на локалитетот, а се правеше и конзервација на мозаиците. Во активностите за првпат беа вклучени и млади професионалци од седум различни земји. Со истражувањата раководеа археолозите м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј од Скопје и Ване П. Секулов од Заводот за заштита на спомениците и музеј од Струмица.

Оваа година истражувањата биле насочени на три позиции.
– Работевме во североисточниот дел од објектот, реоткривање на централна просторија со имплувиум и просторот јужно од оваа просторија. Централната просторија се отвора во целост после 50 години. Целта на истражувањата во оваа просторија беше да се изработи комплетна документација за овој дел како и да се додаде во 3Д моделот кој се изработува во последните години – објаснува Ивановиќ.

Археолошките истражувања ги спроведува Археолошкиот музеј, но проектот е синхронизиран со надлежната установа за заштита на локалитетот – Заводот и музеј од Струмица. Во истражувањата беа вклучени и млади волонтери од организацијата European Heritage Volunteers.

Според Ивановиќ, заедничкиот пристап што го употребиле годинава дал повеќе од добри резултати.
– Со самото тоа што се работеше заеднички со Заводот и музеј од Струмица се отворија можности да откриеме поголем простор, а воедно да ја искористиме конзервацијата на еден дел од мозаикот за да провериме што се случува под него, односно дали има постари фази или делови од системот за вода, хипокауст итн. Накратко, направивме синергија помеѓу нашите институции и странски организации што вроди со плод, но и нови можности за соработка со странски партнери – вели Ивановиќ.

Покрај централната просторија која беше реоткриена, археолозите годинава работеа на две нови позиции. Едната е просторот јужно од централната просторија со имплувиум за да видат дали објектот се шири кон југ.
– Но, засега немаме податоци дали тоа е навистина така. Другата позиција на којашто работевме е просторот во североисточниот агол на објектот. Овде за првпат делумно се откри нова просторија за којашто досега немавме индикации дека постои. Нумизматичкиот и керамичкиот материјал што произлезе од истражувањето во овој дел ја следи хронологијата на објектот, односно е датиран во средината на 4 век – вели Ивановиќ.

Според Секулов, Заводот и музеј од Струмица во тесна соработка со Археолошкиот музеј од Скопје има намера да го валоризира сиот труд на колегите кои работеле на овој локалитет и домусот од римскиот период трајно да биде заштитен со крајна цел негова презентација и едукација.

– Струмичкиот Завод и музеј во 2021 година за прв пат презеде конзерваторски истражувања кои резултираа со изработка со Проект за трајна заштита на овој објект и кој почна да се реализира во 2023 година кога беше конзервиран дел од архитектурата. Годинава беа конзервирани дел од мозаиците. За следната година пред Министерството за култура и туризам се доставени два независни проекта со кои ќе се продолжи со конзервација на архитектурата и мозаиците.

Крајна цел ни откако ќе заврши конзервацијата над домусот односно палатата да биде подигнат современ објект кој не само што ќе го штити ова значајно културно наследство, туку ќе биде на увид на јавноста 12 месеци во годината. Овој објект имаме намера да го претвориме во музеј на архитектурата и мозаиците од римскиот период каде што покрај организираните посети ќе биде место и за едукација на кадри од повеќе профили поврзани со културното наследство – вели Секулов.

Лани археолозите работеа на приватен имот, во двор на куќа каде ги евидентираа мозаиците. Тогаш археолозите имаа индиции за мозаични подови и на други приватни имоти, но тешко се добиваат согласности за ископувања од сопствениците.

– За жал господинот Анѓел Николов сè уште останува единствениот кој се одважи на нашето барање. Имавме неколку обиди да добиеме дозвола за да истражуваме во дворовите каде што се регистрирани мозаици но не успеавме во намерата. Ние и покрај пречките сме сè уште оптимисти дека постојат шанси да се смени расположението и да ја добиеме неопходната дозвола за да ги откриеме и документираме и другите мозаици низ Валандово – велат археолозите.

Сподели