Римска фонтана од 4 век пронајдоа археолозите на локалитетот Стакина Чешма кај Валандово. Фонтаната е дел од велелепен објект што археолозите го истражуваат со години. Со истражувањата раководат археолозите Мила Шурбановска и Радомир Ивановиќ, а ги спроведува Археолошкиот музеј од Скопје во рамките на годишната програма за проекти од национален интерес на Министерство за култура.
– Фонтаната е со димензии 240х240 см, изработена е од хидростатен малтер и поплочена со керамички плочки. Во средината фонтаната е со кружна форма, а доводот со вода е направен со оловна цевка од која пронајдовме само фрагменти. Постојат индиции дека во југозападниот агол на фонтаната имало поставено скулптура преку која што течела водата – вели Ивановиќ.
Во стручната екипа се и археолозите Перо Синадиновски, Игор Ширтовски и Пенче Кралев.