Што ако куќата ви е изградена врз антички мозаик, какви права и обврски имате?

Археолозите лани ископуваа во дворот на Анѓел и Румена Николови во Валандово. Во јавноста ретко се зборува за Законот за културно наследство, какви права и обврски имаат имателите на недвижни културни добра кои се наоѓаат на нивниот имот

Пред половина век години до Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Скопје стигнала пријава дека при изградба на приватна куќа во Валандово е пронајден мозаик. Екипи од Заводот извршиле заштитни археолошки истражувања и со години се обидувале да најдат начин да ги документираат мозаиците, но старите сопственици на имотот не дозволувале. Пред десетина години Анѓел и Румена Николови ја купиле куќата и веднаш се согласиле археолозите да ги отворат мозаиците. Лани тие изработија детаљна документација и направија заштита според пропишаните тековни стандарди.

Радомир Ивановиќ

Во јавноста ретко се зборува за Законот за културно наследство, какви права и обврски имаат имателите на недвижни културни добра кои се наоѓаат на нивниот имот. За овие прашања и за минатогодишните искуства во Валандово зборува раководителот на истражувањата, археологот м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј во Скопје.

– За време на редовните активности на локалитетот Стакина Чешма стапивме во контакт со сопственик на приватна куќа во чиј двор се наоѓаат остатоци од мозаични подови. Отидовме на увид со цел да ја забележиме локацијата на овие мозаици, но кога стигнавме таму бевме изненадени дека оригиналните ѕидови сè уште стојат, а на делови видлив беше и мозаичниот под. Лично за мене ова беше прво искуство да копам во двор од куќа.

Иако мозаиците се евидентирани пред 50 години, сега првпат се археолошки истражени. Што откривте? Во каква техника е правен и што претставува, од каков објект бил дел од мозаичниот под, во каква состојба е мозаикот денес?

– Во 70-тите години од минатиот век, по пријава која пристигнала до Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата (денешен Национален конзерваторски центар), дека при изградба на приватна куќа е пронајден мозаик, заводот извршил заштитни археолошки истражувања. Откриени биле дел од две простории со мозаични подови изработени во техниката опус тесалатум (opus tessalatum).

Овие простории најверојатно биле дел од уште една вила, но за жал, заради изградбата на куќата никогаш нема да ги имаме сите информации за неа. Она што го знаеме е дека вилата била изградена каскадно, односно северната просторија е на повисоко ниво од јужната, а ширината на ѕидовите дава индикации дека објектот најверојатно имал и кат, што на пример не е случај со локалитетот Стакина Чешма. Мозаиците се во добра состојба, дел од причините за тоа е начинот на кој се тие изработени, а дел заради превентивната конзервација направена од страна на Заводот.

Археолозите немаат често шанса да ископуваат на приватно земјиште. Каква беше соработката со семејството Николови?

– Често се случува да се работи на приватно земјиште како нива или слично, ама ретко се работи во нечиj двор. Во конкретнава ситуација, по заштитните истражувања нашите колеги со години се обидувале да најдат начин да ги документираат овие мозаици, но старите сопственици на имотот не дозволувале. За разлика од тогаш, семејството Николови кои ја купиле куќата пред околу една деценија, веќе при првата средба со нас веднаш се согласија да ни дозволат да ги отвориме мозаиците, да изработиме детаљна документација и да направиме нивна заштита според пропишаните тековни стандарди.

Покрај дадената согласност Николови се покажаа и како одлични домаќини и за тоа сме им многу благодарни. Камо да имаме повеќе вакви сограѓани, со толку високо развиено чувство за значењето на нашето културно наследство и неговата заштита и презентација.

Постојат ли индикации за други слични наоди на приватно земјиште во околината? И какви се шансите за понатамошна соработка со населението и ископувања?

– При активностите во 70-тите години, во непосредна близина на оваа вила биле откриени мозаични подови од уште најмалку два објекта. Точната локација на овие мозаици засега не ни е позната поради променетите адреси во овој дел од градот Валандово, но по нивното лоцирање секако ќе следат преговори со сопствениците за добивање согласност за истражување. Дали ќе ја имаме истата соработка како со семејството Николови останува времето да покаже.

Според Законот за заштита на културното наслество, какви обврски имаат имателите на земјиште во кое има културно наследство? И какви се обврските на државата?

– Според Законот за заштита на културното наследство, физички и правни лица можат да бидат сопственици, односно иматели на културното наследство. Секој имател на заштитено добро или на добро за кое основано се претпоставува дека претставува културно наследство е должен истото да го пријави на надлежната јавна установа за заштита. Со тоа, имателот станува одговорен за одржување, чување, почитување и правилно користење на заштитеното добро, односно, како добар домаќин да го почитува, чува и одржува, како и навреме да ги презема пропишаните техничко-заштитни и други мерки за зачувување на доброто.

Мозаикот крај куќата на Николови

Од друга страна, на имателот на заштитено добро му се овозможува право на стручна помош без надоместок, на финансиска помош за покривање на вонредни трошоци за чување и одржување на доброто, надоместок за пропишаната мерка за заштита, а има право и на правичен надоместок поради ограничувањата што произлегуваат од режимот на заштита.

Каква е иднината на мозаикот во случајот со семејството Николови? Откако ќе се истражи и документира што се случува понатаму?

– Откако ќе се истражи и документира, мозаикот треба да се конзервира, и, во рамки на можностите – да се презентира пред пошироката јавност. Последното го нагласувам бидејќи не само мозаикот кај семејството Николови, туку и останатите мозаици во неговата близина се на приватен имот, во куќи за приватно домување, што значи дека треба да имаме предвид дека не секогаш сопствениците ќе се сложат туристи да им шетаат во дворовите. Иако постојат многу модели како ова да се менаџира, сметам дека најсоодветен начин е мозаиците да се дислоцираат од сегашните позиции во своевидна галерија на мозаици во Валандово.

Мозаик на локалитетот Стакина Чешма

Таа би била единствен центар од овој вид во кој ќе се презентираат сите познати и новооткриени мозаици на приватно земјиште во Валандово. Идеална локација за тоа е локалитетот Стакина Чешма или неговата непосредна близина, каде посетителите покрај раскошната вила на Стакина Чешма ќе можат да ги видат и останатите ремек дела на доцноантичката уметност, на едно место.
Мислам дека ова решение е најсоодветно бидејќи не само што тоа ќе овозможи мозаиците да останат во Валандово, туку нивната презентација може да придонесе кон економскиот развој на градот преку заштитата и популаризацијата на културното наследство, односно развојот на културниот туризам.

Фото: Археолошки музеј

Сподели