Фонтаната е со димензии 240х240 см, изработена е од хидростатен малтер, поплочена со керамички плочки и е вистинска реткост кај нас

Фонтана во велелепниот објект од римски период открија археолозите на локалитетот Стакина Чешма кај Валандово. Со простории со мозиачни подови со разни декорации, ѕидови обоени со црвена, зелена, сина, окер боја, објектот е вистинска реткост во македонската археологија, вели м-р Радомир Ивановиќ кој со својата колешка и менторка, Мила Шурбановска ги раководеше истражувањата што ги спроведе Археолошкиот музеј во Скопје.

Во какви околности живеел овој крај во 4 век, кој можел да си дозволи да живее во луксузен објект со фонтана во отворениот двор, каква ќе биде понатамошната судбина на објектот? Археолозите ископуваат на Стакина Чешма со години. Лани решија децениски проблем – го дислоцираа колскиот пат кој поминуваше преку локалитетот.
– Тогаш излезе нова просторија која до тогаш не беше позната. Истраживме помал дел од оваа просторија, односно нешто повеќе од 20 квадратни метри. Оваа година таа сонда ја проширивме и со тоа откривме голем дел од истата просторија – објаснува Ивановиќ.

Од сондата откриена лани, годинава направиле проширување кон југ и кон запад со што отвориле дополнителни 60 метри квадратни од просторијата.
– Целата просторија е покриена со мозаичен под изработен во опус тесалатум (opus tessalatum), на кој се претставени различни мотиви како соломонов чвор, стилизирани малтешки крстови, стилизирани свастики, плетенки, соларни мотиви итн. Некои од овие мотиви ги забележавме и минатата година, но има и многу нови. Сите мотиви се ставени во рамка која е околу 1 метар од ѕидовите, а рамките се декорирани со геометриски мотиви. Ѕидовите од просторијата биле украсени со дебел слој на малтер кој бил боен со широк колорит на бои како црвена, зелена, сина, окер итн. – објаснува Ивановиќ.

Тој очекува во средината на оваа просторија да пронајдат антропоморфни или зооморфни мотиви, но пријатно се изненадиле кога пронашле фонтана во централниот дел од просторијата.
– Фонтаната е со димензии 240х240 см, изработена е од хидростатен малтер и поплочена со керамички плочки. Во средината фонтаната е со кружна форма, а доводот со вода е направен со оловна цевка од која пронајдовме само фрагменти. Постојат индиции дека во југозападниот агол на фонтаната имало поставено скулптура преку која што течела водата – вели Ивановиќ.
Археолозите ја интерпретирале просторијата како приемна сала (reception hall) која била поврзана со атриумот на исток и екседра на запад.
– Вакви простории не се невообичаени во овој тип на вили, но постоењето на централно поставена фонтана е вистински раритет – вели Ивановиќ.

Според него, 4 век е можеби последниот мирен период кога луѓето можеле да живеат во низините, односно да не се кријат на укрепените места. Една од хипотезите е дека на оваа позиција егзистирал елитниот дел на градот и тука живееле луѓе од висок сталеж во тогашното општество.

– Со истражувањата спроведени во 2020 година на позиција јужно од вилата пронајдовме архитектонски остатоци датирани во истиот период. Овие остатоци, но и други моменти укажуваат дека најверојатно цела тераса од локалитетот до брегот на Анска Река биле дел од овој елитен комплекс. Вакви примери има на повеќе места, но нам најблизок ни е примерот со локалитетот Медијана во Ниш, Србија каде на 7 км. од римскиот град Наисус се наоѓала елитната населба Медијана. Таа секако била дел од градот Наисус, но „елитата“ одбрала да живее понастрана од градскиот метеж. Мозаичните подови изработени во различни техники, декорацијата на ѕидовите, фонтана, базен, повеќе од 10 простории укажуваат на луксуз од највисок степен. Оваа вила најверојатно припаѓала на некој многу богат поединец бидејќи не можел секој да си дозволи таков луксуз. Можеби припаѓала на градоначалникот на Валандово од 4 век – низ смеа објаснува Ивановиќ.

Вилата може да биде целосно истражена за 5 години ако државата успее да експроприра една парцела јужно од објектот и ако се издвојат пари за доистражувања.
– Ние како Археолошки музеј можеме да го истражуваме, промовираме и популаризираме културното наследство, но конзервацијата на објектот е под надлежниост на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица. Тие лани започнаа проект за конзервација и се надеваме дека еден ден, заеднички, вилата ќе ја вратиме во полн сјај – вели Ивановиќ.

Стакина Чешма се наоѓа во самиот град Валандово и до него води асфалтен пат. Археолозите велат дека локалитетот заслужува многу повеќе средства и внимание зашто има капацитет да прерасне во врвен Археолошки парк во Валандово.
– Може да биде гордост на општината и на државата, а воедно да стане огромен туристички потенцијал од кој директна придобивка ќе има Општина Валандово, но и валандовчани. Не треба да измислуваме топла вода, туку треба да ги искористиме добрите примери од нашето опкружување и да ги имплементираме тука – вели Ивановиќ.

Годинашните истражувања на Стакина Чешма ги спроведе Археолошкиот музеј во рамките на годишната програма на Министерство за култура. Во истражувањата учествуваа и археолозите Перо Синадиновски, Игор Ширтовски и Пенче Кралев.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.