Со градоначалникот разговаравме за да се обезбеди потребната документација, за да можеме подоцна да аплицираме и до други фондации, институции и меѓународни фондови за пообемни истражувања, вели проф. д-р Ратко Дуев
Археолошки истражувања на Билазора, аплицирање во меѓународни фондови, промоција на монографијата „Пајонија“ во срцето на престолнината на Пајонија се дел од темите на кои неделава разговараа претставици од Филозофскиот факултет во Скопје и од локалната самоуправа на Свети Николе. На средбата присуствуваа градоначалникот Дејан Владев и директорот на Народниот музеј, Александар Нацев, деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и професорите на Институтот за историја на уметноста и археологија д-р Драги Митревски и д-р Антонио Јакимовски.

Билазора веќе неколку години е болка на поголем дел од научната и стручната заедница. Археолозите се сигурни дека локалитетот Градиште кај светиниколското село Кнежје е престолнината на Пајонците, а велат, тоа е потврдено и докажано на меѓународно ниво. Сепак, археолошките истражувања прекинаа пред неколку години, објектите се отворени и неконзервирани и се распаѓаат пред очите на сите. Умно.мк летово почна серијал текстови за причините за оваа состојба на бисерот на пајонската цивилизиција, а локалитетот го посети и претходната министерка за култура, Ирена Стефоска.
СЕ РАСПАЃА БИЛАЗОРА, ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПАЈОНЦИТЕ КАЈ СВЕТИ НИКОЛЕ
Дуев вели дека со градоначалникот разговарале за почеток на нови истражувања на Билазора, како заеднички проект со средства обезбедени од Филозофскиот факултет, Општината Свети Николе и донатори.
– Разговаравме за да се обезбеди потребната документација, за да можеме подоцна да аплицираме и до други фондации, институции и меѓународни фондови за пообемни истражувања. Договорено е и промоцијата на монографијата „Пајонија“ од група автори во издание на Филозофскиот факултет да биде одржана токму на локалитетот и во градот. Во монографијата ќе бидат објавени научните сознанија поврзани за локалитетот и пајонската цивилизација од областа на археологијата, нузмизматиката, епиграфијата и античката историја. По многу настојувања за наредната година се обезбедени и финансии од Минстерството за култура за конзервација на наодите од локалитетот – вели Дуев.
НАДЛЕЖНАТА ИНСТИТУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА БИЛАЗОРА НИКОГАШ НЕ БИЛА ВКЛУЧЕНА ВО ИСТРАЖУВАЊАТА
Тој е дециден дека факултетот ќе продолжи да обезбедува секаква поддршка за да не пропадне бисерот кој долго го игнорираме.
– Само еден наод од Билазора може да ја смени историјата. Во најстарото книжевно дело во Европа, „Илијада“ се споменува кралот на Пајонците, Пирајхме и „длабокострујниот“ Вардар, во време кога не постојат ниту имињата Хелада ниту Македонија. Оваа цивилизација исклучиво врзана за денешната територија на Македонија. Доколку се досистражи, конзервира и се направи достапна за туристи престолнината на древните Пајонци, градот Свети Николе ќе биде научна и туристичка атракција и двигател на локалната економија. Тоа е мојот долгогодишен сон и се надевам дека еден ден ќе доживеам да видам илјадници посетители во уреден локалитет со потребната инфраструктура и многубројни студенти присутни на летни школи, проекти итн. Да потсетам, најголемиот дел од генералите и војниците во војските на Филип и Александар се Пајонци – вели Дуев.

Билазора зенитот го достигнала во 5 и 4 век пред новата ера. Последните археолошки истражувања завршија во 2018 година. Во меѓувреме дел од откриените објекти на акрополата беа покриени со лимен покрив, други со дрвена конструкција и најлони кои одамна се искинати. Откриените објекти се во девастирана состојба. Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, надлежен за конзервација веќе има проект за заштита кој е поднесен во Министерството за култура. Во меѓувреме се правеше проектот за ревалоризација на локалитетот за да може да почне конзервацијата.
Фото: Филозофски факултет





