Златни маски, бронзени кратери: Отворање на големата археолошка изложба за Требениште во Бугарија

На некрополите се пронајдени 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и музеј во Охрид

Големата археолошка изложба „Требениште – 105 години од откривањето на некрополите кај Требениште 1918-2023“ денеска во 18 часот ќе биде отворена во Националниот археолошки музеј во Софија. Ќе бидат изложени златни посмртни маски, бронзени кратери, накит и стотици предмети кои денес се чуваат во музеи во Македонија, Србија и во Бугарија. Од Македонија ќе бидат претставени 200 артефакти од Заводот и музеј во Охрид. Изложбата ја организираат Националниот археолошки музеј во Софија, Народниот музеј во Белград, Археолошкиот музеј во Скопје и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид. На отворањето ќе присуствуваат министри, археолози, научници и музејски работници од трите земји.

Златната маска и ракавицата пронајдени на Горна Порта / Фото: Завод и музеј од Охрид

На изложбата ќе има повеќе стотици археолошки предмети од 6 до 4 век пред новата ера од некрополата „Требениште“ кај Горенци, Охридско. Некрополата за првпат била ископувана во 1918 година, кога бугарски војници наишле на некрополата и сите пронајдени предмети биле однесени во Софија. Од 1930 до 1934 година кога Македонија била под српска власт биле спроведени археолошки ископувања кога излегле нови гробови. Пронајдените артефакти биле однесени во Белград. Во педесетите и седумдестите години македонски археолози спровеле археолошки ископувања. Сепак, златна маска во гроб сличен со погребувањата кај Горенци пронајде археологот Паско Кузман пред дваесетина години на Горна Порта во Охрид.

Кузман во книгата „Уметноста на Требеништа“ забележува 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и музеј во Охрид. Највредните примероци, меѓу кои се четирите златни посмртни маски се чуваат во Софија и во Белград, заедно со два бронзени масивни кратера, сребрени пехари и ритони, златни ракавици, сандали и украсни плочки и голем број примероци од златен и сребрен накит.

Детаљ со медуза од бронзениот кратер / Фото: С. Алексовска

Пред неколку години во Скопје за првпат беа изложени артефактите од Требенишките некрополи од трите земји. Тоа што многумина археолози го сонуваа со децении им појде од рака на археолози од трите земји по повод 100 години од првите ископувања на Требениште. Изложбата беше отворена во Археолошкиот музеј во Скопје и траеше шест месеци. Според тогашниот трилатерален договор, поставката требаше да патува во Белград и во Софија. Пандемијата го одложи отворањето во Србија и во Бугарија.

Лани во декември трите земји потпишаа договор за продолжување на соработката за изложбата „100 години Требениште“. Договорите во Министерството за култура на Бугарија во Софија ги потпишаа претставници од Археолошкиот музеј од Скопје, Националниот археолошки музеј при Бугарската академија на науките и Народниот музеј од Белград. Домаќин на делегациите беше министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков, а присуствуваа и македонскиот и српскиот амбасадор во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска и Жељко Јовиќ. Годинава во август Владата го усвои учеството на Македонија на големата трилатерална изложба. Во нејзината подготовка се вклучени стручните тимови од Археолошки музеј во Скопје и Заводот и музеј од Охрид, Националниот археолошки институт со музеј во Софија, Бугарија и Народниот музеј на Србија во Белград.

Бронзен шлем со златна апликација од гроб 5 / Фото: С. Алексовска

Според м-р Перо Арџанлиев, археологот кој ја покрена идејата за големата изложба и го обедини тимот од трите земји, придобивките од излошбата се големи за трите земји – Требениште полека, но сигурно станува еден светски бренд, но со балканска провиненција и производство. На прашањето кои биле големците кои живееле крај брегот на Охридското Езеро во 6 век пред новата ера тој вели:

– За нив е пишувано многу и биле нарекувани со секакви епитети кои означува одредена моќ (базилеи, кнезови, елита, воини и сл.). Сите овие епитети им прилегаат и според гробните прилози слободно можеме да кажеме дека ги заслужуваат. Околу нивното потекло т.е. на која племенска заедница им припаѓаат, археолошката наука сè уште не може со сигурност да одговори и тоа е една од мистериите која ѝ дава доза на романтичност на оваа некропола. Додека за поширокиот историски контекст на Балканот можеме да кажеме дека вакви т.н. елити се јавуваат на еден поширок простор кој често го нарекуваме Централен Балкан во една иста хронолошка рамка т.е. крајот на 6 век пр.н.е. и почетокот на 5 век пр.н.е. Ова раздобје е познато како доцноархајски период, и тогаш одненадеж се појавува еден феномен на богати погребувања, во кои најкарактеристичен белег е појавата на посмртни златни маски. Такви погребувања се откриени на некрополите на една поширока територија на Централен Балкан како: Требениште, Петилеп-Беранци, Синдос, Халкидики, Охрид, Архонтико и Ајани. И околу оваа појава науката нема изградено единствен став со што уште повеќе ја разгорува дебатата во научните кругови и со тоа ја прави некрополата кај Требениште своевиден мит кој повторно и повторно ги тера различните генерации на истражувачи да се навраќаат на оваа некропола да истражуваат и да се вградуваат во нејзината богата историја – вели Арџанлиев.

Сподели