Требенишките кнезови ќе се обединат на голема археолошка изложба во Софија

За среќа и на огромно задоволство нам како генерација ни појде од рака да ја организираме изложбата и на тој начин да бидеме благословени и да добиеме можност да се вградиме во нешто археолошки толку значајно како што е Требенишката некропола, вели археологот Перо Арџанлиев

На група археолози и музејски работници од Македонија, Србија од Бугарија пред четири години им успеа нешто за што многумина сонуваа сто години – обединување на археолошките предмети од легендарната некропола кај Требениште, Охридско кои денес се наоѓаат во музеите во трите земји. Во 2019 година во Археолошкиот музеј во Скопје беше отворена грандиозната изложба „100 години Требениште“, со идеја oстана поставката да патува во Белград и во Софија. Плановите ги измени пандемијата од ковид-19. По четири години подготовките се во полн ек. Изложбата во јули ќе биде отворена во Софија. Од Македонија на изложбата ќе учествуваат околу 200 артефакти од Заводот и музеј во Охрид. М-р Перо Арџанлиев, археологот кој ја покрена идејата за големата изложба и го обедини тимот од трите земји, открива детали од изложбата „105 години Требениште“.

Тимот што ја подготвува изложбата „105 години Требениште“ / Фото: Г. Грабеж

Пандемијата прекина еден исклучително важен проект – изложбата „100 години Требениште“ која во 2019 година беше отворена во Археолошкиот музеј во Скопје. Не се исполни замислата изложбата да продолжи во Белград, па во Софија. Што има ново на овој план?

– За среќа, пандемијата не го прекина овој значаен проект, туку во согласност со состојбите поврзани со пандемијата, проектот беше само забавен. Тој период како тим го искористивме да се посветиме и на лично академско унапредување, но и во насока да го унапредиме проектот со некои нови моменти т.е. со нови потпроекти. Со нив се опфаќа конзервација на дел од материјалот од богатата Требенишка некропола кој досега не бил конзервиран од мешовит тим од трите земји вклучени во проектот, размислувaвмe за правење најразлични анализи на материјалите од кои се направени предметите и секако за други видови на истражувања во регионот, а секако и на самата некропола. Она што е најново и на што во моментов работиме е подготовката на изложбата „105 години Требениште“ што треба да се случи во Археолошкиот институт и музеј при Бугарската академија на науките (НАИМ при БАН) во Софија, Р. Бугарија. Во исто време се работи и на проширена верзија на монументалниот каталог кој треба да биде придружен елемент на самата изложба.

Перо Арџанлиев

Објаснете ни ги деталите, колку предмети од Македонија ќе патуваат во Софија, колку време ќе биде отворена изложбата, дали обемниот каталог што беше отпечатен во Македонија ќе биде преведен на бугарски јазик…

– Од Македонија на изложбата во Софија ќе учествуваат околу 200 артефакти. Изложбата ќе трае 6 месеци, а ќе биде отворена на почетокот на јули. Тимот веќе работи на подготовката на проширената верзија на каталогот кој ќе биде објавен на англиски јазик, бидејќи наша цел со овој каталог е да се претставиме пред пошироката светска јавност. Но, со договорите кои се потпишани меѓу институциите кои се носители на проектот постои можност секоја од трите држави доколку мисли дека има потреба, каталогот да го отпечати и на македонски, бугарски или на српски јазик или евентуално на некој друг светски јазик.

Во период на заладени билатерални односи меѓу Македонија и Бугарија, колку се безбедни предметите што би патувале во Софија, со оглед на тоа што една третина од поставката ќе биде исполнета со предмети од Требениште што се дел од колекцијата на Народниот музеј во Белград? Какви се гаранциите дека ќе се вратат дома?

Златна маска од гроб 9 / Фото: Н. Борич, Народен музеј во Белград

– Овој проект со организирањето на изложбата „100 години Требениште“ во Скопје во 2019 година покажа највисоко ниво на организирање на вакви настани, нешто што ни беше признаено и од многу наши колеги од Европа и од светот. Гаранции со кои се гарантира имунитет на артефактите издаваат трите Влади на државите учеснички при што не само што гарантираат дека предметите ќе се вратат безбедно во матичните музеи каде се чуваат, туку гарантираат имунитет на артефактите од евентуално побарување од трети страни. Потоа се преземаат и сите највисоки светски познати протоколи за ракување со ваков тип на артефакти со кои е опфатено пакувањето, транспортот и безбедноста на артефактите.

Бронзениот кратер од Белград не беше изложен во Скопје. Зошто и дали ќе биде дел од поставката во Софија?

– За жал, бронзениот кратер кој се наоѓа во Народниот музеј во Белград не беше дел од изложбата во Скопје, а причината е од технички карактер. Неколку месеци пред отворањето на изложбата во Скопје, по две децении на реконструкција на Народниот музеј во Белград беше отворена постојаната поставка на музејот каде централно место се разбира зазема требенишкиот кратер. Заради тоа колегите од Белград нè замолија да ги исклучиме овие артефакти бидејќи немаше да беше пригодно по само неколку месеци да ја растураме постојаната поставка која долго беше очекувана од публиката. Но, тоа не значи дека во некоја идна прилика кратерот нема да биде претставен пред македонската јавност. Додека за изложбата во Софија можам да потврдам дека ќе учествува и овој значаен артефакт.

Поглед на Требенишката некропола / Фото: П. Арџанлиев

Вам Ви појде од рака да ја организирате оваа изложба на овој начин, нешто што многумина колеги често го сонуваа. Кои се најголемите придобивки што ги донесе „100 години Требениште“?

– Да, за среќа и на огромно задоволство нам како генерација ни појде од рака да ја организираме изложбата и на тој начин да бидеме благословени и да добиеме можност да се вградиме во нешто археолошки толку значајно како што е Требенишката некропола. Придобивките се големи за трите земји, за археологијата во нив и за секого од нас. Требениште полека, но сигурно станува еден светски бренд, но со балканска провиненција и производство.

Да се потсетиме, кои беа овие големци кои живееле крај брегот на Охридското Езеро во 6 век пред новата ера? И во каков историски контекст бил овој дел од пошироката слика на Балканот?

– За големците кои живееле крај брегот на Охридското Езеро е пишувано многу и биле нарекувани со секакви епитети кои означува одредена моќ (базилеи, кнезови, елита, воини и сл.). Сите овие епитети им прилегаат и според гробните прилози слободно можеме да кажеме дека ги заслужуваат. Околу нивното потекло т.е. на која племенска заедница им припаѓаат, археолошката наука сè уште не може со сигурност да одговори и тоа е една од мистериите која ѝ дава доза на романтичност на оваа некропола. Додека за поширокиот историски контекст на Балканот можеме да кажеме дека вакви т.н. елити се јавуваат на еден поширок простор кој често го нарекуваме Централен Балкан во една иста хронолошка рамка т.е. крајот на 6 век пр.н.е. и почетокот на 5 век пр.н.е.

Детаљ со медуза од бронзениот кратер / Фото: С. Алексовска

Ова раздобје е познато како доцноархајски период, и тогаш одненадеж се појавува еден феномен на богати погребувања, во кои најкарактеристичен белег е појавата на посмртни златни маски. Такви погребувања се откриени на некрополите на една поширока територија на Централен Балкан како: Требениште, Петилеп-Беранци, Синдос, Халкидики, Охрид, Архонтико и Ајани. И околу оваа појава науката нема изградено единствен став со што уште повеќе ја разгорува дебатата во научните кругови и со тоа ја прави некрополата кај Требениште своевиден мит кој повторно и повторно ги тера различните генерации на истражувачи да се навраќаат на оваа некропола да истражуваат и да се вградуваат во нејзината богата историја.

Насловна фотографија: Бронзен шлем со златна апликација од гроб 5 / Фото: С. Алексовска

Сподели