Видеосеријал „Учиме знаковен јазик“ инспириран од претставата ТРИ за подобро да се разбираме меѓу себе

Ако ја имаме „Бушавата азбука“, „Учиме знаковен јазик“ веројатно е само делот што недостигал во таа прекрасна и вонвременска детска образовна емисија за описменување на македонската нација, вели режисерот Јован Ристовски

Во време кога театарските сцени едвај ни живеат, а квалитетот на продукциите се става под знак прашалник, за што зборуваат и последните заклучоци од фестивалот „Војдан Чернодрински“, режисерот Јован Ристовски со својата револуционерна идеја ја создаде претставата на знаковен јазик ТРИ. Премиерата беше во ноември минатата година, а претставата веќе има свој убав живот, а намерата е таа да се изведе на што е можно повеќе сцени во Македонија, не само во Битола. Со цел знаковниот јазик да им се доближи на сите граѓани, Ристовски на претставата ѝ додаде и нов медиум и создаде 31 видеоприказна за секоја буква од нашата азбука поединечно. Видеата се постирани на јутјуб-каналот на АТО – Центар за современа уметност и култура од Битола, како и на фејсбук-страницата.

Може ли да ни откриете повеќе за концептот на „Учиме знаковен јазик“?

– „Учиме знаковен јазик“ е детска емисија. Инспирирана е од претствата ТРИ – која се смета за прва професионална претстава на знаковен јазик, во која актерите говореа и паралелно го интерпретираа знаковниот дел, како и што се прави во комуникација со лица со оштетен слух. Емисијата е пандан на една од главните сцени од претставата ТРИ , односно најкултната сцена, т.н „Училница” во која ликовите ја учат македонската знаковна азбука и по еден специфичен збор/гест на знаковен јазик. Во таа сцена се случува вистинска инклузија во публиката, бидејќи сцената е интерактивна, бидејќи сите деца во публиката ја учеа, односно ги повторуваа знаците за буквите и зборовите кои ги интепретираа актерите.

Од претставата и од таа конкретна сцена ја создадов како автор и режисер пионерската детска емисија „Учиме знаковен јазик” во која играат истите актери од претставата, но овој пат со проширен тим, каде што пред камера се појавуваат петнаесетина деца од 6 до 11 години, кои беа одбрани на  аудиција. Секоја епизода е генерално кратка, едукативна и забавна која трае од 3 до 5 минути. Во емисијата се презентира дворачната македонска азбука, како и различни зборови, глаголи, фрази, тематски поделени во секоја епизода кои може лесно да ги запамети публиката, и не само детската публика, туку и возрасната, бидејќи македонскиот народ генерално нема никакви познавања за основите на македонскиот знаковен јазик.

Епизодите се временски кратки, бидејќи сме пионери во оваа мисија со цел навистина публиката да може да научи и да ја запомни знаковната азбука како и некои гестови, ако материјалот беше пообемен и временски траеше подолго мислам дека за гледачите ќе беше напорно и тешко за следење. Ако ја имаме „Бушавата азбука“, „Учиме знаковен јазик“ веројатно е само делот кој фалал во таа прекрасна и вонвременска детска образовна емисија за описменување на македонската нација. Епизодите се кратки, слатки и живописни. Со истата естетика од претставата ТРИ, одосно визуелно впечатлива, со впечатливи бои, инспириран од фактот дека кај глувонемата популација очните рецептори се добро развиени. Со оглед на тоа дека се кратки епизоди, и фактот дека актерите имаа основни познавања за знаковниот јазик беше уживање и задоволство.

Претставата ТРИ помести граници во македонскиот театар. Какви се реакциите на публиката?

– Детската публика тоа го прифаќа сосема нормално, со голема заинтересираност за знаковната азбука и знаковниот јазик. Пресреќен сум, што во после една од изведбите, Приватен едукативен центар во Битола вовеле часови за изучување на знаковниот јазик, бидејќи децата и после претставата изразиле интерес за да го користат и и учат знаковниот јазик.

ТРИ е само пионер и предвесник за нешто што во наредните 50-тина години ќе се развива со цел знаковниот јазик да биде рамо до рамо со говорниот македонски јазик, кој нели е дел од нашиот идентитет, култура, единствениот доказ дека сме сè уште народ со своја култура и идентитет. Македонскиот знаковен јазик за мене ја има истата вредност. Сè додека го користиме македонскиот јазик, дотогаш и ќе постоиме, а со тоа и македонскиот знаковен јазик. Фактот дека македонскиот знаковен јазик сè уште не е стандардизиран е фрустрирачки, затоа понекогаш има несогласувања за некои од новите знаци кои се појавуваат спонтано… бидејќи секој јазик е жива материја. Верувам во времињата кои доаѓаат дека ќе се случи и стандардизација на македонскиот знаковен јазик.

Дали планирате претставата да ја изведете во повеќе градови?

– ТРИ ја доживеа својата турнеја низ државата во тековната 2021 година, сега се бориме да ја донесиме повторно во Скопје за да ја гледаат сите деца со оштетен слух од Скопје и уште неколку градови низ државата. Борбата е да изнајдиме финансиска помош, се надевам дека сите странски агенции кои се во државата, како и македонските компании ќе ни помогнат и ќе нè поддржат во оваа благородна мисија.
Идејата со претставата е да ја гледаат и деца без, но и деца со оштетен слух во исто време бидејќи актерите говорат и пралелно го интерпретираат знаковниот јазик. Ова е и отворен повик до сите заинтересирани донатори да ја поддржат навистина оваа мисија. Во јуни претставата два пати беше изведена, еднаш поддржана од Europe House Скопје, а две изведби поддржани од Министерство за култура.

 Колку е важно во театарот, а и во уметноста воопшто да бидеме инклузивни?

– Театарот сам по себе е инклузивен, отсекогаш бил  – сега само тие што отсуствувале само се појавуваат и доаѓаат. Ако зборуваме за стандарди и услови со кои треба да ја постигнеме инклузивноста, касниме многу. Не само ние, и светот генерално.

На што друго сте фокусиран периодов во театар?

– Го поставувам текстот на мојот омилен американски автор Едвард Олби @Дамата од Дебјук” во Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тоа е приказна за смртта… распаѓањето на еден тетар, распаѓањето на заедницата, општеството, цивилизацијата, но не како трагедија, напротив ако решение. Како одлука, како насока за нови промени, за нови решенија, за нов прогрес. Премногу долго време тапкаме, стоиме в место. Време е да ги прифатиме проблемите, да се соочиме со нив и да прекинеме да жалиме за сè што се нарекува минато, но инспирирани од нашето минато да создадеме подобра иднина. 30 години е навистина измачителен процес за креирање самостојна држава, во која цело време се повторуваат истите методи и принципи на владеење, во која што проблемите циклично се повторуваат, а „престолите“ на владеење си ги разменуваат како договорени натпревари. Кои сме ние? Што сакаме? Знаеме ли што сакаме? Мислам дека народот веќе поим нема, мудреците како да исчезнале, а младата генерација се бори, греби по површината. Наредните 30 години ќе бидат верувам подобри за идните генерации во оваа земја.

Сподели