Јован Ристовски, режисер: Претставата на знаковен јазик „Три“ е мал чекор што ќе отвори нови прашања

Како екипа станавме побогати луѓе учејќи уште еден јазик за комуницирање. Комуникацијата и дијалогот се многу битни на хуманистичко и општествено ниво, вели Ристовски

Пред десетина години режирав музички детски фестивал во кој драматушки се обработуваше темата космос и хемија. Фокусот беше на тоа дека некои хемиски елементи во нашето тело ги има во природата, животните, во растенијата, на планетава, во вселената. Така ми дојде ијдеа да поканам детенце од Заводот за глувонеми и наглуви лица „Кочо Рацин“ во Битола за да учествува на настанот. Фестивалот кулминираше со снимен монолог на знаковен јазик на сцената, а во публиката имаше соученици од Заводот. Децата беа пресреќни и воодушевени. И бев фасциниран, емотивно потресен, збунет, истовремено среќен дека деца со оштетен слух уживале на музички настан – се потсетува режисерот Јован Ристовски. Токму тој настан му бил еурека-момент. Си ветил дека еден ден ќе направи и претстава на знаковен јазик. В петок (29 октомври) и ќе се случи премиерата на претставата „Три“ во 18 часот на сцената на Центарот за култура во Битола.

Тоа искуство го навело да размислува дека и знаковниот јазик е дел од идентитетот на нашиот народ и култура, како секој друг јазик на планетава, објаснува Ристовски.

Дијалогот е многу битен

Претставата е во продукција на АТО – Центар за современа уметност и култура од Битола, а е поддржана од Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ). Улогите ги толкуваат: Никола Пројчевски, Маја Андоновска-Илијевски, Анастазија Христовска и Сандра Грибовска. Во подготвувањето учествувале толкувач на говорен јазик (Сузана Станоевска) со која имале обука за основите на знаковниот јазик и азбуката. Преку претставата, публиката ќе се запознае одблиску со овој јазик, градејќи капацитети и свест дека меѓу сите нас има и луѓе со оштетен слух и говор.

– Не ми е познат светот на глувонемите, ниту знаковениот јазик. Во процесот се запознав со различни проблематики, човечки приказни. Јазикот е лесен, достапен, не е воопшто апстрактен. Како екипа станавме побогати луѓе учејќи уште еден јазик за комуницирање. Комуникацијата и дијалогот се многу битни на хуманистичко и општествено ниво. Разбирањето секогаш буди радост и простор за чекор понапред. И во еден обичен дијалог, како што е важно двајца сопружници да се разберат, или две различни земји со различна култура и јазик, така е важно и оваа група луѓе да се разберат со сите останатите на улица, со комшиите и останатиот дел од општеството. А тоа се постигнува исклучиво преку комуникација. Единствен начин е воведување предмет за знаковен јазик во основните училишта. Лесен е. Забавен е. И во исто време корисен за едно поинакво толкување на нашиот јазик – вели Ристовски.

Јован Ристовски

„Три“ започнала како авторски независен проект во годишната програма за 2021 година на Министерството за култура како кофинансиер. Поради малиот одобрен буџет Ристовски сакал да го откаже.

– Дури бев и бесен и лут и сакав да направам и јавно скандали кон комисијата што решила за оваа идеја да даде толку мал буџет. Блиските ме бодреа да не се откажам. Екипата, актерите и костимографката Марта застанаа зад мене и се согласија да работат без никаков надомест. За тоа им сум особено благодарен. Така ја создадов асоцијацијата АТО – Центар за современа уметност и култура. Така започна „лудата железница“ барајќи поддршка од многу компании, институции и фирми. Од сите нив ГИЗ ја препозна идејата и не поддржаа финансиски. Таму работи супертим, и Германци и Македонци, одамна не сум сретнал толку професионални, љубезни, опуштени… Запознав прекрасни луѓе, им благодарам на сите кои беа дел од подготовките – вели Ристовски.

Знаковниот јазик ќе ги инспирира уметниците

Процесот на работа не бил едноставен, но бидејќи е наменета за деца, речникот на знаци и знаковни букви не бил многу голем.

Актерката Маја Андоновски-Илијевски

– Ова е само мал чекор во театарската уметност што ќе отвори нови прашања, или пак од Пандорина кутија ќе излезат старите класични прашања за актерската дикција, дијалектите што провејуваат низ театарските сцени, говорот на актерите, јасноста. Дикцијата и говорот на новинарите по медиумите, што направивме од сопствениот јазик и каде целиме. А во меѓувреме, знаковниот јазик ќе ги инспирира уметниците, креативците, децата – вели режисерот од Битола.

Претставата зборува за еко-катастрофата, за нехигиената, недисциплиата и некултурата на поголемиот дел од населението во нашата земја.

– Нашиот народ едноставно фрла по улици, плука, несвесни дека прават лошо. Нашата земја е валкана, има насекаде ѓубре, дури и по дивите плажи на охридското крајбрежје од хотел Десарет сè до Градиште. Често ќе чуете: „Ова не е народ, ова е стока народ“. Главното прашање за нашиот народ, општество, култура, политика не е што знаеме, туку дали знаеме што не знаеме. Сè дури не признаваме дека не знаеме, никогаш нема да созрееме ниту како народ, ниту како општество. Секое незнаење за некого е благослов, за некој проклетство. Се плашам дека нашиот народ се однесува многу самоуверено. Децата во претставата ќе научат да го фрлаат и да го сортираат ѓубрето за почиста средина, за да имаме чиста вода за пиење, чист воздух за дишење и чиста почва за да раѓа здрава храна – вели Ристовски.

Министерството да даде поддршка

Тој смета дека ваквите претстави не треба да бидат инцидентни, туку посистемски да се воведат на нашата сцена.

– Министерството за култура би можело да воведе и поддржи редовен репертоар со плус уште една детска претстава на знаковен јазик во годишната програма на Народен театар Битола и Театарот за деца и младинци Скопје. Сите деца од Македонија со попреченост во говорот и слухот учат основно во единственото специјализирано училиште во Битола, а средното училиште се наоѓа во Скопје. И не е идејата да има тутор на театарска сцена што ќе преведува. Идејата за која се залагам е самите актери да го интерпретираат знаковниот јазик, во актерската игра и во исто време да зборуваат и тоа секако ќе биде за широката публика – вели режисерот на „Три“.

Иако театарската уметност кај нас како резултат на ковид-условите бележи голема стагнација, Ристовски смета дека „театарот не може ништо да го успие, ниту една уметност не може и не е возможно да замре.“

– Уметниците, креаторите, сите оние луѓе со бујна фантазија никогаш нема да престанат да создаваат. Напротив секогаш ќе креираат, секогаш ќе размислуваат. Ниту еден научник, економист, професор, земјоделец нема да престане да размислува и да создава. Луѓето полни со љубов, со волја и чувство на слобода секогаш се полни со визии и биле двигатели на човечката цивилизација. Верувам во таквите луѓе и сум среќен што ги има на различни места низ планетава. Ова што сега се случува е само процес, но не е последна апсолутна состојба ниту за физичкото здравје, ниту за духовното – завршува Ристовски.

Сподели