Беше исклучително позитивен пример за духовен свет врзан за вредностите на Балканот
Омаж за уметникот Омер Калеши, роден во Македонија, кој постигна меѓународна слава ќе биде одржан во четврток (16 јуни) во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Тој почина пред два месеца во Истанбул, на 90 години. Во негова чест ќе биде отворена изложба, во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје и со членови од семејството на Омер Калеши. Изложбата ќесодржи триесетина негови дела, изработени во техниката масло на платно, а ќе ја отвори директорката Национална галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими.
Омер Калеши е роден во кичевскот село Србица во 1932 година. Емигрирал во Турција, каде што завршил Ликовна академија, од 1965 година постојано место на живеење му беше Париз.
– Беше исклучително позитивен пример за духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој ја бранеше и со посебна инспирација и љубов ја доловуваше убавината на балканската цивилизација и сите културолошки испреплетувања наспроти наметнатата психологија на подвојување и разединување. Големиот маестро Калеши се одликуваше со космополитски дух. Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата, како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција – велат од Националната галерија.

Во неговата богата биографија имал повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан. Неговото творештво посебно го ценеле Жак Лакариер, Јордан Плевнеш, академик Луан Старова, Исмаил Кадаре и др. Во 2018 година е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“.
Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во УМТ, Универзитетот Илирија во Приштина, Националната галерија на Македонија, галериите во Турција, во Бурса и во Тирана. Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, планира да отвори галерија – музеј со дела од Омер Калеши. Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до крајот на месецот.





