Револтирани сме од негрижата и непрепознавањето на предизвиците со кои независниот сектор се соочува, непрепознавањето на важноста на овој сектор за националниот развој на културата во нејзиното пошироко поимање – вели актерот Златко Митрески, еден од основачите на „Театар Пи“
И тоа како е важно државата да има очи за независната сцена. Во моментов во Македонија таа е на дното, каде што и отсекогаш била. Не постои циркулативност во смисла на државен службеник да следи, да препознае и да реагира соодветно таму каде што треба. Напротив, колку поуспешен стануваш, толку поголеми сопки те следуваат – вели актерот Златко Митрески, еден од основачите на „Театар Пи“, кој повеќе од 10 години работи на независната сцена и создава претстави значајни за општествто. Храбри во изразот, Митрески и Македонка Илиевска кои заедно го основаа „Театар Пи“ зборуваат за многу теми што се таму и што многумина избегнуваат да ги работат. На последниот Драмски аматерски фестивал во Кочани тие освоија две значајни награди за нивната претстава „Ништо не е страшно“. Митрески е актер во Драмскиот театар во Скопје.

„Театар Пи“ се повеќе одушевува со својата работа, од година в година. На последниот ДАФ освоивте Гран при за особено важна претстава. Тешко ли е да се создаде приказната на вашиот независен театар?
– Денес, по 10-ина години постоење, „Театар Пи“ сè уште бара начин и ќе продолжи да си ги поставува најрелевантните прашања и да ги лоцира проблемите со кои се соочува општеството. Се обидуваме да имаме искрен пристап детектирајќи ги потребите за изразување на индивидуалецот во сите наши креации и најверојатно тоа е едно од нештата што дава резултат. Во изминативе две, три ковид-години имав голем страв и сомнеж за театарот воопшто. Си викав: „На кој му треба театар… еве може и без него. Луѓе умираат, ние театар ќе продаваме“. Но, се убедив дека театарот е незаменлив. Во таа ситуација, видов дека театарот се покатегорично ја оцртува својата незаменлива територија. Некако најдовме форма да работиме и во време на корона. Тие две години за прв пат излеговме од рамките на театарот и летото во јуни направивме концерт, изложба на фотографии и снимивме документарен филм со наслов „Мене ништо не ми пречи“, кој требаше да биде онлајн театарска претстава, но тогаш престанува да биде театар.
Мојот став беше и остана дека театарот не е ништо друго освен место за директна врска на актерот и публиката, непосредно лично комуницирање, разбирање и доживување шокови, екстази, мириси… Кога престанаа сите ограничувања, односно короната имавме веќе многу материјали и од таму тргнавме да ја создаваме претставата „Ништо не е страшно“ со која добивме две награди на фестивалот ДАФ во Кочани. Наградата Гран при „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 59 на ДАФ Кочани и наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент.
Приказната на „Театар Пи“ не е воопшто лесна, ама е слатка и полна со луѓе кои го сакаат театарот. Што значи да се биде независен театар или уметник и да се создава независен театар? На ова прашање нема недвосмислени и јасни одговори, бидејќи самото негово поставување се заснова на одредени субјективни позиции. Веројатно зависи од тоа кого прашувате. Но, ми се чини, дека може да се сумира со тоа што најважно за нас како независен театар е да избегнеме нашата уметничка работа да се институционализира и комерцијализира. Во романтичен и идиличен свет, тоа би значело дека ние создаваме целосно независно од општеството околу него, не размислувајќи, на пример, за финансиските услови на нашиот проект и фокусирајќи се исклучиво на создавање и развој на нашата уметност. Но, пореалната слика денес е дека многу независни уметници имаат желба да реализираат свои проекти надвор од официјалните театри-институции. Работењето надвор од институциите ви дава слобода да ги следите вашите идеи без однапред одредени структури на работниот тек, естетика, жанр, без притисок да продавате билети, без притисок на кај нас добро познатите форми преку врски, лобирања итн на добивање проекти во национален театар.

Е сега „Пи“ како независен театар всушност на различни начини зависи од институциите и нивните структури. Ова е некаков парадокс… Независен, а е зависен од доста структури. Дури и кога сакаме да избегаме од структурите, секогаш се судираме со нив на еден или друг начин. За жал, ова е неизбежен факт, бидејќи секој има потреба и сака да аплицира за финансиска поддршка од државата и/или општината за да има можност да го подобри својот уметнички производ. Но, во Македонија тоа е можно во многу мал обем, бидејќи финансирањето од институциите за независни проекти е многу ограничено. Недостигот од разбирање и препознавање на професионалните изведувачки уметности надвор од државните или општинските театри ја остава слободната сцена во тешка положба, можностите за работа се далеку од оптимални. Ова се должи и на фактот што повеќето формации и групи немаат соодветна сцена или своја средина и услови да создаваат продукции и да ги презентираат. Среќа е што во „Театар Пи“ го работиме тоа што го сакаме и со тој што сакаме, што е реткост во државните театри.
Независната сцена гласно реагираше на најавите на Министерство за култура да се крати и до 30 отсто од буџетите на веќе одобрените проекти. Ќе биде ли ова уште еден голем удар за оваа сцена?
– Независниот културен сектор веќе претрпе огромна штета како последица од кризата со пандемијата, а сега и најавеното кратење на веќе добиени проекти кое ќе остави големи последици врз секторот што веќе се наоѓа во исклучително нестабилна положба и чие опстојување е доведено во прашање. Ваквата одлука на Министерството за култура претставува опасност целосно да запрат долгогодишни програми и да згаснат мали организации кои опстојуваат само со овие средства.
Револтирани сме од негрижата и непрепознавањето на предизвиците со кои независниот сектор се соочува, непрепознавањето на неговата улога во креирањето на културните политики, непрепознавањето на важноста на овој сектор за националниот развој на културата во нејзиното пошироко поимање, кое ги вклучува современите културни практики, како и демократизирачките идентитетски процеси.
Културните работници, уметниците, неформалните групи и организациите што работат во независниот културен сектор не беа навремено информирани, консултирани и не се согласни со какво било намалување на средствата за работа, за кои веќе имаат потпишано договори. Воедно, доколку јавната администрација не е информирана, би сакале да посочиме дека многумина од културните работници во независниот културен сектор немаат други извори на средства, работат хонорарно, немаат обезбедени плати, здравствено и пензиско осигурување, а сепак, придонесуваат во огромна мерка за развојот на современата култура.
Каков предизвик беше да се создаде „Ништо не е страшно“? Често избирате особено важни теми, како што се инклузијата и во претставите вклучувате лица со попреченост.
– Пак ќе се вратам на корона-периодот… Беше страшно што покрај целиот медиумски хаос и импровизации околу информациите за вирусот живееме во некој лош трилер жанр. Некако покрај сите трауми и ограничувања на крајот на денот стравот од смртта кај сите беше присутен. Дали за себе или за најблиските… Точно тоа ни беше голем импулс и појдовната точка или тема околу која почнавме да креираме. Смртта и целата мистерија и убавина околу неа. Со „Пи“ речиси секогаш создаваме претстави од лични актуелни приказни на сите актери во процесот, па потоа доколку е потребно вметнуваме драматургија од веќе постоечки драми, романи, поезија итн.
Театарската претстава „Ништо не е страшно“ беше еден од најзабавните процеси за нас. Во претставата учествуваа лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП „Порака“ Скопје и ученици со типичен и атипичен развој од училиштата од општина Ѓорче Петров. Режијата е авторско дело на Златко Митрески и Македонка Илиевска и како составен дел покрај личните приказни на актерите користени се текстови на: Алан Бол, Олга Токарчук, Милан Кундера, Михаил Булгаков, Фјодор Михајлович Достоевски, Вилијам Шекспир, Давид Албахари, Сања Михајловиќ- Костадиновска и Златко Митрески.

Низ игра, со елементи на мистика, трилер, на моменти во хорор жанр како и црн хумор се занимава со цикличноста на животот и смртта. Претставата е создадена во процес и анализа врз темата за смртта со ученици за кои беше една табу тема стигнавме до претстава за која според реакциите на еден дел од публиката беше катарзичен а за други шокантен. Имаше реакции како: „Како смеете на деца со попреченост и деца со типичен развој од основно училиште да им ставате во глава такви страшни приказни, тоа е мрачно. Не разбираат тие што е смртта… и слични коментари.“ Тоа што и тие и ние возрасните не разбираме што е смртта не е причина да не разговараме и да креираме на таа тема. Во тој процес ни беше вашна „ Еднаквоста на типичното и нетипичното кое што се раѓа и умира на ист начин, но сепак додека е живо се третира како непознато, различно, маргинализирано. Имаме многу табу теми и стреотипи во Македонија. Страв и одлагање да се разговара за некои теми што се многу силно важни да се анализира и раговара за нив.
Многу е важно исто така да се вклучуваат лица со попреченост и секакви други маргинали во ументоста и социјалниот живот. Во овој момент на територијата на Македонија, постојат различни форми и обиди за вклучување на лицата со интелектуална попреченост и атипичен развој во културните и општествените процеси. Но истите, споредени со пристапите и методологијата која ја користат развиените западноевропски земји, вклучувајќи го и нашето блиско соседство, се непрепознатливи, недоволни, недоработени и живеат само на страниците од некакви националните стратегии.
Може да ни кажете како ја работевте оваа претстава и дали беше комплициран процесот?
– По 10 години работа со лица со попреченост заедно со лица со типичен развој создадовме некоја своја методологија. Комбинација од повеќе театарски, актерски вежби кои најпрво ги користиме за разбивање на една норма која, за жал, во нашето општество е стагнација и стереотип за односот на „нормалните“ луѓе кон „ненормалните“. Пробуваме да ги доведеме актерите до состојба во која да покажат жед за да го разберат другиот, различниот, за нивните судбини. Со еден збор да се похумани. Да го препознаат страдањето во другиот. Да се разбере човечкото страдање, да се сочувствува. Тоа е секогаш комплицирано и треба многу напор, затоа што се јавува кај некои актери отпор кон прифаќање на нешто што им е тотално непознато и различно , но е многу важно во растот на децата/човекот да се инсталира таа апликација.

Сметате ли дека финансирањето на проектите за независната театарска сцена треба да биде посоодветно на сработеното, односно да постои можност за една трупа да расте, колку е важно тоа да биде препознаено и од државата?
– И тоа како е важно државата да има очи за независната сцена. Во моментов во Македонија таа е на дното, каде што и отсекогаш била. Не постои циркулативност во смисла на државен службеник да следи, да препознае и да реагира соодветно таму каде што треба. Напротив, колку поуспешен стануваш, толку поголеми сопки те следуваат. „Театар Пи“ после толку години работа сè уште нема своја техника која е основна за да фунционира еден театар. Имаме упатено доста барања за основни потреби како: рефлектори, озвучување и друго, но никој до сега не одговорил позитивно.
Пак ќе се вратам на парадоксалната ситуација која би настанала доколку еден ден на „Пи“ му се претстави примамлива понуда која вклучува значителна сума пари и идеален простор за правење театар. Дали тогаш би останале независни? Или ќе станеме друг вид културна институција, која ќе работи по истите принципи и закони како државните театри, но со етикета на незвисен театар… Во секој случај сега сме слободни барем да твориме тоа што сакаме.
Што ве очекува во новата сезона?
– Со „Театар Пи“ веќе сме во претпродукција на два проекта. Едниот е со наслов „Чудата во Алиса“ кој ќе се работи со лица со типичен и атипичен развој, а другиот е дуо драма со работен наслов „Проект-Канибал“ во која станува збор за еден шокантен вистински случај во Германија во 2001 година, кога инженерот Армин Мајвес постира на интернет дека бара „убав, млад, интелигентен, атлетски маж, за да го изеде“. На поканата, по сопствена желба/преседан во историјата на западната цивилизација/прифатил еден компјутерски програмер Јирген Брандс, кој е изеден од Мајвес.

Македонка Илиевска и Златко Митрески
Ова ќе биде една наша лабораторија во која нема да се буквализира фактологијата, а ги бара корените, мотивација, во ткивото на самата цивилизација, во моделите на размислување, натпревар и поделба, кои што таа ја наложува; претставата ги истражува причините и меѓучовечките односи . Игрово и забавно проникнување во природата на машко-женските односи. Тоа е и социјалната метафора и критика на нео-либералниот капитализам во кој живееме по дарвиновиот принцип „јади за да не бидеш изеден”. Во „Канибал” има сепак и многу хуманизам и верба во човечкиот дух . Потребата од љубов и потрага по неа.





