Две бронзи за македонските средношколци-хемичари на Меѓународната олимпијада во Кина

Два бронзени медала освои македонскиот тим на Меѓународната олимпијада по хемија (IСhO2022) која се одржа онлајн, а чиј домаќин беше Кина. Дарко Стојчев, од Кавадарци, ученик во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ и Ања Спасовска од средното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово освоија бронза. Во тимот беше и Филип Бојаџиевски, од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје. Ментор на учениците беше проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет во Скопје и член на Сојузот на хемичари ио технолози на Македонија.

– Филип учествуваше за прв пат и поените што ги освои на IChO-2022 многу ветуваат за подобри резултати во следните години. Дарко Стојчев по втор пат е освојувач на бронзен медал, прв пат лани, на IChO-2021 што исто така се одржа онлајн во Осака, Јапонија. Оваа година ја имаме и првата натпреварувачка која освои бронзен медал. Особено сме горди на првото девојче од Македонија кое освои бронза на меѓународен натпревар по хемија. Сведоци сме на нејзината макотрпна работа и заложба која на крајот вроди со плод – вели Буклески.

На натпреварот учествуваа 330 ученика од 83 држави од целиот свет.

Сподели