После една ваква специфична сезона, сите ние имаме потреба малку да се опуштиме и малку поблиску еден до друг да застанеме. Затоа, сите со големо нетрпение го очекуваме концертот, којшто здравје Боже, сигурна сум дека сите силно ќе нè допре – вели директорката на Филхармонијата
Oва беше несомнено една од најтешките, но, сигурна сум, и една од најубавите сезони на Македонската филхармонија. Најтешка, затоа што во еден момент, во пандемијата којашто му се случи на човештвото, апсолутно сè беше доведено во прашање, пред сè, ние како луѓе и како човечки битија, а потоа и како уметници и професионалци. Една ситуација што за сите нас беше апсолутно нова и невидена претходно, вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата, која со концертот со музиката на „Архангел“, вечерва ќе ја затвори сезоната. Првата нејзина сезона како директор беше полна со предизвици, но Филхармонијата одлично се справи и не ја остави публиката на цедило. Со какви предизвици се соочија музичарите и целиот креативен тим на нашата Филхармонија, поразговаравме со Иванова.
Како би ја оцениле оваа сезона?
– Појавата на вирусот на некој начин остави белег апсолутно во секој сегмент на човековиот живот, па така, за жал, и уметноста дојде на ред. Се јавија многу можни сценарија за функционирањето на нашата институција, од кои најстрашното беше и тоа да ставиме клуч на врата и Филхармонија да не работи, Филхармонија да не создава, да не го создава она што секогаш го креирала – уметност. Да ù се одземе правото да твори. Тоа беше најболната помисла. Но, за среќа, не беше така. На почетокот реков дека освен најтешка, несомнено е и најубава токму поради тоа. Ние не потклекнавме пред едно од најголемите искушенија на човештвото.

Ние се сосредочивме и останавме да стоиме исправени. Нашиот брод успеа да продолжи да плови храбро и одлучно. Сите ние ја дадовме максималната жртва што можеше да се даде. Затоа и успеавме. Без таква координација, ваквата сезона никогаш немаше да се реализира на овој начин. Беше убаво, затоа што за момент станавме апсолутно свесни за важноста и неопходноста на музичката уметност во животот на човекот. Сите ние тоа јасно го почувствувавме. Како кога некој ќе ви го одземе видот, та дури тогаш станувате свесен што всушност сте изгубиле. Да, уметноста е „видот“ на човекот.
Успеавме да организираме многу убави и важни концерти. Имавме чест да видиме врвни солисти и врвни диригенти од регионот и светот. Токму во време на глобална пандемија, со многу голем акцент на безбедностите мерки и протоколи, ние создадовме услови за тие уметници и нашата публика да се чувствуваат безбедни. Никогаш и никако нема да го заборавам придонесот на нашата верна публика, којашто нù даде шанса и поддршка за да останеме доследни до она што всушност сме. Онаа наша публика којашто отсекогаш негувала еден посебен сензибилитет за музичката уметност. Без публиката, немаше да успееме.

Задоволна ли сте колку успеавте да го задржите контактот со публиката, и покрај незавидната ситуација со пандемијата?
– Филхармонија немаше никогаш да биде она што е денес и никогаш немаше така гордо да плови, ако од другата страна на сцената немаше луѓе што тоа знаат да го примат и почувствуваат. Публиката има есенцијална улога во ваквата уметност. Публиката буквално ја сочинува акустиката на Филхармонија, затоа што колку и да се убави пораките што преку ноти музичарите ги создаваат, тие нема да се претворат во убавина ако немаат конечна адреса и ако на таа адреса не „живее некој што знае каков е, и кој е всушност тој гостин што тропа на порти“.
Ако некој не ги пречека со широко раширена прегратка и топлина во срцето. Музичарите создаваат убавина за увото, за окото, за срцето, за душата на таа жива акустика. Музичката енергија што преку нотите им ја испраќаат се трансформира, се збогатува со душа и дури тогаш ние го слушаме она што го слушаме. Кажав и претходно, пандемијата зададе силни удари во секоја сфера од нашиот живот, нù ги поремети или барем помести сите животни планови. Убавото во сево ова е што нашата публика покажа дека нù верува и дека може да се потпре на нас дури и во една таква вонредна состојба. За мене и за нас поголем и поубав подарок од тоа нема. Уште еднаш, големо благодарам на нашата верна публика.

Завршувате со одличен избор и изведба на музиката на „Архангел“. Како се роди идејата и како изреагираа филхармоничарите?
– Кога во нашата земја се зборува за музика, кога се зборува за вистински квалитетна музика, не може, а да не се зборува за „Архангел“. Ќе се сложите сите, верувам, таа е една од најрепрезентативните музички групи на нашата музичка сцена. Пред сè, затоа што многу успешно го помина тестот на времето. „Архангел“ постои веќе долги години и директно учествуваше во музичкото култивирање на многу генерации. Многу генерации пораснаа и културолошки прогледаа низ нивната призма. Оваа идеја е само надградба на еден многу постар однос и продолжение на една совршена комуникација.

Концерт „Филхармонија за Филхарминија Vol.3“
Музичарите и сите други членови на Филхармонија имале отсекогаш чест и задоволство да соработуваат и да продуцираат музика со уметници кои се надвор од т.н. класична музика, секако и со „Архангел“, па и сега не е поинаку. После една ваква специфична сезона, сите ние имаме потреба малку да се опуштиме и малку поблиску еден до друг да застанеме. Затоа, сите со големо нетрпение го очекуваме концертот, којшто здравје Боже, сигурна сум дека сите силно ќе нè допре.

Настап на филхармоничари пред Министерството за култура
Што да очекуваме во новата сезона?
– Не би сакала да откривам некои детали, но ни претстои, веројатно една од најживописните сезони во текот на нашето постоење. Многу богата програма, со многу големи имиња и многу внимателно одбрана програма. Официјално, стартуваме на 7 октомври, иако пред тоа ќе реализираме уште еден концерт на отворено во септември, како предвесник на она што ќе следува.

Од концертот „Звукот на идната генерација“
Фотографии: Маја Аргакијева





