Со Шарениот Дрим во заштита на Охридскиот Регион – напред!

Со каква егзалтација премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека одлуката на УНЕСКО Охридскиот Регион и овојпат да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион!? Во година кога научниците-биолози предупредуваат дека ова е почеток на крајот на најстарото езеро во Европа, дека за 10 години најстарите видови во езерото веќе нема да имаат што да дишат, кога охридскиот градоначаланик апелира(!) до граѓаните да престанат бесправно да градат, а неговиот колега во Струга ја претвори реката Црн Дрим во циркус. Шарен.
А само ден-два претходно, претпазливо изјавуваше дека ќе ги почитуваме одлуките на Комитетот за светско наследство, какви и да се. Дека не е ред светот да води грижа за Охрид – тоа е наша обврска.

Слични изјави за „препознавање на напредокот“ во заштитата на регионот пренесоа и министрите за култура и за животна средина и просторно планирање. Фантазиите за големиот напредок ги поттикна делегатот од Босна и Херцеговина со делегатите од Руската Федерација, Кина, Саудиска Арабија, Унгарија, Шпанија и Египет. Со ставот дека не е фер на почетокот на соработката на Македонија и Албанија во заштита на Охридскиот Регион да се демотивираат со поместување на локалитетот на Листата на светско наследство во опасност.
На овој став најостро се спротивстави Норвешка, а силно ги поддржаа невладините организиации од земјава. Оние кои пред десетина дена споделуваа видео како отпадни води се влеваат во езерото, фотографии со купишта ѓубре и отпадна пластика на брегот на езерото.

Да се потсетиме на фактите: Владата во овој состав беше формирана на 31 август 2020 година; на 22 октомври е формирана Националната комисија на УНЕСКО која конститутивната седница ја одржа дури на 15 јанури 2021; првиот заеднички состанок меѓу Северна Македонија и Албанија за Охридскиот Регион се одржа на 12 јули, само четири дена пред почетокот на 44. сесија на Комитетот за светско наследство во Кина. Што направи Владата за заштита на Охридскиот Региони од 2017 наваму? И претходната политичка гарнитура на власт од 2017 година наназад? Во најмала рака, агендата за заштита на единственото природно и културно добро на Македонија под заштита на УНЕСКО се темели на декларативност и опортунизам. Да ги додадеме тука низата лоши одлуки во изминатите 50 години, пренасочување на реки во езерото, неговиот третман како депо на седимент заради заштита на вештачки акумулации (?!), испуштање на индустриски отпадни води директно во езерото…

Да не заборавиме: Владата во времето на Никола Груевски за малку ќе го дадеше Љубаниште на Субрата Рој кој имаше идеја да го гради луксузниот комплекс „Сахаријан Македонија“ на површина од 240 хектари. Среќа една година по посетата на Охрид, Рој беше уапсен во сопствената земја па не успеа планот за „Дизниленд“.

Веројатно сиве овие факти биле аргумент на делегатот од Норвешка за неговиот цврст став во однос на Листата на светско наследство во опасност. Да, Охридскиот Регион е во опасност. И културното и природното наследство.

Македонија годинава слави 30 години независнот. Триесет години ниту една Влада не успеа да ја спречи деградацијата на Охридскиот Регион. Единствен логички заклучок е дека оваа земја нема капацитет, ниту граѓанска и политичка волја да го задржи статусот на Охридскиот Регион. Листите на УНЕСКО се само формалност, предмет во папка, лист хартија. Треба да сме благодарни дека сме привилегирани Охрид да ни е тука. Со сите организими кои живеат во езерото милиони години, низ кои може да се следи еволуцијата на оваа планета. Со наколните неолитски населби, и кнезовите со златни маски од Требениште, и Лихнид, и Самуиловата тврдина, и Климент и Наум Охридски, и средновековните цркви. Затоа, со истиот жар со кој соопштувате дека сме се спасиле од Листата на културно наследство во опасност, искористете ги овие две години за спас на езерото!

 

Сподели