СВП го објави конкурсот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ го објави конкурсот  за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2022 година до 31 мај 2023 година. Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик (во книжен или електронски облик). На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, во која што поетското творештво е оригинално создадено на македонски јазик, односно не е превод од друг јазик.

На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи со согласност од авторот. Конкурсот ќе трае од денот на објавувањето до 25 јуни 2023 година.
Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат 6 (шест) примероци од книгата на следната адреса:

Манифестација „Струшки вечери на поезијата“
Поштенски фах 111
„Браќа Миладиновци“ бр.5
6330 Струга
Со назнака на пликото дека книгите се за конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година.

Доколку се работи за печатени публикации, покрај доставените 6 примероци од книгите, авторите или издавачите препорачливо е да ги достават и во електронска форма (во .pdf формат) на следната адреса: [email protected]. Недоставувањето на книгите во електронски pdf формат не ги исклучува авторите или издавачите од учеството на конкурсот.
Интегралниот текст на Конкурсот со критериумите и условите може да го видите на веб страницата на „Струшки вечери на поезијата“.

Сподели