Саниран Меморијалниот комплекс на паднатите борци во Штип

Заводот и музеј од Штип го санираше Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата, поставен на археолошкиот локалитет „Исар“. Исклучително значајното спомен-обележје е архитектонско-скулптурално дело на Богдан Богдановиќ (1922, Белград – 2010, Виена), еден од најпознатите архитекти на 20 век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија.

Делото на Богдановиќ било избрано на конкурс за да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна, како чин на комеморација. Тој пет гпдини работел на споменичкиот комплекс кој бил свечено откриен на Денот на ослободувањето на Штип, 8 Ноември, во 1974 година.

Екипите од штипскиот музеј ги отстранија нечистотиите, вегетацијата, бројните графити на сите делови од комплексот со што се сочуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и други активности.

Активностите ги финансира Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, како дел од акцијата за реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од НОБ, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата зеја. Иако според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни општините, односно Градот Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја.

Сподели